Нова градинка и училишта во Кавадарци

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески  при денешната посета на Кавадарци направи увид и  на почетокот на градежните работи за проширување на булеварот кој е влез во градот и кој ќе овозможи подобар пристап на граѓаните кон централното градско подрачје. Притоа тој нагласи дека во Кавадарци се гради инфраструктурата.

- Ова се надоврзува на низа други инфраструктурни проекти што во изминатиот период се реализираа. Тука се на пример водоводната мрежа и изградбата на водоводот за Кавадарци и Росоман, со кој се реши  децениско прашање  и помали водоводни и канализациони мрежи во населените места. Тука се и спортски објекти и повеќенаменски спортски и тенсики игралишта, две спортски сали, а во следниот период се очекуваат и нови инвестиции. Постојано разговараме со градоначалникот, пратеникот и други претставници, да се најде решение за изградба на градинка во Кавадарци,  бидејќи е очигледно дека граѓаните тоа го истакнуваат како еден од приоритетите, рече Ставрески.

Тој најави дека Владата и општината заеднички ќе најдат решение за овој проблем.

- Со еден проект на Министерството за финансии и Светска банка, ќе поддржиме реновирање на три училишта во Кавадарци, во вредност од преку 700 илјади евра. И досега, а и понатаму  има проекти кои ќе значат подобрување на условите за живот на граѓаните на Кавадарци, без разлика дали се работи за инфраструктурни проекти или поддршка на компаниите за да реализираат нови инвестиции и вработувања, додаде вицепремиерот.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов појасни дека излезот и влез во градот ќе се прошири во  должина од 350 метри и ширина од 17 метри. Целокупната инвестиција е околу 13 милиони денари.

- Во оваа сума не се влезени средствата потребни за плаќање на експроприраниот имот.  Очекувам комплетната сума да биде над 16 милиони денари, а е од буџетот на Општината. Ова е првата фаза, а наредната година продолжуваме со втората, која исто така ја опфаќа таа должина.  Со тоа имаме едно подобро сообраќајно решение, рече градоначалникот.

Тој се заблагодари на Владата, Агенцијата за патишта и Македонија пат, за обновувањето на асфалтниот пат од Дрекслмаер до Кавадарци. Осатанале уште 600 метри за кои имало договор оваа година да бидат реализирани. Со тоа како што нагласи, ќе се стави крај на оваа капитална инвестиција за Кавадарци.

Вицепремиерот Ставрески се сретна и со претставници на Здружението на пензионери од Кавадарци, кои пред него ја изнесоа идејата за изградба на дом за стари лица, како и проектот во кавадаречкото село Чемерско под Кожуф каде сакаат да обезбедат место за одмор и рекреација за пензионерите.

- За тие две работи побаравме поддршка од Владата. Добивме ветување од вицепремиерот дека ќе ни помогнат и дека до август месец штом ќе биде готов генералниот урбанистички план, Владата ќе донесе одлука со која што ќе го прогласи за објект од посебен интерес  и тогаш се забрзува постапката и до есен ќе можеме да удриме камен темелник на домот за стари лица, рече Ристо Анѓушев, претседател на Извршниот одбор на Здружението

 
 
31.03.2016 - 16:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа