Објавен втор јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија

Министерството за локална самоуправа го објави вториот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, соопшти на денешната прес-конференција министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

На сите потенцијални апликанти во рамките на овој повик на располагање им стојат 7 милиони евра, кофинансирањето во висина од 15 отсто се обезбедува од буџетот на Министерството, рече министерот Фазлиу

Средствата се обезбедени преку ИПА инструментот на Европската Унија, Програма за прекугранична соработка. Општата цел на програмата е зајакнување на прекуграничната соработка меѓу луѓето и институциите во регионот.

„Преку заеднички проекти учесниците во програмата заедно пристапуваат кон решавање прашања од заемен интерес и на тој начин влијаат на развојот на прекуграничниот регион. Во рамките на програмата за прекугранична соработка со Бугарија, од македонска страна проектите се имплементираат во североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион, или во 27 општини во овие три плански региони, соопшти министерот Фазлиу.

На овој повик можат да аплицираат општини, невладини организации, организации за поддршка на бизнисот, образовни, научни и културни и други непрофитни организации и институции.

Проектите треба да се однесуваат на:
-заштита на животната средина,
-туризам и
-конкурентност или подобрување на конкурентноста на регионалните бизниси.

Kрајниот рок за поднесување проектни предлози е 11 мај 2018 год.
Во втората фаза од ИПА Програмата, сега кога субјектите ги научија правилата на игра, рече Фазлиу, Министерството за локална самоуправа очекува уште повисок процент на искористеност на средствата во однос на првата фаза, или над 95 насто.

 

 

 

09.02.2018 - 15:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа