Нема промени во цените за сместување во скопските хотели во пресрет на Супер купот

Нема промени во цените за сместување во скопските хотели во пресрет на Супер купот. Ниту реакциите на јавноста не ги пишманат хотелиерите па така две ноќевања достигнуваат и до 4 илјади евра. Од здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора велат дека цените пазарно се формираат и не можат да влијаат врз одлуката- пишува Сител

И од хотелската асоцијација на Македонија велат дека цените за сместување ги одредува секој хотел поединечно. Сепак сметаат дека е невообичаено да има зголемување и до 100 пати.

Во одредувањето на цените за сместување во хотелите немоќни се и државните институции. Од владата велат дека во пресрет на одржувањето на супер купот се засилени контролите на Управата за јавни приходи за да се спречи неплаќањето данок при готовинско плаќање.

Утврдени се низа случаи на прикривање на реално остварениот промет. Од 195 контроли, во 32 случаи се утврдени неправилности во даночното работење.  

Во угостителската дејност констатирани се низа случаи на издавање на т.н „компјутерски сметки“ кои се печатат со обичен нефискален принтер, односно користат паралелен систем кој не е врзан за централниот систем во УЈП и издаваат сметки кои се разликуваат од фискалните, се вели во информацијата од владината прес служба.

Инаку светските медиуми веќе неколку денови пишуваат за однесувањето на македонските хотелиери. Пренесуваат за високите цени за сместување како и најновата појава за откажување на резервациите. Заради разочарувањето кое им е приредено, своја помош нудат фановите од земјавата.

- Нудам една соба бесплатно за двајца фанови.. Живеам во Скопје на околу два километри од стадионот, ве молам бидете мои гости – ова се дел од коментарите кои може да се прочитаат на интернет страниците.

Ваквите настани сепак не ги попречуваат надлежните во подготовките на стадионот за одржувањето на натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.

- Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор деновиве забрзано работи на исполнување на техничките услови за одржување на натпреварот. Се поставува климатизација во просториите, вештачка трева покрај аут линијата, се уредува просторот за сместување на опремата за телевизискиот пренос. Последниот увид контролорите на УЕФА ќе го прават на 23 јули.

 

 

 

17.07.2017 - 20:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа