Не одете по "скратени патчиња" - совети за безбедност на пешаците на мразот

 

 

Снегот, мразот и минусните температури во овој период од годината најмногу проблеми предизвикуваат на учесниците во сообраќајот.

 Иако фокусот најчесто е ставен на возачите и возењето по снег и замрзнати коловози, сепак Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата подготви корисни совети и за најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците, кои своите дневни обрски ги извршуваат пеш движејќи се по снегот. Според статистиките, секоја година околу 1/4 од вкупниот број жртви во сообраќајот се пешаци.

 

 Совети кои ќе  помогнат за  побезбедно и посигурно учество на пешаците во сообраќајот, а на возачите ќе им помогнат полесно да ги забележат на улиците:

 

 ·         Движете се по тротоарот секогаш кога тоа е можно – Доколку не сте во можност да се движите по тротоар и го користите коловозот, тогаш движете се до крајниот лев раб од коловозот и следете ги возилата кои ви доаѓаат од спротивната страна.

 ·         Секогаш преминувајте ја улицата на пешачки премин. Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно, особено во услови на намалена видливост и тоа сериозно може да влијае на вашата безбедност во сообраќајот.

 ·         Настојувајте секое движење да ви е внимателно испланирано и не ризикувајте со изборот на „скратен пат“. Пред да се решите да стапнете на улицата имајте во предвид дека на возилата им е потребно повеќе време да запрат и сопирачкиот пат е подолг од вообичаено. Не ја преминувајте улицата сѐ додека не сте сигурни дека возилата кои се движат по коловозот ве забележале и се во состојба безбедно да го запрат своето возило. 

Освен тоа, пешаците за лична безбедност треба да внимаваат и на следните работи:

 ·         Носете соодветни обувки. Чекорете бавно и сигурно со целото стапало. Соодветните обувки му овозможуваат на пешакот да чекори со целото стапало и да има добар и стабилен контакт со подлогата по која се движи. Обувките треба да се со соодветна потпора и да не се лизгаат на снег.

   ·         Не го бркајте зеленото светло за пешаци или автобусот, бидете стрпливи и сигурни во тоа што го правите.

 ·         Избегнувајте да носете торби и други предмети кој ја нарушуваат вашата рамнотежа.  Никогаш не се движете со  рацете во џеб.

  ·         Пешачките премини можат да бидат доста опасни и при самото разминување на пешаците. Внимавајте каде чекорите. Гледајте пред себе и пропуштете го пешакот кој ви доаѓа од спротива. Не заборавајте, љубезното однесување во сообраќајот е дел од убавите манири на секој човек.

 ·         При преминување на улицата немојте да застанувате помеѓу двете коловозни ленти затоа што возачите не ве очекуваат таму и може да бидете удрени од возило кое се движи по влажен и лизгав коловоз.

 ·         Бидете особено внимателни кога се качувате или излегувате од автобус или автомобил, или кога се движите помеѓу паркирани возила и излегувате на улица.

 ·        
Носете светла облека со рефлектирачки
додатоци особено во рани зори и во приквечерието. Додатете рефлектирачки налепници на јакните или
на торбите. Бидете видливи и безбедни во сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, покрај овие совети, апелира до пешаците на максимално одговорно учество во сообраќајот. Внимателно учество во сообраќајот не е грижа само на возачите. Секој од нас има обврска да се грижи за својата безбедноста и да дава личен придонесен за непречено одвивање на сообраќајот.

 

 

 

 
 
11.01.2017 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа