Ристо Никовски: Дали ќе има избори на 11 декември, или не, овој пат - ризикот е дома

 

 

„Иако сите партии, барем начелно, сега се согласуваат дека условите се исполнети, сепак, има доста прикриени дилеми или, поточно, калкулации“.  Вака дипломатот од кариера, Ристо Никовски и политички аналитичар ја оценува актуелната политиќка состојба во државата, потенцирајќи дека се уште нема кристално јасна слика дали изборите на 11 декември ќе се случат. За евентуално ново одложување, смета дека сега ризиког е дома.

-Опозицијата, со писмото на Заев до амбасадорите на САД и ЕУ, веќе започна со отворање простор за можно повлекување. Ако анкетите до крај покажуваат дека ќе ги загубат, не треба да се исклучи дека тие, и покрај притисокот на странскиот фактор, чии вазали се долго време, сепак можат да одат на бојкот. Втората опција, која е помалку веројатна, по изборите, повторно да не ги признаат резултатите. Во случај на пораз, и само со еден глас разлика, политичката кариера на лидерите на опозицијата ќе мора да заврши а кога се во очај, луѓето се спремни на се’. Тука се кријат неизвесностите, вели Никовски во интервјуто за Прес24.

Никовски потенцира дека оние кои ја создадоа кризата сега ја контролираат и ситуацијата. Во игра е планот Б, откакао првичниот план за смена на власта не помина.

-Треба да бидеме свесни дека кризата, која две години ги тресе темелите на државава, не е случајна и не е наш, “локален“ производ. Клучната цел беше да се промени власта заради нејзината неспремност да прифати промена на името на државата и, неизбежно, разнебитување на македонскиот народ. Намерата беше да се донесе опозицијата на власт бидејќи таа покажува спремност да го витка ’рбетот. Прислушувањето беше апсолутно странски проект (читај на Вашингтон) кој, меѓутоа, заедно со “бомбите“ на Заев, не ги даде посакуваните резултати. Откако видоа дека не успееја да го залажат народот, сега е во игра “Планот Б“ кој има задача максимално да ја намали победата на владеачката партија. Тоа да биде некаква Пирова победа, која би резултирала во проблеми околу составот на новата влада, поголема зависност од коалицискиот партнер кој, сосема програмирано од надвор, ќе бара нови непринципиелни отстапки и слично, вели Никовски за Прес24.

Во овој процес на ослабување на ввласта клучна улога има СЈО.

-Нам ни треба СЈО дури, ако мора, и со странец на чело. Меѓутоа, сегашново се изрезили и се покажа како сосема нерелевантно бидејќи, од првиот момент започна да се занимава со политика, место без никакви калкулации да се бори против криминалот. За жал, така и продолжува. Такво какво што е – ова СЈО воопшто не ни треба. Тоа треба што поскоро да се фрли на ѓубриштето од историјата бидејќи го навредува самочувствието на овој народ и е неприфатливо за сите што објективно размислуваат. Факт е, сепак, дека  некои дома, заедно со странците, се обидуваат преку него политички да профитираат, што е навистина жалосно.

Апсолутно подржувам една ваква институција која, без да се меша во политиката, што не е нејзина работа, би се посветила на борба со криминалот и корупцијата бидејќи на тој план, мора да признаеме, малку сме направиле, вели Ристо Никовски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Може ли од последната посета на еврокомес арот за проширување, Јоханес Хан и од неговата изјава да се извлече заклучок дека патот до избори на 11 декември за Брисел е чист?

НИКОВСКИ: Со релативно голема сигурност можеме да констатираме дека за Вашингтон и Брисел патот за избори е чист. По две (од нив!) изманипулирани одлагања тие немаат образ и трет пат да се резилат. Не треба да имаме никакви дилеми дека избори не се одржаа во април и јуни, како што беше предвидено, токму заради интересите на странците. Нив им требаше подолго време со цел да му овозможат на СЈО да го испорача тоа за што го формираа и, преку тоа, да се крене рејтингот на опозицијата, која немаше поголема улога во целиот процес.

ПРЕС24:  Но, дали за партиите во Македонија тој пат исто така е чист, во смисла на прифаќање на реалноста дека условите за фер избори се исполнети?

 

НИКОВСКИ: Дали ќе има избори на 11 декември, или не, овој пат - ризикот е дома. Иако сите партии, барем начелно, сега се согласуваат дека условите се исполнети, сепак, има доста прикриени дилеми или, поточно, калкулации. Опозицијата, со писмото на Заев до амбасадорите на САД и ЕУ, веќе започна со отворање простор за можно повлекување. Ако анкетите до крај покажуваат дека ќе ги загубат, не треба да се исклучи дека тие, и покрај притисокот на странскиот фактор, чии вазали се долго време, сепак можат да одат на бојкот. Втората опција, која е помалку веројатна, по изборите, повторно да не ги признаат резултатите. Во случај на пораз, и само со еден глас разлика, политичката кариера на лидерите на опозицијата ќе мора да заврши а кога се во очај, луѓето се спремни на се’. Тука се кријат неизвесностите.

ПРЕС24:  Опозицијата, а особено СЈО очекуваше дека Хан може да го наметне како дополнителен услов изгласувањето на измените на законите за СЈО. Тоа не се случи. Но, сепак можно ли е тој процес сепак да се врати во игра преку дипломатите во Скопје?

НИКОВСКИ: Не треба да забораваме дека јавноста не знае за што се’ се разговарало на средбите на Хан. Макар со тие што имаат резерви кон СЈО, вакво какво што е. Измените на законите за СЈО сигурно биле на дневен ред ама и на Хан му е јасно дека, засега, собраниските можности за такво нешто се целосно исцрпени и тоа е сигурно оставено за по изборите. Во таа насока, најверојатно, биле и неговите “директиви“.

ПРЕС24:  Досегашните анкети покажуваат дека на 11 декември нема да има драстична промена на расположението на гласачите. Тоа во резултат веројатно би значело повторно победа на владејачката коалиција. Какви се вашите очекувања од изборите?

НИКОВСКИ: Треба да бидеме свесни дека кризата, која две години ги тресе темелите на државава, не е случајна и не е наш, “локален“ производ. Клучната цел беше да се промени власта заради нејзината неспремност да прифати промена на името на државата и, неизбежно, разнебитување на македонскиот народ. Намерата беше да се донесе опозицијата на власт бидејќи таа покажува спремност да го витка ’рбетот. Прислушувањето беше апсолутно странски проект (читај на Вашингтон) кој, меѓутоа, заедно со “бомбите“ на Заев, не ги даде посакуваните резултати. Откако видоа дека не успееја да го залажат народот, сега е во игра “Планот Б“ кој има задача максимално да ја намали победата на владеачката партија. Тоа да биде некаква Пирова победа, која би резултирала во проблеми околу составот на новата влада, поголема зависност од коалицискиот партнер кој, сосема програмирано од надвор, ќе бара нови непринципиелни отстапки и слично.

Да не забораваме дека опозицијата веќе започна со лицитирање на националните и државни интереси, се’ по странско сценарио (позицијата на албанскиот јазик...). Несвесно, нејзините лидери играат улога на заморчиња – Вашингтон ги жртвува со наметнување на теми кои ќе треба на еден, или друг начин да ја обврзуваат идната власт, која нема да биде нивна. За жал, нашите водечки опозиционери, заслепени од тесните лични и партиски интереси, за да успеат, спремни се да направат се’ што бараат странците, воопшто не водејќи сметка за фундаменталните интереси на државата и на македонскиот народ. Забораваат дека народот гласа, а не Вашингтон и Брисел.

ПРЕС24:  Ако опозицијата ги загуби изборите, тоа пак ќе мора да повлече признавање на изборните резултати од опозицијата. Но, ако и СДСМ знае дека овие се уште едни изгубени избори за нив и ако тие избори мора да бидат легитимирани со „честитање“ на победникот, тогаш политичката логика вели дека Македонија или наеднаш отишла многу напред во демократското поимање на состојбите, или пак излегувањето на опозицијата на тие избори можеби е врзано со некакво ново сценарио на оспорување?

НИКОВСКИ: Прво, мора да ни биде кристално јасно дека изборите се само првиот чекор за излез од кризата. Се разбира ако се успешни и од никого не оспорени. Како што видовме погоре, опасностите дека нема да биде баш така се – големи. Не чека жесток период и до 11 декември ама и потоа, со многу изненадувања. Негативни, се разбира. Дури и сите да учествуваат и да ги признаат резултатите, веќе спомнавме дека кризата може и да се продлабочи! Тоа би можело да се случи доколку се појаваат поголеми тешкотии при составувањето на владата,  слично како во Хрватска. Тоа може да води во нови избори, што би предизвикало огромни штети не само на политички туку уште поголеми на економски план, со сите сериозни рефлексии на социјалата, меѓу етничките односи...

ПРЕС24:  Верувате ли дека по 11 декември политичката криза ќе влезе во процес на разрешница?

НИКОВСКИ: Во случај се’ околу и по изборите да се одвива позитивно, земјата секако ќе тргне во правец на позитивна разрешница. И во најдобар случај, тоа ќе биде процес кој нема кратко да трае. Меѓутоа, сериозните проблеми, од кои некои спомнавме, ќе бидат бројни а со тоа и ризиците. Не треба да се заборава дека целта на оваа криза е да се прекрсти Македонија, преименувана веднаш да влезе во НАТО и така да се затвори нашиот простор за можен продор на Русија во регионот. Тоа е позадината на сите овие настани, на целата оваа од надвор диригирана криза. Затоа, што и да се случи со изборите, земјата ќе остане соочена со непремостлив предизвик. Тоа значи дека на Вашингтон му одговара контролирана криза, како оваа, за да може да ја постигне својата цел – промена на името на државата. Фрлени на колена, какви што сме сега, очекуваат дека најлесно ќе капитулираме. Тука се кријат клучните опасности кои ќе не демнат и во пост изборниот период.

ПРЕС24:  Каква изборна кампања очекувате?

НИКОВСКИ: Со оглед на длабоката повеќеслојна поделба, која е реалност во нашето општество, кампањата ќе биде по многу што експлозивна. Скоро сите политички фактори меѓу себе се гледаат преку нишан. Во такви услови не може да се очекува кампања на некое повисоко културно ниво. Конфронтираноста меѓу Македонците  е подлабока од било кога а слично е и кај Албанците. Кај нив, меѓутоа, постои целосен консензус околу националните интереси и затоа растат иредентистичките апетити. Нивните големоалбански екстремисти не можат ни да посакаат поубави услови од сегашните: додека Македонците ќе се изедат меѓу себе, тие можат, и веќе профитираат. Токму затоа, помалите нивни партии настапуваат со екстремни барања. Спортски, за нив, исто како и за Вашингтон, кој е слепо следен од Брисел, тоа се квалификува како – сега му е мајката! Впрочем, во  врска со името, од Вашингтон сосема отворено ни порачаа – кога ако не сега!

ПРЕС24:  Како СЈО ќе се однесува во овој изборен период. Можно ли е во изборна кампања СЈО да отвора нови и нови предмети против функционери на владеачката партија?

НИКОВСКИ: Никој не знае какви џокери крие СЈО. Тие добија сосема јасна улога – да ја раскринкаат власта што, до сега, не успееја да го постигнат. Посетата на Хан сигурно беше поврзана и со изненадувањата кои ни ги спремаат од оваа неуставна институција. Дека нема да мируваат до 11 декември е сосема јасно но дали нешто сериозно и ќе лиферуваат – ќе видиме. Засега, како изгледа, имаат само ќор - фишеци. Но...

ПРЕС24:  Дали СЈО ја оправда улогата што ја доби?

НИКОВСКИ: Во Македонија има многу и криминал и корупција, што не се само наш специјалитет. Барем во регионов, сигурно има и полоши од нас, што не е никаква утеха. Нам ни треба СЈО дури, ако мора, и со странец на чело. Меѓутоа, сегашново се изрезили и се покажа како сосема нерелевантно бидејќи, од првиот момент започна да се занимава со политика, место без никакви калкулации да се бори против криминалот. За жал, така и продолжува. Такво какво што е – ова СЈО воопшто не ни треба. Тоа треба што поскоро да се фрли на ѓубриштето од историјата бидејќи го навредува самочувствието на овој народ и е неприфатливо за сите што објективно размислуваат. Факт е, сепак, дека  некои дома, заедно со странците, се обидуваат преку него политички да профитираат, што е навистина жалосно.

Апсолутно подржувам една ваква институција која, без да се меша во политиката, што не е нејзина работа, би се посветила на борба со криминалот и корупцијата бидејќи на тој план, мора да признаеме, малку сме направиле.

 

ПРЕС24:  По вонредните парламентарни избори набргу се и локалните избори. Овие два изборни циклуса веројатно ќе бидат и преломни точки за партиите. Пораз на парламентарните можеби веднаш нема да повлече одговорност за раководството на СДСМ, но дали пораз и на локалните ќе значи и смени во СДСМ?

НИКОВСКИ: Доколку опозицијата се однесува одговорно, ако учествува на изборите и го прифати евентуалниот пораз, кој засега изгледа неизбежен, ова раководство, како што веќе рековме, ќе мора да си замине. Нам ни е потребна организирана и потентна опозиција, која ќе биде коректив на власта и ќе и дише цело време во врат. Во нивните редови сигурно има способни луѓе кои успешно ќе ги заменат сегашните кои се крајно искомпромитирани, по разни основи. Не може некој кој го лажел народот дека за шест месеци ќе ја внесе државата во НАТО, се’ уште да е во врвовите на политиката. Или пак лидерот, кој сака да каже ама не знае да рече, барем кога се во прашање некои стратегиски интереси на државата и народот.

Доколку овие избори целосно успеат и отворат простор за забрзано надминување на кризата, локалните избори ќе бидат прилика за афирмација на новото раководство на опозицијата. Во спротивно, со локалните лесно можат да се одржат и нови парламентарни.

ПРЕС24:  Како овие изборни циклуси би се одразиле во ВМРО ДПМНЕ?

НИКОВСКИ: Во изминатите 10 години, владеачката партија има постигнато видни резултати во повеќе области на општественото живеење и тоа мора да и се признае. Направено е повеќе отколку за сите претходни 15 години, особено на економски план. Од таму произлегува и нејзиниот висок рејтинг кај народот, кого не можеш да го лажеш. Меѓутоа, правени се и бројни грешки кои мораат длабински да се анализираат за да се извлечат потребните поуки. Целата оваа криза ги присилува на таков пристап. Ако не го сторат тоа, ќе направат непростлива грешка. Фактот што опозицијата е слаба не треба да се злоупотребува. Комоцијата која произлезе од бројните изборни победи се покажа како лош сојузник. Тоа не смее да се повтори. Нови грешки неизбежно ќе се прават ама старите никако не смеат да се повторуваат

 
 
16.10.2016 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа