Мисајловски: Реализиравме многу во инфраструктурата - не смее да се дозволи да се укинат проекти

Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период работеше на многу инфраструктурни проекти, истакна поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски на денешната панел-дискусија „Единствени кои реализираат проекти во инфраструктурата“.

Тој потенцираше дека сите проекти во инфраструктурата се за сите граѓани, додавајќи дека кој и да дојде на позиција мора да ги продолжи сите проекти.

-ВМРО-ДПМНЕ започна со изградба на три автопати, можеме да видиме на терен дека се работи насекаде. Се работи од Демир Капија до Смоквица, еден исклучително квалитетен проект, кој се очекува да биде завршен наскоро, појасни Мисајловски.

Тој го спомена и автопатот Миладиновци – Штип, за кој очекува дека ќе биде готов во следната година.

-Исто така се работи на уште еден огромен автопат, најголемата капитална инвестиција во Република Македонија, тоа е од Охрид до Кичево. Инвестиција од 400 милиони евра, еден од најкрупните проекти. Таму се работи постојано и постајно се зголемува динамиката, но останува прашањето: Дали ќе го сработат?, посочи Мисајловски.

Според него, многу е важно да бидат повикувани сите чинители кои се директно инволвирани во проектите.

– Треба да се засукаат ракавите и постојано да се оди на терен, да се викаат сите компании на состаноци, да видите што може да се извади подобро од тој проект и така да се стигна на време, рече поранешниот министер.

 

Мисајловски потенцираше и дека ВМРО-ДПМНЕ почна да гради и многу експресни патишта.

-Веќе се завршија патиштата од Велес до Кадрифаково, започна и патот од Штип до Кочани. Сето ова е видливо и може да се види на терен.  Започна експресен пат од Прилеп до Градско. Се ова се капитални проекти. Јас очекувам дека ќе ја продолжи оваа динамика на работа и од новата влада, истакна Мисајловски.

Вели дека министрите во новата влада постојано имаат средби со амбасадори, но како што рече, никако да видиме нешто да започне.

-Гледаме дека последните неколку дена има многу средби на министрите со амбасадори. Постојано се зборува за нешто што не чини, но никако да видиме нешто да започне. Ветија 500 километри автопат. Јас имав можност на една прес-конференција да прашам: Каде ќе биде тој автопат?

Мисајловски подвлече дека многу е лесно да се вети, но оти 500 километри автопат е многу сериозна работа за Република Македонија.

-Не е само да ветите и да излажете. Не можете да ветите автопат, а да немате добра анализа и да испроектирате за неколку години. Тие велат дека ќе направат од секое населено место дека ќе се стига за 90 минути, но повторно не кажуваат каде ќе градат, колку средства ќе се обезбедат, вели Мисајловски.

Според него, 50-тина проекти кои ги напишале во програмата веќе се градат, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ оставиле многу проекти за во иднина кои ќе треба да се досработат. Тој појасни дека министерот за транспорт и врски може постојано да излегува на терен и да ги промовира проектите започнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имавме одличен проект со Визер, со нискобуџетните летови. Можеме да видиме дека постојано се зголемуваа авиолетовите за сите граѓани на РМ, односно нови дестинации за сите граѓжани. Тоа е одличен проект за кој што се надеваме дека ќе продолжи, посочи Мисајловски.

Истакна и дека ќе бараат многу проекти од владата на СДСМ, но ќе бараат и се што ветиле во предизборната кампања во рокови да биде испорачано.

-Треба да излезат на терен, да се видат со граѓаните, рече Мисајловски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да го излажат народот.

Според него, во изминатиот период се градеа многу социјални станови, многу станови за млади брачни парови, посочувајќи дека од новата влада ќе бараат да се случува истото.

Мисајловски потенцираше дека СДСМ имаше најави дека ќе укинуваат многу работи, но оти во инфраструктурата не смее да се дозволи да се укинат проекти.

 

 

 

16.06.2017 - 18:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа