Мила Царовска: Од оваа година ќе профункционираат мали групни домови за подобра грижа за штитениците

Министерството за труд и социјална политика системски ќе го менува начинот на функционирање на домовите за  сместување малолетници, откако во јавноста излезе случајот со девојчето од домот „25 мај“, за кој ОЈО веќе води истрага за сексуална злоупотреба и подведување на проституција.

Министерката за труд и социјала, Мила Царовска во интервју за Прес24, вели дека постоечкиот систем на големи сместувачки институции и нивното лошо менаџирање, не ги даваат соодветните резултати за грижа на штитениците.

-Големите институции ќе ги замениме со малите групни домови кои го споменав, каде ќе бидат сместени од 5 до 7 лица за кои ќе се грижат стручни лица во зависнот од потребите на оние кои порестојуваат во нив. Во ваквите домови тие ќе ја имаат семејната атмосфера, побрзо ќе се социјализираат, ќе напредуваат и едноставно ќе живеат во хумани и здрави услови. Сегашните институции се нехумани, условите лоши, а со тоа и шансата лицата во нив да се социјализираат и напредуваат многу мали. До средина на годинава, првите вакви домови ќе се формираат и ќе почнеме со преместување на корисниците. Паралелно со ова, се работи и на проширување на мрежата на згрижувачки семејства, вели министерката Царовска во интервјуто за Птрес24.

Министерството ќе го менува и функционирањето и организацијата на социјалните работици, за кои овој случај исто така откри дека во голем тие не се на нивото на одговорноста. 

-Факт е дека многу од нив се демотивирани, слабо обучени, но и преоптоварени со административни обврски. Ова последното е голем проблем. Имено, социјалните центри во моментов работат се, од директна поддршка на корисниците до целосно административна исплата на социланата помош и сите други административни обрвски. Ова не дозволува тие да се посветат на нивната примарната задача – работа со луѓе и давање услуги на терен, вели Царовска за Прес24, потенцирајќи дека се работи на законски измени со коиќе треба да се постигне одделување на административните обврски како исплатите на социјална помош од услугите.

-Ќе воведеме таканаречен “case management” систем, во кој еден социјален работник ќе се грижи за едно семејство. Тој ќе биде одговорен за целосно следење, поддршка и водење на семејството низ процесот на извлекување од социјален ризик. Со новиот систем, социјалните работници вистински ќе работат онаму каде се најпотребни – со луѓето. Покрај промената во начинот на работа што го споменав, во сите социјални центри ќе се спроведат обуки со вработените со цел да се подобрат услугите, вели Мила Царовска во интервјуто за Прес24.

Министерката одговара и на прашања поврзани со други теми од секторот со кој раководи.

ПРЕС24: Случајот со девојчето од домот „25 мај“ отвори една јавна тајна за која со години потајно се слуша. Прво до каде е целиот случај?

ЦАРОВСКА: Случајот е резултат пред се’ на децениското запуштање на системот на социјална заштита, негрижа за лицата сместени во институциите и слаба координација меѓу институциите. Не знам дали постои јавна тајна и на што мислите, но факт е дека заради несоодветна грижа и лошо менаџирање на домот, се довела до прашање и безбедноста на штитениците. Затоа од првиот ден како главна реформа којa ja започнавме е деинституционализацијата, процес во кој ќе ги трансформираме големите институции, како „25 мај“, во мали групни домови. Во ваквите домови лицата ќе имаат подобар третман, подобри услови и секако поголема безбедност.

Во МТСП ги испитуваме сите околности и ја лоциравме одговорностa за непостапување во текот на целиот период откако детето е под старателство на центарот за социјални работи. Поднесовме кривична пријава за одговорни и стручни лица, a покренавме и дисциплински и прекршочни постапки. Сега се’ е во рацете на ОЈО кое треба да постапи и да ги истражи сите сознанија. Жалам што обвинителството не покрена истрага и претходно, особено минатата есен кога девојчето беше на кратко сместено во шелтер за трговија со луѓе, поради индициите кои ги имавме дека таа е жртва на сексуална злоупотреба и експлоатација. И во овој случај се потврди дека од суштинско значење е координацијата на сите надлежни институции и  јас очекувам дека сите инволвирани во злоупотребата на детето ќе се лоцираат и ќе се соочат со санкции. Министерството останува отворено за соработка и ги споделува сите информации од значење за истрагата.

ПРЕС24: Неофицијалните коментари се дека ова не е единствен ваков случај. Особено ако зе земе податокот дека лице од Кавадарци учествувало во подведување на девојчето во проституција, според кривичната на МВР, тогаш сосема е оправдан сомнежот дека можеби се ова е дел од некој поширок ланец на проституција... Сакам да ве прашам, дали не е ова доволна причина за темелна ревизија и поставување на некои нови начини на функционирањето на овие домови.

ЦАРОВСКА: Токму тоа го кажав во одговорот на првото прашање. Системот е со години уништуван, а институциите оставени без контрола и добар менаџмент. Ова ќе го промениме од корен преку процесот на нивна трансформација. Големите институции ќе ги замениме со малите групни домови кои го споменав, каде ќе бидат сместени од 5 до 7 лица за кои ќе се грижат стручни лица во зависнот од потребите на оние кои порестојуваат во нив. Во ваквите домови тие ќе ја имаат семејната атмосфера, побрзо ќе се социјализираат, ќе напредуваат и едноставно ќе живеат во хумани и здрави услови. Сегашните институции се нехумани, условите лоши, а со тоа и шансата лицата во нив да се социјализираат и напредуваат многу мали. До средина на годинава, првите вакви домови ќе се формираат и ќе почнеме со преместување на корисниците. Паралелно со ова, се работи и на проширување на мрежата на згрижувачки семејства.

ПРЕС24: Колкава е одговорноста и улогата на социјалните работници... јавноста има чувство дека кај голем дел од овие лица кои работата во Министерството како да не се на нивото на одговорност што треба да ја имаат?

ЦАРОВСКА: Секако дека треба многу да се работи на подобрување на услугите и односот на социјалните работници. Факт е дека многу од нив се демотивирани, слабо обучени, но и преоптоварени со административни обврски. Ова последното е голем проблем. Имено, социјалните центри во моментов работат се, од директна поддршка на корисниците до целосно административна исплата на социланата помош и сите други административни обрвски. Ова не дозволува тие да се посветат на нивната примарната задача – работа со луѓе и давање услуги на терен.  Затоа ќе го промениме законот и ќе ги одделиме административните обврски како исплатите на социјална помош од услугите. Ќе воведеме таканаречен “case management” систем, во кој еден социјален работник ќе се грижи за едно семејство. Тој ќе биде одговорен за целосно следење, поддршка и водење на семејството низ процесот на извлекување од социјален ризик. Со новиот систем, социјалните работници вистински ќе работат онаму каде се најпотребни – со луѓето. Покрај промената во начинот на работа што го споменав, во сите социјални центри ќе се спроведат обуки со вработените со цел да се подобрат услугите.

ПРЕС24: Еден друг аспект исто така е загрижувачки и се однесува на меѓусебна релација на државните институции. Се чини дека сите институции во државата знаеле за случајот, а никој ништо не преземал. Тоа го кажива и самото ОЈО, бидејќи немале конкретен строител на делото. Тоа оправдано го отвара сомнежот за евентуална заштита на лицата кои биле дел од тој ланец од институциите...

ЦАРОВСКА: Не би сакала да прејудицирам дали имало некаква заштита, да оставиме институциите и истрагата да покаже што се случувало. Но, она што со сигурност мора да го менуваме и подобруваме, е коориднацијата и комуникацијата меѓу сите институции. Од овој случај, но и од многу други видовме дека таа координација не е добра и треба да се постави подобро. Во претстојниот период ќе работиме на воспоставување на координативни тела меѓу сите институции од кои зависи успешното следење и превенција на вакви немили настани, а комуникацијата ќе ја зајакнеме и забрзаме.

ПРЕС24: И впрочем не е ли парадоксално целиот случај да го обелодени невладина организација од странство?

ЦАРОВСКА: Не сметам дека е парадоксално, секој кој има инфомрација за некаква злоупотреба од страна на институциите го повикувам да информира. Јас ги поттикнувам сите граѓански организации и граѓани кои имаат информации или сознанија за случаи на злоупотреби да комуницираат со институциите. Она што јас можам да го гарантирам е брза реакција и одговорност од сите кои работеле незаконски. Оваа влада докажа дека е одговорна и јас како министер никогаш нема да ги буткам проблемите под тепих. Напротив, ќе работам интензивно на нивно трајно решавање.

ПРЕС24: Во продолжение сакам уште неколку прашања на други теми.. Уставниот суд покрена постапка за оценување на уставноста на членот 2 во делот на нормиран учинок од законот за минимална плата. Има ли министерство план, што по евентуална одлука за укинување на тој член?

ЦАРОВСКА: ,,Нормираниот учинок’’ е дел од законот за минимална плата уште од  2012 година. Имено,  Законот за минимална плата во РМ е донесен во 2012 година  и при тоа  во членот 2 е предвидено дека минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок. Значи со донесување на Законот во 2012 година е предвидена обврската минималната плата да се исплатува за полно работно време и исполнет нормиран учинок . Ова законско решение од 2012 оставаше простор за арбитрарно толкување на ,,нормираниот учинок’’. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, усвоени од оваа Влада, со претходен социјален дијалог помеѓу сите засегнати страни, во 2017 година, истиот член е дополнет со три нови става со кои се овозможува појаснување и поголема транспарентност на постапката на утврдувањето на нормираниот учинок, во смисла на тоа кој треба да го утврди нормираниот учинок, во кој период, за колку работници да е остварлив нормираниот учинок и дека за исполнетоста на нормираниот учинок се издава потврда на работникот од страна на работодавачот. Уставниот суд е надлежен да утврди дали оваа одредба е уставна или не, и ние ќе ја почитуваме одлуката.

Анализите кои ги правиме за успешноста на самата имплементација на овој закон покажуваат дека решението функционира одлично. Дури 90.000 работници благодарение на законот земаат повисока плата. Дел од компаниите аплицирале за субвенции, но голем дел и без субвенции ја исплаќаат минималната плата.

ПРЕС24: Многу анализи покажуваат дека во Македонија работничките права постојано се кршат. Дали и колку случаји има регистрирано трудовата инспекција, колку сте задоволни од нивниот ангажман?

ЦАРОВСКА: Државниот инспекторат за труд со години е запуштан, таму не се градени човечки капацитети, односно има мал број инспектори низ државата. И покрај ова, приоритет на Владата е заштитата на работничките права и тоа го покажуваме во пракса. Почнувајќи уште од летотото, ги засиливме контролите на терен, особено на градилиштата и во погоните, при што беа изречени многу казни заради непочитување на препораките за работно време при високи температури. Покрај ова, инспекторите се постојано на терен и вршат редовни контроли. Важна алка во заштитата на работничките права се пријавите и сведочењата на работниците, и токму затоа работиме на враќање на нивната доверба во институциите. Дополнително,  се развиваат планови за јакнење на трудовата инспекција во наредниот период.

ПРЕС24: Што станува со социјалната помош. Имаше многу критики дека во спосокот на социјални случаи има многу лица кои се далеку од таков стаус. Се размислува ли за ревизија и конечно евидентирање на лицата на кои навистина им е потребна социјална помош?

ЦАРОВСКА: Социјaлната помош и семејствата кои ја примаат беа многу злоупотребувани од претходната власт во политички и изборни цели. Заради ваквите манипулации се случуваше одредени семејства да не можат да ги остварат своите права или пак да бидат уценувани. Ова е минато, а оваа Влада нема никогаш да ги злоупотребува граѓаните и нивните права. Наш приоритет е обезбедување на достоинствена социјална помош.  Во текот на оваа година ќе се подготви новиот Закон за социјална заштита, кој суштински ќе го измени социјалниот систем во Република Македонија.  Од една страна ќе се воведе минимален адекватен приход, што значи зголемување на паричната помош за лицата во социјален ризик, но ќе се овозможи и поддршка за работно активирање со што семејствата ќе имаат вистинска шанса да излезат од кругот на сиромаштија. Со законот ќе се обезбеди поделба на материјалните права од стручната социјална работа.  Друга значајна работа е развојот на социјални услуги на локално ниво, блиски до граѓаните и согласно нивните потреби.

Инаку, за сите сомнежи околу незаконска исплата на социјална помош ја известивме Финансовата полиција за нивно понатамошно постапување.

ПРЕС24: Имаше најава дека на самохраните родители ќе им биде овозможено да не плаќаат за градинките.

ЦАРОВСКА: На почетокот на изминатава недела го изменивме Правилникот кој го регулира ова прашање. Сите самохрани родители кои имаат плата и месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со Закон, ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за сместување на дете во детска градинка. Во оваа прилика апелирам до сите самохрани родители кои ги исполнуваат законските критериуми да поднесат барање со потребната документација до јавната установа за деца во која детето е згрижено. Инаку, ова е само прв чекор. Министерството во наредниот период ќе работи на прогресивна формула, според која најсиромашните и најранливите граѓани нема да плаќаат партиципација за градинка.

 

 

 

 

25.03.2018 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа