На крајот од септември почнува предвремениот откуп на тутунот

Предвремениот откуп на тутунот во земјава ќе почне кон крајот на септември и почетокот на октомври, изјави денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски и посочи дека изминатите две години покажале оти е добро што во Македонија има предвремен откуп на тутунот.  

Тунските комбинати, според него, се подготвени за предвремениот откуп на тутунот.

- Оваа година очекуваме да има висок квалитет на тутунот. Род некаде повеќе од 25.000 тони, што е исклучително значајно за околу 24.000 семејства во Република Македонија, кои живеат макотрпно обработувајќи го тутнот, појасни Коњановски по средбата со градоначалникот на општина Радовиш, Сашко Николов и посетата на неколку преработувачки капацитети.

Прашан дали министерството редовно ги исплаќа субвенции на земјоделците, Коњановски нагласи дека тие редовно се исплаќаат, а тоа е пракса на оваа Влада од кога е на власт.

- За тутунот веќе се исплатени субвенциите, премијата изнесуваше едно евро за килограм тутун. Инаку, минатата година постигнавме добра да речеме просечна откупна цена на тутонот во висина од 180 денари, а Владата како поттик и награда на земјоделците им доделува и едно евро за килограм, што мислам дека е одлична цена за тутунопроизводителите, вели Коњановски.

Тој оцени дека во текот на изиминатите години во тутунопроизводителството забележан е квалитет, но и квантитет на тутунот.

Заменик министерот Коњановски оствари средба и со откупувачите на сливи во радовишкиот регион. Земјоделците реагираат на ниската откупна цена која се движи од 5 до 8 денари. Според него, во земјава, но и во соседните земји има забележано висок род на сливата, затоа и откупната цена е и ниска. Но, како што рече Коњановски, министерството ќе се обиде да најде начин како да го реши проблемот со откупот на сливите во источниот регион. 

Најави дека кон крајот на годината ќе се распише и тендер за изградба на мост во близина на селото Злеово, а кој беше урнат при поплавите во февруари. Мостот ги поврзуваше жителите на Злеово со регионалниот пат Радовиш Струмица, но и со нивните земјоделски површини. 

12.09.2013 - 14:43
Фото: 
Сител