Турски бизнисмени сакаат да инвестираат во Македонија

Денеска во Македонија престојуваат турски бизнисмени од прехранбени, текстилни и градежни компании, членки на Асоцијацијата „Тумсиад“. Во рамки на посетата, бизнисмените ги детектираат можностите за инвестирање.

На бизнис форумот и деловните средби организирани од Стопанската комора на Македонија се очекува бизнисмените од двете држави да ги разгледаат можностите за заедничка соработка и продлабочување на трговските односи меѓу двете држави.

- Целта е да се продлабочат трговските односи меѓу двете држави и да се разгледаат можностите за инвестирање. Се надевам дека ова ќе биде нпрв чекор за натамошна соработка меѓу бизнисмените од двете земји, изјави Шенол Туркинмас, трговски советник при Амбасадата на Турција.

Трговската размена меѓу Македонија и Турција во првото тримесечје од годинава бележи пораст од околу 7 до 8 проценти, односно изнесува околу 80 милиони долари. Во 2012 година беше забележан пад во однос на 2011 година кога трговската размена изнесуваше 417 милиони долари.

- Очекуваме дека до крајот на годината трговската размена ќе достигне над 400 милиони долари. Бројките не соодвестуваат со потенцијалите на двете змеји и затоа треба повеќе да работиме за да ја зголемиме трговската размена. Неодамна премиерите на двете држави се сложија дека трговската размена треба да достигне една милијарда долари и ние работиме на тоа да ја постигнеме оваа цел, истакна Туркинмас.

По посетата на Македонија, турските бизнисмени ќе заминат за Приштина, Косово.

Асоцијацијата на бизнисмени Тумсиад е една од поголемите стопански заедници во Турција која има над 12.000 членки и 54 филијали во Турција и 3.000 членови и седум центри низ Европа. 

ФОТО: МИА

најчитано сега