Министрите за земјоделство од Регионот : Хрватска да ги укине одредбите од Правилникот за увоз на зеленчук и овошје

Хрватска итно да ги укине одредбите од Правилникот за увоз на свежо овошје и зеленчук, побараа денеска од Сараево министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и надлежните министри од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Мирко Шаровиќ, Расим Љајиќ и Драгица Секулиќ, пришто потпишаа и заклучоци кои ќе бидат испратени во Брисел.

Како што соопштија од МЗШВ, министрите ја повикуваат Хрватска да ги укине одредбите од Правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Воедно министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а притоа да се има предвид дека секое одложување за изнаоѓање решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот, со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и зеленчук.

Министрите од регионот во решавање на проблемот со Хрватска ја повикаа да се вклучи и ЕУ, а во заклучоците наведуваат дека секоја земја се до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.   

- Покрај заедничките ставови за развој на слободна трговија и посветеноста на земјите во регионот за проток на добра без бариери денеска бевме единствени во носење на заклучоците. Сепак, секоја од земјите има право соодветно да преземе дополнителни мерки или контра мерки за во вид и форма за која мисли дека е соодветна, а се со цел да ги заштити сопствените интереси. Како регион остануваме посветени на Берлинскиот процес и градење заедничка економска област, изјави министерот Николовски.

Според Правилникот на Хрватска за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот за трети земји се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) по производ, на 2.000 куни (274 евра) по производ.

Од МЗШВ информираат дека веќе доставиле нота до хрватското Министерство за земјоделство за стопирање на Правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук.

- Со новиот Правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на производот. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на хрватскиот пазар, соопштија од МЗШВ.

Министрите од регионот на денешниот состанок се договориле дека состаноци од ваков тип треба да се одржуваат почесто, со цел да се отстранат бариерите кои ја загрозуваат слободната трговија на добра. Следниот состанок е договорено да биде во Скопје во септември оваа година.

 

 

 

07.08.2017 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа