Македонската Влада денеска ќе донесе одлука за мерката за брашното

Владата денеска треба да донесе одлука дали ќе ја укине мерката за забрана за увоз на брашно.

Вицепремиерот за економски прашња Владимир Пешевски на прес-конференција во Владата,  истакна ќе се разгледа состојбата на пазарот на брашно и врз основа на презентираните информации на надлежните институции ќе се донесе одлука за нејзино укинување или продолжување. - Доколку врз основа на информациите се заклучи дека е постигната стабилизација на пазарот во доволна мерка и која може да тврди дека во 100 проценти е воспоставена контрола тогаш Владата ќе донесе одлука да се укине таа мерка. Доколу процениме дека стабилизацијата не е постигната мерката ќе продолжи да важи се до оној момент додека процениме дека е потребно таа да биде укината, изјави Пешевски.

- Претходното укинување на мерката и воведувањето на мерките беше со одложено дејство бидејќи согласно ЦЕФТА правилата ние кога ги воведувавме првите мерки Владата донесе одлука пет-шест дена пред тие да стапат во сила. Пет дена пред стапувањето во сила ние ги информиравме сите членки во ЦЕФТА бидејќи такви се меѓународните правила, појасни вицепремиерот и додаде дека уште при укинувањето на првата мерка за пченицата Владата најави дека од средината на месецот ќе ја разгледа потребата од укинување и на мерката за брашното.

Косово е единствената земја што реагираше со трговско ембарго, иако мерката не се однесува само кон неа.

13.09.2013 - 15:52