Разрешувањето на Зврлевски во четврток во рацете на пратениците

 

Зврлевски има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе по предлогот на Владата за негово разрешување.

Предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски денеска бил потпишан од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и испратен во Собранието на Република Македонија.

Откако ќе го добие, Собранието треба да закаже седница на која пратениците треба да го разгледаат и да гласаат за разрешувањето на Зврлевски. За разрешување на државниот јавен обвинител е потребно просто мнозинство од 61 пратеник. Зврлевски има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе по предлогот на Владата за негово разрешување.

Поради отсуството на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој учествува на безбедносен форум во Рига, Летонија, следната пленарна седница на Собранието е закажана за четврток.

Владата на седница во петокот минатата недела ја донесе одлуката за разрешување на Зврлевски поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Констатирано е дека Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за поведување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил угледот на функцијата.

И Советот на јавни обвинители го прифати предлогот на Владата за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител. 

 

 

 

19.06.2017 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа