Роза Т. Каревска: СЈО не ја оправда довербата

 

 

Да бидам искрена мислев дека со самото доаѓање во Собранието,  обвинителката го променила својот став за нелегитимноста на пратениците и институциите на Државата. За жал како што самата кажа нејзиниот став останал непроменет, а дека е така потврди и со нејзиното манифестирање на ароганција кон одредени пратеници, при што наместо да одговара за нејзината работа опфатена во извештајот, таа претпочиташе да поставува прашања“. Вака пратеничката Роза Топузова Каревска во интервју за „Прес24“ го анализира собранискиот настап на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Пратеничката Топузова Каревска вели дека настапите на Јанева се скандалозни, особено потенцирајќи го случајот во кој специјалната јавна обвинителка во Парламентот се дрзна да и сугерира на пратеничката чии ставови треба да застапува.

-Недолично и недопусливо е обвинителката да не знае дека пратениците во Парламентот ги претставуваат  и застапуваат граѓаните, а не партиите, одговара Топузова Каревска.

Според пратеничката, извештајот на СЈО е далеку од она што треба да биде сериозен извештај.

-Особено имам забелешки на финансискиот дел од извештајот на кој се посветени само 39 реда и тие со штури податоци. За жал, од еден вака срочен извештај ниту пратениците ниту јавноста немаат можност да добијат јасна слика за ефикасноста на СЈО. Извештајот за досегашната работа на  обвинителката и нејзиниот тим не само што не  ги исполни очекувањата на јавноста, туку и ги разочара сите оние кои непристрасно и објективно го оценуваат сработеното, потенцира во интервјуто за Прес24, пратеничката Каревска.

Таа потенцира дека досегашното функционирање на СЈО, покажало дека таа институција е далеку од објективна и независна.

-Не се во прашање само капацитетите туку пред се волјата на обвинителката и нејзиниот тим за неселективен, независен, непристрасен и објективен  пристап при работата на предметите. Да потсетам СЈО беше формирано со цел во   девастираниот правен систем, за кој години наназад во Извештајот од Европската комисија  добиваме сериозни забелешки, да воспостави ред, да ја врати правдата и вербата кај граѓаните. Токму поради ова доколку сака да го оправда своето постоење СЈО мора во целост да се дистанцира од било какви партиски влијанија, со ниту една своја постапка да не манифестира наклоност кон било која партија и да работи исклучиво во име на правдата, граѓаните и Државата, вели за Прес24, пратеничката Роза Топузова Каревска.

ПРЕС24: Неделата што измина беше во фокус на случувањата со Специјалното јавно обвинителство. На комисиската расправа во Собранието Вие имавте едена ситуација во која Катица Јанева се дрзна да Ви сугерира чии позиции треба да застапувате во законодавниот дом. Кој е Вашиот коментар на овие позиции на Јанева?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Впрочем и овој нејзин истап беше во склад со нејзиното однесување на седницата на комисијата за политички систем. Да бидам искрена мислев дека со самото доаѓање во Собранието,  обвинителката го променила својот став за нелегитимноста на пратениците и институциите на Државата. За жал како што самата кажа нејзиниот став останал непроменет, а дека е така потврди и со нејзиното манифестирање на ароганција кон одредени пратеници, при што наместо да одговара за нејзината работа опфатена во извештајот, таа претпочиташе да поставува прашања. Упатувајќи ми крајно неумесно и депласирано прашање, патем кое и го сугериаа шепнувачите од задните редови, таа покажа целосно непознавање на  Уставот,  политичкиот систем и парламентарната демократија.

Недолично и недопустливо е обвинителката да не знае дека пратениците во Парламентот ги претставуваат  и застапуваат граѓаните, а не партиите. Според нејзината логика независните граѓани или оние кои гласале за некоја вонпарламентарна партија, па дури и оние кои на денот на изборите не биле во можност да гласаат немаат право да бидат застапувани во Парламентот,  немаат право за нивните проблеми и потреби да се проговори во храмот на демократијата, немаат право  во нивно име да се постави пратеничко прашање, немаат право да добијат одговори за проблемите со кои се соочуваат или  пак преку  народните избраници да побараат одговорност од претставниците на власта.

ПРЕС24:  Дали Ваквите позиции на Јанева може да се толкуваат и како некој вид закани?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Јас не ги доживувам како закана кон мене,  зошто нема за што и со што да ми се заканува.

ПРЕС24:  Како го оценувате извештајот на СЈО за досегашната работа кој е предмет на дебата во Парламентот?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Формирањето на СЈО најголемиот број на граѓани го дочекаа како проблесок на правдата и очекуваа, час поскоро, да ја дознаат вистината за нелегалното прислушување, да ја дознаат вистината за криминалот,  корупцијата, изборните нерегуларности, партизираното судство и за се друго што го слушаа во таканаречените бомби. Токму поради ова извештајот требаше да биде исцрпен, целосно издржан и сеопфатен. За жал добивме еден оскуден извештај со многу фрази, флоскули, општи места и недоречености. Извештај од кој не може да се има јасна слика што сработило обвинителството во изминативе 6 месеци или една година. Од 15 страни две се посветени на просториите, градежните зафати, преселбата и условите за работа на обвинителката и нејзиниот тим. Еден дел е посветен за соработката со државните органи, при што се споменуваат опструкции од државните институции, но конкретно освен забелешките кон Јавните обвинителства од извештајот не може да се види кои други органи не соработувале со СЈО. Сметам дека во интерес на ова обвинителство е пратениците да занаат кои институции ја попречуваат работата или не соработуваат, со цел преку законските механизми да помогнат да се надмине ваквата ситуација. Особено имам забелешки на финансискиот дел од извештајот на кој се посветени само 39 реда и тие со штури податоци за што и како се одобрени околу 4 милиони евра, народни пари. Во овој дел, освен двете цифри, едната во износ од околу 8,5  милиони денари потрошени за изведба на градежните работи на просториите и неполни 4 милиони денари за закуп, не се споменува ниту една друга сума од потрошените пари. Ако кон ова се додаде дека во извештајот нема информации за ангажираните експерти, надворешни соработници и нивните хонорари станува сосема јасно дека во него недостасуваат уште многу податоци и во овој формат тој е далеку од тоа да биде транспарентен.

За жал, од еден вака срочен извештај ниту пратениците ниту јавноста немаат можност да добијат јасна слика за ефикасноста на СЈО. Извештајот за досегашната работа на  обвинителката и нејзиниот тим не само што не  ги исполни очекувањата на јавноста, туку и ги разочара сите оние кои непристрасно и објективно го оценуваат сработеното.

ПРЕС24:  На оваа собраниска расправа и претходеше едно интервју на Јанева на МТВ. Настрана оној дел што беше објавување на интегралниот материјал. Добар дел правни експерти кои држат до својата објективност ова интервју го оценија како дебакл во кој специјалната јавна обвинителка покажува елементарни непознавања од материјата која и е доверена за работа?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Сметам дека објавувањето  на интегралниот материјал од телевизискиот настап на Јанева, беше неетичко и непотребно. Самото интервју беше сосема доволно за да се види интелектуалниот и професионалниот капацитет на специјалната обвинителка. Не се работи само за недостаток на елоквенција и трема пред камера, зошто нелогично и несфатливо е доколку се работи за професионалец, стручен и компетентен во областа, и згора на се кој посветено и одговорно ги исполнувал работните обврски да нема капацитет пред  јавноста да го презентира сработеното.

ПРЕС24: Спротивно на ова има една чудна ситуација во која добар дел аналитичари, новинари... критичари на власта ја амнестираат Јанева од постапките за кои веројатно нема  никаков простор за оправдување. За што станува збор, за непринципиелност, или пак за организирана кампања со политичка агенда дека Јанева е та која треба да одработи некако позитивен резултат на изборите за опозицијата?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Многу често говорам за објективност при информирањето. Доколку новинарите и аналитичарите претендираат нивните ставови јавноста да ги доживува сериозно и да им верува мора да бидат објективни и непристрасни. За жал кај нас се се помалубројни тие кои ги почитуваат овие принципи, ми  се наметнува чувството дека  има натпревар кој поревносно да застане во одбрана на неодбранливото. Но јас се уште верувам дека колку и да се гласни мегафоните на власта и опозицијата голем дел од народот знае да процени што е вистина. Што се однесува пак до обвинителката таа треба да одработи позитивен резултат за разрешување и излез од кризата.

ПРЕС24:  Од каде Јанева ја црпи силата, енергијата за ваков слободно кажано дрзок нејзин настап од позиција дека таа и СЈО се единствените кои можат да го вратат правниот поредок во државата?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: СЈО и беше формирано за да придонесе за враќање на правдата и правниот поредок, да даде одговори и за тоа кој незаконски прислушувал над  20 000 граѓани и за содржината од незоконски прислушуваниот материјал.  Неефикасноста, непринципиелноста, ароганцијата и дрскоста секако нема да наидат на оправдување  ниту кај македонската јавност ниту кај меѓународниот фактор.

ПРЕС24: Реално колкави се капацитетите, пред се интегритетот на СЈО да може да обезбеди некаква објективност во предметите што ги, или ќе ги процесуира?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Не се во прашање само капацитетите туку пред се волјата на обвинителката и нејзиниот тим за неселективен, независен, непристрасен и објективен  пристап при работата на предметите. Да потсетам СЈО беше формирано со цел во   девастираниот правен систем, за кој години наназад во Извештајот од Европската комисија  добиваме сериозни забелешки, да воспостави ред, да ја врати правдата и вербата кај граѓаните. Токму поради ова доколку сака да го оправда своето постоење СЈО мора во целост да се дистанцира од било какви партиски влијанија, со ниту една своја постапка да не манифестира наклоност кон било која партија и да работи исклучиво во име на правдата, граѓаните и Државата.

ПРЕС24:  СЈО беше формирано со мандат од 18 месеци. Сега се заговара продолжување на неговиот мандат. Има ли основа за такво нешто?

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Уште кога се носеше законот укажував дека тој е срочен набрзина, со многу недостатоци  и недоречености без да се почитува највисокиот акт на државата  Уставот. Меѓу другото изразив сомнение дека за предметите за кои СЈО треба да покрене обвиненија , имајќи го во предвид обемниот материјал,  времето предвидено во законот не е доволно без разлика на капацитетот и човечките ресурси со кои располага обвинителството. Од друга страна, сепак сметам дека, мора да постои некоја временска рамка и не може како што бара обвинителката да нема никакви ограничувања на рокот, зошто според  досегашната динамика на работа со разгледани 12% од прислушуваните материјали на СЈО ќе му бидат потребни уште најмалку десетина години. Во интерес на Државата е што е можно побрзо да си ја заврши работата и да покрене обвиненија. 

ПРЕС24:  Дали СЈО, односно Јанева која вели дека сите институции во државата се нелегитимни, претендира да прерасне во некаков вид на институција која ќе ги контролира политичките текови во државата?

 

ТОПУЗОВА КАРЕВСКА: Ако судиме врз основа на нејзините изјави и настапот во Парламентот се наметнува токму таков впечаток. Но јас, во интерес на напредокот и просперитетот на Државата верувам дека тоа нема да се случи .

 
 
28.09.2016 - 10:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа