Сашо Клековски: Порано или подоцна широка влада ќе организира нови избори

Излезот од политичката ситуација во Македонија е во преодна влада која ќе доведе до нови избори, или одреден период во кој треба да се спроведат одредени реформи по препораките на Прибе и активно да се влезе во решавање на спорот за името. Политичкиот аналитичар, Сашо Клековски, во интервју за Прес24, вели дека и во едниот и во другиот случај кој и да ја формира Владата, ќе мора да има широка поддршка на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

-Прашањето кога ќе има нови избори, зависи и од која Влада ќе ги спроведе изборите. Секој трет граѓанин на Македонија во моментот преферира Влада на голема или широка коалиција, како излез од политичката криза, по што би можело да се одржат нови избори. Но меѓу симпатизерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, големо мнозинство е за формирање на Влада која ќе ја предводи сопствената партија. ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира Влада, а прашање е дали и СДСМ ќе успее да формира Влада. Оттука порано или подоцна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ако не бидат упатени едни на други за формирање на Влада на голема или широка коалиција, ќе бидат упатени едни на други на политички дијалог за излез од политичката криза, а тоа ќе вклучува и нови избори, вели Клековски за Прес24.

-Манифестот за единствена Македонија на ВМРО-ДПМНЕ, по клучните зборови употребени како национален дијалог, ЕУ/НАТО, името, референдум, јазикот, идентитетот, самоидентификување, добива призвук на програма за Влада на голема или широка коалиција, која би имала мандат да влезе во активни преговори за спорот за името со Грција, потенцира Клековски во интервјуто.

Клековски потенцира дека платформата на албанските партии е платформа за спас на ДУИ и во нејзе има и многу ирационални точки.

- Начинот на кои се отвори дебатата за платформата влијаеше на продлабочување на кризата. На пример со Законот за јазици. Договаран меѓу СДСМ и ДУИ во тајност, каде одлучуваат центри на моќ, мали групи во двете партии, а не институциите. Законот наводно ќе се носел во скратена постапка, да се избегне парламентарната и јавна расправа. Наводно и двојазичност на парите ќе се уредела со овој закон, иако дизајнот на парите согласно со став 3 од член 25 од Законот на Народна банка е надлежноста на НБРМ. Дали е тоа упад во НБРМ, упад во туѓи надлежности? И на крај законот наводно предвидува казни од 5.000 евра. Не ли се тоа драконски казни? Дали истиот професор кој пред 15 години не убеди дека Претседателот на Собранието не смее да говори албански, сега ќе не убедува дека треба да има право? Дали активистите на Шарената револуција кои се бореа против одлучување на центри на моќ и во тајност, против закони во скратени постапки, против упади во другите власти, против драконски казни како метод на заплашување на граѓаните, ќе кажат нешто за законот за јазиците?, вели Сашо Клековски во интервјуто за Прес24.

Тој сепак смета дека состојбата во Македонија нема да се претвори и во безбедносна криза.

 

ПРЕС24: По речиси три месеци од изборите на 11 декември профункционира Собранието. Но, според она како засега се одвива дебатата, таа ќе потрае... За многумина беше за очекување ваква позиционираност на ВМРО-ДПМЕ. Може ли ваквата состојба на крај сепак да резултира со избори?

КЛЕКОВСКИ: На крај сепак ќе има избори (предвремени парламентарни), само прашање е кога и која Влада ќе ги спроведе изборите. Постизборната сага за изборот на мандатар за нова Влада по изборите одржани на 11 декември 2016 година, ќе продолжи одреден период и дури е можно да ги достигнеме рекордот на Холандија од 200 дена или пак на Босна и Херцеговина од 450 дена или на Белгија од околу 600 дена во преговори за нова Влада! Секако воведот во сагата беа резултатите на изборите, кои донесоа распоред на мандати кои не ветуваа брзо и лесно формирање на мнозинство, а и евентуално формираното мнозинство од неколку пратеници, би било нестабилно и за редовно работење, а не пак за посериозни реформи или пак двотретинско мнозинство за системски закони.

Прашањето кога ќе има нови избори, зависи и од која Влада ќе ги спроведе изборите. Секој трет граѓанин на Македонија во моментот преферира Влада на голема или широка коалиција, како излез од политичката криза, по што би можело да се одржат нови избори. Но меѓу симпатизерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, големо мнозинство е за формирање на Влада која ќе ја предводи сопствената партија. ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира Влада, а прашање е дали и СДСМ ќе успее да формира Влада. Оттука порано или подоцна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ако не бидат упатени едни на други за формирање на Влада на голема или широка коалиција, ќе бидат упатени едни на други на политички дијалог за излез од политичката криза, а тоа ќе вклучува и нови избори.

ПРЕС24: Како ја коментирате иницијативата за кандидат за претседател на Собранието да биде Талат Џефери од ДУИ?

КЛЕКОВСКИ: Талат Џафери, е пратеник во Собранието на Македонија, и како сите пратеници може да биде избран за Претседател на Собранието. Тоа е одлука на парламентарното мнозинство. Ако е прашањето дали етнички Албанец може да биде Претседател на Собранието, одговорот е да. На крајот на социјализмот во два мандати Претседател на Собранието на Македонија беше Вулнет Старова. Неколку пати имам  изјавено дека сметам дека покојниот Абдурахман Алити можеше да биде одличен Претседател на Собранието. Дали Талат Џафери треба да биде Претседател на Собранието, треба да одлучат пратениците.

Едно од прашањата од Манифестот за единствена Македонија на ВМРО-ДПМНЕ е дали позицијата на Претседател на Собранието следи на партијата победник или коалицијата победник, и дали таа позиција може да биде злоупотребена за одлагање на изборите? Тука повторно проблемот дека иако ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ на изборите на 11 декември, ВМРО-ДПМНЕ како партија или коалиција нема мнозинство во Собранието, а Претседателот го избира мнозинството на пратеници. Потпрашањето за злоупотреба на функцијата за одлагање на изборите (мз. за одлагање на кои избори станува збор?), укажува на тоа дека во позадина има разговори за нова Влада и нови избори.

ПРЕС24: ВМРО ДПМНЕ како што најави, минатата недела објави еден документ, наречен патоказ за излез од кризата. Може ли тој документ да биде основа за некакви нови политички договори?

КЛЕКОВСКИ: Манифестот за единствена Македонија на ВМРО-ДПМНЕ, по клучните зборови употребени како национален дијалог, ЕУ/НАТО, името, референдум, јазикот, идентитетот, самоидентификување, добива призвук на програма за Влада на голема или широка коалиција, која би имала мандат да влезе во активни преговори за спорот за името со Грција. Доколку дел од политичката криза се Евроатлантските интеграции и со нив поврзаниот спор за името, да овој документ може да биде основа за политички дијалог и договор за излез од политичката криза.

И за едно од прашањата во документот, дали опстојува принципот за формирање на Влада на победник со победник? Тој принцип, доколку се точни анкетите дека најмногу етнички Албанци би гласале за СДСМ, би водел во коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. На сериозната страна. Во целава политичка криза и во сите проблеми кои ги имаме, добра вест би била дека принципот формирање на влада „победник со победник“ е мртов, што може да помогне во процесот на деетнизација на политиката во Македонија.

ПРЕС24: Можен ли е воопшто некаков нов политички договор, особено што повторно е најавено доаѓање на претставник на ЕУ во Македонија, овој пат тоа е лично Доналд Туск? Се чини дека меѓународната заедница овие два месеци како да е прилично пасивна, ако се земе предвид интензитетот на медијаторство што го имаше во 2015 и 2016 година?

КЛЕКОВСКИ: ЕУ во неколку наврати говореше за формирање на Влада со најширока можна политичка поддршка. Тоа се чини не доби поддршка ниту во ВМРО-ДПМНЕ, ниту во СДСМ, како што на претходно прашање наведов дека симпатизерите на двете партии преферираат нивната партија да формира Влада. Кога има такви позиции, многу е тешко медијаторството. Мора да помине одреден период на пробување да се формира сопствена Влада, и доколку тоа не се случи партиите ќе бидат упатени на политички дијалог и договор. Доаѓањето на Доналд Туск, како и претходното на Фредерика Могерини, пред се е во контекст на регионалните прашања како евроатлантската интеграција, регионалната безбедност и можна нова мигрантска криза. Секако ќе бидат разговарани и внатрешни прашања како формирање на Владата, како фактор на стабилизација на Македонија.

ПРЕС24: Паралелно со продлабочувањето на кризата, веќе два месеци на улиците во Македонија се случуваат масовни протести. Како ги оценувате и во која форма тие можат да бидат во функција на решавање на кризата?

КЛЕКОВСКИ: Во Македонија имаме проблеми со разбирањето на мнозинството и малцинството, без разлика дали збориме за етничко или партиско во Парламентот. Имањето мнозинство не секогаш значи дека може да правите што сакате, имањето на мнозинство значи одговорност за водење на државата и градење на национален договор за клучните национални и државни прашања. Разбирањето на мнозинство, како отсуство на слух за малцинството, е дел од генераторите на политичката криза. Сега кога СДСМ говори за мнозинство, дека има 67 пратеници, за кои гласале 700.000 гласачи, заборава дека на другата страна има 53 пратеници за кои гласале нешто помалку од 500.000 гласачи. И кога на двете страни има респектабилни ривали, мора да се води политички дијалог за клучни национални и државни прашања. И дека решенијата посебно за прашања како името, јазикот, идентитетот се можни само со најширока можна поддршка. Од таа страна протестите се во функција на решавање на кризата во смисла дека договори на штета на националните и државните интереси нема да поминат.

ПРЕС24: Кој ја продлабочи кризата? И која е улогата на платформата на албанските партии? Како Вие ја оценувате самата платформа, која дојде по сугестии на Тирана?

КЛЕКОВСКИ: Платформата на трите партии ДУИ, Беса и ДРДПА, по моето разбирање е со авторство на ДУИ, а кумството од Тирана е во функција на притисок врз другите албански партии да ја прифатат. Платформата содржи еден дел рационални барања, најголем дел веќе познати и дебатирани, и еден дел ирационални барања. Платформата може да се објасни со потреба на создавање на чувство на ургентност во адресирање на овие прашања. Деновиве некои аналитичари потсетуваат дека целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор е составен дел од Договорот во Пржино, и дека платформата е само алатка за реализација на тој дел од Договорот во Пржино. Второто можно објаснување, кое не го исклучува првото е  дека платформата е дневнополитички обид, пред сè на ДУИ, за дефокусирање на јавноста, за етнизација на јавната расправа, простор во кој ДУИ подобро се снаоѓа од дел од политичките ривали. И тоа се случува деновиве, расправата за формирање на нова Влада е целосно доминирана платформата и посебно од прашањето на „двојазичност“. На тој начин платформата е платформа за спас на ДУИ.

Начинот на кои се отвори дебатата за платформата влијаеше на продлабочување на кризата. На пример со Законот за јазици. Договаран меѓу СДСМ и ДУИ во тајност, каде одлучуваат центри на моќ, мали групи во двете партии, а не институциите. Законот наводно ќе се носел во скратена постапка, да се избегне парламентарната и јавна расправа. Наводно и двојазичност на парите ќе се уредела со овој закон, иако дизајнот на парите согласно со став 3 од член 25 од Законот на Народна банка е надлежноста на НБРМ. Дали е тоа упад во НБРМ, упад во туѓи надлежности? И на крај законот наводно предвидува казни од 5.000 евра. Не ли се тоа драконски казни? Дали истиот професор кој пред 15 години не убеди дека Претседателот на Собранието не смее да говори албански, сега ќе не убедува дека треба да има право? Дали активистите на Шарената револуција кои се бореа против одлучување на центри на моќ и во тајност, против закони во скратени постапки, против упади во другите власти, против драконски казни како метод на заплашување на граѓаните, ќе кажат нешто за законот за јазиците?

ПРЕС24: Дали Претседателот Ѓорге Иванов го прекршува Уставот и можно ли е негово заобиколување во процес на формирање Влада?

КЛЕКОВСКИ: Кршењето на Уставот, претпоставувам е во врска со недавањето на мандат на Зоран Заев од страна на Ѓорге Иванов, Претседател на Републиката, поради наводното прифаќање на Платформата на ДУИ, Беса и ДРДПА. Точно е дека во 1991 година Киро Глигоров, тогашниот Претседател на Републиката, неколку месеци не го давал мандатот, дури ВМРО-ДПМНЕ не се согласиле со мандатар прифатлив за самиот претседател. Точно е дека во 1992 година, повторно Киро Глигоров го дал мандатот по враќањето на мандатот од ВМРО-ДПМНЕ, на Петар Гошев, СДСМ, а потоа по враќањето на мандатот од негова страна го дава на Бранко Црвенковски, СДСМ, а не на третата партија по ред (во тоа време ПДП). И ВМРО-ДПМНЕ има поднесено претставка до Уставен суд. Уставниот суд се прогласил за ненадлежен, но потврдува дека доделувањето на мандат е во исклучува надлежност на Претседателот на Републиката.

Но Претседателот на Републиката не може да не додели мандат ако има јасно мнозинство, во случајов 67 пратеници, поради неодобрување на програма или платформа. Прво, бидејќи тоа е засновано на претпоставки, Владина програма не постои или барем не е јавно позната. Второ, секако клучно Претседателот на Републиката нема надлежност да одобрува или не Владини програми, тоа е исклучива надлежност на Собранието. Собранието е единствено надлежно да одобрува или не, Владина програма, да донесува или не закони, и никој друг. На Претседателот може да му се свиѓа или не мандатарот, може да му се свиѓа или не партијата и политичката програма, може да одолговлекува или не, но на крај негова должност е да го даде мандатот на мнозинството во Собранието, а тоа одлучува дали ќе ја прифати или Владината програма или закони. А Уставниот суд е единствен надлежен да ја цени уставноста на донесените закони. Во спротивно Претседателот ја суспендира суштината на демократијата и изборите. Зошто избори ако Претседателот одбива да го даде мандатот на тој што ќе формира мнозинство.

Од друга страна, јасно е дека давањето на мандатот е исклучива надлежност на Претседателот на Републиката. Да не е така немаше цела меѓународна заедница да апелира до Ѓорге Иванов да го даде мандатот. Секој обид да се формира нова Влада без при тоа мандатот да биде доделен од страна на Претседателот на Републиката ќе ја ескалира кризата.

ПРЕС24: Во која фаза сега се наоѓа кризата. Велат почна како политичка, па имаше фаза на системска, дали сега сме во институционална и дали крајната фаза би била и безбедносна криза?

КЛЕКОВСКИ: Јас сакам да бидам оптимист, и да сметам дека во Македонија, нема услови за внатрешно генерирана безбедносна криза, ниту на меѓуетничка ниту на меѓупартиска основа. Најдобра илустрација е вооружениот инцидент на 9 мај 2015 година во Куманово, кога инцидентот беше изолиран, и не доведе до безбедносна криза. Институциската криза, е во фаза на решавање, бидејќи Собранието се свика и почна да функционира, со многу говори надвор од дневен ред и реплики, но почна да функционира. Следни битни чекори се избор на Претседател на Собрание и евентуално избор на нова Влада. За тоа да се случи најверојатно ќе биде потребен политички дијалог и договор за следните или новите предвремени парламентарни избори. Договор за Претседател на Собранието, Влада и за предвремени парламентарни избори, ќе ја реши институциската криза, и ќе трасира пат за излез од кризата.

ПРЕС24: Каде Вие го гледате излезот од оваа криза?

КЛЕКОВСКИ: Во многу коментари и анализи за „бомбите“, „пучот“ и ставовите на меѓународната заедница, како и во моите последни коментари за посетата на Фредерика  Могерини („Да се раздвои името од владеење на правото“) коментирам дека е нејасно дали политичката криза во Македонија е резултат на потреба за владеење на правото и борба против корупција или дел од притисокот за решавање на спорот за името, двете прашања важни за натамошните евроатлантски интеграции. Одговорот не мора да биде „или,или“, туку може да е „и,и“. Како и да е потребна ни е Влада, преодна која ќе не доведе до нови избори, или за одреден период во кој ќе се спроведат реформите на Прибе и ќе се влезе во активно решавање на спорот за името. И во едниот и во другиот случај кој и да ја формира Владата, ќе мора да има широка поддршка на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Излезот е во воспоставување на политички дијалог.

И потребна е транзиција на политичко лидерство, потребен е егзит од политика на Никола Груевски и Зоран Заев, како и на Али Ахмети и Мендух Тачи, и стапување на сцена на ново политичко лидерство кое не е дел од „бомбите“ и „пучот“, кое не е дел од политичката криза.

ПРЕС24: Можно ли е оваа криза во Македонија да се прелее во соседните држави во регионот? Која е улогата на САД, а која на Русија во оваа криза во Македонија?

КЛЕКОВСКИ: Верувам дека Македонија ќе најде решение за својата криза. Но регионалните предизвици се сериозни. Пред извесно време во посета на регионот беше Фредерика Могерини, која е комесарка за безбедносна политика, а сега ќе има посета на регионот и Доналд Туск. Кога ќе се види дека цел на посетата е да се осигури „неповратноста на процесот на интеграција на овие земји во Унијата“, при што „регионалната соработка и добрососедските односи остануваат од суштинско значење“, се отвора дилемата дали има закана за неповратноста на интеграциите во ЕУ и дали добрососедските односи, односно меѓусоседските тензии се таа закана. На почетокот на февруари во „Кој пали огин во балканското буре барут“ коментирав за индикации за можна нестабилност во регионот.

Минатата година повеќе западни претставници и експерти предупредува дека Балканот е дел од новата геополитичка трка помеѓу Русија и Западот. Џон Кери, шефот на американската дипломатија предупреди дека повеќе балкански земји, меѓу кои и Македонија, се „на линијата на огнот“, кога станува збор за односите помеѓу Москва и Вашингтон. Потоа кон крајот на годината се објавија делови од НАТО документ за Балканот според кој е НАТО е подготвен да интервенира во регионот за да спречи меѓуетнички конфликт. Според НАТО двете закани за Балканот се дестабилизирачки активности на Русија и повратниците од војните на Исламската држава. Руската дестабилизација вклучува  политички пораки, изградба на врски со припадниците на елитите, како и инвестиции во енергетскиот и медиумскиот сектор. Земајќи ги во предвид руските активности во клучни земји на Западот, вклучувајќи ги САД, Франција, Германија, ваквите предупредувања звучеа веродостојно. Веродостојноста се зголеми кога при крајот на минатата година на претседателските избори во Молдавија и Бугарија победија отворено проруски кандидати.

 

Можна е геостратешка конфузија во регионот, кон која покрај руска одлучност и асертивност и крајот на турскиот демократски експеримент и растот на Ердогановата авторитарност, придонесува и очекуваната британска преокупираност со брегзитот, Трамповиот американски изолационизам или нов американски унилатерализам и тешката изборна година во ЕУ (Холандија, Франција, Италија, Германија). Или со отсутна Америка, слаба Меркел и ЕУ, јак Путин и Русија, и присутен Ердоган и Турција, постои голема веројатност за геополитички тензии. 

 

 

 

03.04.2017 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа