Рекол дека нема што да пријави - Царината спречи обид за транспорт на дрога

Царинските инспектори од Одделението за оперативни работи, во координирана акција со инспектори од Министерството за внатрешни работи, спречија обид за недозволена трговија со дрога, при што се запленети околу 2.700 грама марихуана.

На ден 22.08.2017 година, околу 10:45 часот, во Скопје, бил пресретнат автомобил Mercedes C220 CDI со скопски таблички, за кој постоело сомневање дека се користи за транспорт на дрога. Автомобилот и возачот, македонски државјанин, биле однесени во просториите на царинската испостава Скопје 4, каде бил извршен детален преглед на возилото. Притоа во резервоарот на возилото бил пронајден бункер во кој биле сместени две кеси со непозната зелена тревкаста материја со вкупна маса од околу 2700 грама, за која со тестер за дрога биле добиени показатели дека се работи за марихуана. Сите изготвени документи, лицето и дрогата се предадени на инспекторите од Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

Покрај тоа, во текот на минатите две недели биле откриени една измама и неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани готови пари, платформа за превоз на возила, автоделови, моторно масло, облека, синтисајзери, рачни часовници и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Готови пари

- 11.800евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Во фиоката за документи, што се наоѓа пред совозачкото седиште, бил пронајден плик со 13.800 евра, за кои возачот не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.

Против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна пријава за сторениот девизен прекршок.

 Товарна платформа и автоделови

- 78 парчиња автоделови (браник, челен лим, фар, магленки, хауба, крила и поткрило),  10 литри моторно масло и други производи (ампули со колаген, фритеза, батерија за туш и облека),откриени во соработка со припадници на Министерството за внатрешни работи, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени во просторот за багаж на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

- 1 платформа за превоз на автомобили, откриена при контрола на документите на македонско товарно возило натоварено со еден патнички автомобил, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Делчево.  На прашање на царинските службеници, возачот изјавил дека нема ништо за пријавување за царинска контрола и дека го транспортира возилото на неговата сопруга кое останало во дефект во Бугарија. Откако царинските службеници забележале разлика помеѓу платформата и останатата шасија од возилото, извршиле контрола на сообраќајната дозвола, каде било наведено дека возилото е товарен фургон. Откако со проверка во електронските системи на граничната полиција било утврдено дека товарното возило престојувало во Бугарија од 07.08.2017 година до 26.08.2017 година, кога се појавило на влез во државата со натоварениот автомобил, возачот признал дека го однел товарното возило за да му се надгради платформа за превоз на возила, за што платил 1.200 евра.

На тој начин возачот се обидел да внесе непријавена стока во државата, поради што против него е изготвен записник за царински прекршок.

Музички инструменти и рачни часовници

- 5 синтисајзери и 980 рачни часовници, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонска државјанка, извршена на  патниот правец Деве Баир-Куманово, во багажникот на возилото биле пронајдени  5синтисајзеримарка KORG Pa4X, со вкупна вредност од околу 580 илјади денари.Музичките инструменти, за кои патничката не поседувала документ за потекло и платени царински давачки, се привремено задржани, а случајот е предаден на Одделението за истраги, кое поднесе кривична пријава  поради основано сомневање за сторено кривично дело “Криучарење”.

Во вториот случај,  при контрола на косовско патничко комбе, управувано од косовски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир, во фабричка празнина во подот на возилото, помеѓу предните и задните седишта, биле пронајдени 980 рачни часовници. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

- 17 пара детски тренерки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на багажот на македонски државјанин, кој патувал со косовски автобус, пријавен за влез во државата на граничнот премин Јажинце. Патникот ги пријавил тренерките за царинење, но истите биле привремено задржани поради сомневање дека претставуваат фалсификати на заштитени трговски марки.

Согласно законските прописи, Царинската управа ќе започне постапка за докажување на оригиналноста на производите.

Измама

Во царинска испостава  Кавадарци е откриен обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со приложување лажни докази за потекло на стока.

Во текот на 2016 година, увозник од Кавадарци, со една царинска декларација, пријавил за увозно царинење  машини за перење,  машини за сушење и ваљаци за пеглање на облека, при што приложил фактури со изјави за потекло, со цел стекнување на преференцијално потекло на стоката. Поради сомневање во автентичноста на доказите за потекло, фактурите биле испратени на дополнителна проверка до царинската служба на Велика Британија, од каде бил добиен одговор дека стоката не ги исполнува условите за стекнување на преференцијално потекло.

Врз основа на добиениот одговор пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 40 илјади денари и спроведена е прекршочна постапка со мандатна казна против фирмата увозник.

 

 

 

29.08.2017 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа