Почна продажбата на карти за Супер Купот во Скопје - најевтините околу 1000 денари

Аплицирањето за билетите за Супер купот на УЕФА што на 8.август ќе се игра на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје стартуваше денеска и на располагање се 23.000 билети односно 75 проценти од капацитетот на стадионот. Учесници на годинашниов Супер куп на УЕФА се фудбалските великани Реал Мадрид (европски шампион) и Манчестер Јунајтед (победник на Лига Европа). Цената на влезниците ќе биде од 15 до 50 евра и ќе може да се купи само со платежна картичка (не повеќе од четири билети). 
Аплицирањето ќе трае со 4.јули, а добитниците на билетите ќе бидат одредени по принцип на лотарија. Апликацијата се врши само преку сајтот на УЕФА. Оние кои ќе добијат потврден одговор ќе бидат информирани до 14.јули. 
 
Инаку, УЕФА и ФФМ попладнево во прес салата одржаа и прес конференција на која генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски истакна:
-         Чест и задоволство ми е што сум дел од овие фудбалски великани како претставници на клубовите. Би сакал да се заблагодарам на сите што имавте волја и  разбирање за целиот овој настан да успее. Сега имаме уште два месеци, дозволете да го приредиме најдобриот Супер куп досега, каде учесници се најдобрите клубови на светот.
 
Во името на европскиот првак Реал Мадрид во Скопје присутен е леганрадниот фудбалер Емилијо Бутрагењо.
-         Би сакал да се заблагодарам за одличниот пречек во Скопје. Ќе биде тешко затоа што Манчестер Јунајтед е силен тим. Среќни сме што успеавме да дојдеме до тука, освоивме трофеи во Ла Лига и Лигата на шампионите првпат по 60 години. Ќе направиме се да го освоиме Суперкупот во Скопје, рече Бутрагењо.
 
Како претставник на Манчестер Јунајтед беше присутен Луис Саха.
-         Задоволсто ми е што зборувам во името на Манчестер Јунајтед и го најавувам овој Супер куп. Новата сезона ќе ја почнеме со дуел против Реал Мадрид и ќе биде добро да се игра против еден таков тим. Тие можеби имаат и мала фаворитска улога, изјави на пресот Луис Саха.
Двајаца поранешни играчи на тимовите учесници добија подароци, дресови на фудбалската репрезентација на Македонија, а Бутрагењо имаше и средба со неговиот поранешен тренер од мексиканскиот клуб Челаја, македонската фудбалска легенда Кирил Дојчиновски.
 
Супер купот на УЕФА се игра на 8.август со почеток во 20:45 часот. 
 

 

 

13.06.2017 - 20:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа