Прилепското здружение на граѓани со дијабет ќе добие простории за своите активности

По повод 14 ноември, светскиот ден за борба против дијабетесот, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски се сретна со членовите на здружението на граѓани со дијабет „Светлост за нас“. 

Јованоски вети на здружението дека ќе им обезбеди просторија за нивните активности, а воедно и финансиски ќе ги поддржи, а секогаш ќе им биде на располагање за решавање на проблемите кои ги имаат членовите и здружението.

- Се договоривме за начинот на идната соработка. За своите активности здружението ќе добие простор во старата општинска зграда, освен тоа и финансиски ќе им помогнеме. Во Прилеп пет до шест отсто од популацијата се лекува од дијабет, а процентот е до 15 отсто од населението кое има латентен или „скриен шеќер“ и нивото на лекување не е на потребното ниво кое треба да биде задоволително, рече Јованоски.

Мирјана Димеска од здружението „Светлост за нас“ вели дека речиси 50 години има дијабет. Во Прилеп се регистрирани  преку 3.960 граѓани со дијабет.

- Дијабетот е сериозно заболување. Последните две години имавме проблеми со несоодветен инсулин кој предизвика и последици. Почнувајќи од мене, имавме тешки моменти со хипер и хипогликемии иако ни беше речено дека инсулинот беше добар. Се надеваме дека сосотојбите се подобруваат и го чекаме почетокот на 2018 година и да ни овозможат најнови пратки инсулин. Задоволни сме што наидуваме на разбирање во локалната самоуправа и за прв пат ќе добиеме просторија за активностите на нашето здружение. Инаку, во Прилеп, а ги опфаќа и општините Кривогаштани и Долнени, досега има над 3 960 регистрирани граѓани со дијабет. Има млади со 24 години, а најмал регистриран пациент е девојче од селото Ропотово, Долнени на 14-годишна возраст кое многу тешко се справува со начинот на комуникација.

Таа порача до дијабетичарите да не стравуваат, правилно да се хранат и да го живеат секојдневието нормално, но, се разбира, со постојана контрола и терапија.

Здружението, заедно со прилепскиот градоначалник Јованоски го посети пунктот на екипите на Здравствениот дом на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ кои денеска од 10 до 12 часот, по повод светскиот ден на дијабетесот, спроведоа бесплатна акција за проверка на шеќерот и на крвниот притисок на граѓаните.

На акцијата насловена „Здравје за сите“ им се приклучи и здружението на граѓани со дијабет „Лајонс“ од Прилеп.

 

 

 

14.11.2017 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа