Нека не ве лаже сонцето - попладне следи целосна промена

Времето претпладне ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на повисоките планини снег. Попладне врнежите ќе се интензивираат и ќе се прошират насекаде.

Пообилни врнежи ќе има во западните подрачја каде локално се очекува да наврнат над 30 литри на метар
квадратен. Ќе дува засилен југозападен ветер, над 70 километри на час, а на планините и над 100 километри на час.

Максималната температура ќе биде висока, во интервал од 8 до 16 степени. Поради брз продор на студена воздушна маса проследен со засилен северен ветер, во вечерните и ноќните часови врнежите ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во северните и западните подрачја.

На планините, претежно на запад, ќе има значително зголемување на снежната покривка, локално и над 30 сантиметри, а ќе има и појава на снежни наноси.

Во Скопје слично време, променливо облачно, попладне и во вечерните часови ќе има повремен дожд. Преку денот ќе дува умерен ветер од југозападен првец, а кон крајот на денот ќе го промени правецот во северозападен.

Во текот на ноќта и во повисоките делови од Скопската котлина е можно врнежите да преминуваат во снег.
Температурата ќе се движи од два до 12 степени.

Како што соопшти УХМР, најстудено било во Берово и Штип каде се измерени минус два степени, во Крива Паланка минус еден, нула во Пожаране и Гевгелија. Најтопло било во Охрид со шест степени.

До седум часот највисока снежна покривка од пет сантиметри има во Маврово и Крушево, а четири во Лазарополе. Во изминатите 24 часа, односно до 7 часот, најмногу дожд наврнало во Охрид, 10 литри на метар квадратен, во Маврово седум, а во Лазарополе шест литри на метар квадратен.

Во наредните два дена ќе биде стабилно и суво. Утре ќе биде постудено со засилен северозападен ветер, а дневните температури значително ќе опаднат и ќе бидат во интервал од еден до 8 степени. В петок под влијание на југозападно струење дневните температури ќе бидат повисоки.

Нови врнежи се очекуваат од сабота попладне.

 

 

 

17.01.2018 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа