Промовиран првиот прирачник за поголемо вклучување на девојки во спорт

Потребни чекори за поставување на првични идеи за спортски иницијативи, етапи на анализа на проблемот и дефинирање цели и решенија, формирање тим и реализација и актуализација на проекти од областа на спортот, со акцент на вклучување што поголем број девојки и жени во спорт, рекреативен и професионален, се само дел од содржините на првиот од ваков вид прирачник во Република Македонија и регионот, кој беше промовиран вечерва.

Прирачникот е изработен од тимот на Здружението за промоција на родова еднаквост и надминување на социјалните различности преку културни и спортски активности „ТАКТ" во рамки на проектот „Обединети преку спорт", финансиски поддржан од Американската амбасада во РМ.

- Содржински и концептуално прирачникот е единствен, а е исклучително практичен и применлив и за спортски здруженија, но и за сите кои сакаат да бидат реализираат сопствени иницијативи и идеи за позитивни промени во заедницата. Беше долготраен процесот на подготовка, но и одговорноста беше голема зашто на 60-тина страници се содржани и чекори за промовирање и имплдментација, но и актуализација на иницијативите, како и позитивни приказни од  нашите соработници и мотивирачки и инспиративни акции, рече Магдалена Спасовска, извршен директор на „ТАКТ".

На промоцијата, дел од завршниот настан за проектот „Обединети преку спорт” беа презентирани и постигнатите цели со проектот и планот за понатамошна одржливост на истиот.

На настанот присуствуваа педесетина спортски работници-дел од националната мрежа на спортски лидери, а свое обраќање имаше и Ленче Алексовска Величковска, деканка на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.

- Движењето р процес кој е неминовен за човековото живеење,а спортот покрај што нуди психо-физички развој, значи и инклузија, социјализација и развој на личноста. Задоволство е да се види коллу многу девојки и жени од различни возрасти се поттикнати да се бават со физичка активност, така што отвореноста за соработка и поддршката од наша страна како факултет се секогаш тука, рече Алексовска Величковска.

За важноста од ангажирање на што повеќе девојки со спорт говореа и Кајл Бутчер, волонтер на Мировен корпус на САД во Македонија и Александра Дичевска, претставничка на Агенција за млади и спорт.

Спортските лидери дискутираа за потребата од поголемо вклучување на девојки во спортот и даваа препораки и насоки за дистрибуција на прирачникот до целните групи.

Подоцна беше отворена и изложба на фотографии „Девојки како нас”, избор од најдобри 60 од вкупно пристигнати 600 фотографии на конкурсот поддржан од Холандската амбасада во РМ.

 

 

 

13.04.2018 - 22:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа