Претседателот Иванов на средба со Милан Брглез

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска го прими Милан Брглез, претседател на Државниот збор на Република Словенија, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво, при што беше констатирано дека во континуитет двете земји негуваат пријателски односи, без отворени прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план, информира кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов изрази задоволство од добрата динамика на политичкиот дијалог меѓу двете земји и континуираната реализација на средби на високо ниво.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Република Словенија за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО, како и за поддршката во однос на бегалската и мигрантската криза. Претседателот Иванов изрази очекувања дека и во периодот што следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, во рамки на Брдо Бриони Процесот, Процесот за соработка во југоисточна Европа и останатите регионални иницијативи.

Во разговорите беше посочена потребата за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји, за што беше констатирано дека постои голем потенцијал.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, особено во контекст на безбедноста и ја констатираа потребата од засилена соработка со цел да се обезбеди мирот и сигурноста во регионот.

 

 

 

12.09.2017 - 18:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа