Катица Прва Јанева

Ете, го доживеавме и тоа чудо, Македонија си доби своја кралица. Што мислевте дека само Британците заслужуваат да имаат Нејзино Височество. Не, не. Од пред некое време, и Македонија се вброи во групата на држави монархии. Монархијата Македонија доби кралица со ниет за многу кратко време да ги сруши републиканските вредности и принципи, да ја погази републиканската парламентарна традиција, и се да подреди на својата кралска надменост и неписменост во системот.

Кралицата Катица Прва Јанева започна нова традиција во државата. Се вдаде во изградба на нов поредок, нови правила, нов систем, нова политика, нова (не)одговорност. Од нејзиното минатонеделно обраќање пред законодавниот дом видовме дека е на ум да ја урива од темели државата Република Македонија сосе нејзината парламентарна демократија. Видовме како на дело сака да ги инсталира нејзините монархистички правила според кои Парламент не ни е потребен. И онака нејзините наоѓања од слушаните телефонски разговори се дека Собранието е целосно нелегитимно, и згора на се безобразно и без усул кога и поставува недозволени пратенички прашања. Што ќе ни е Собрание, и парламентарна демократија кога си ја имаме неа, македонското Височество Катица Прва Јанева.

Како и секоја кралица, така и таа се чувствува навредено кога треба да одговара на прашањата на пратениците избрани од обичната раја. Нејзината сина крв нема да дозволи такво деградирање на кралската личност и на кралското педигре. Токму затоа, таа реши да ја покаже сета „кралска“ арогантност и дрскост во законодавниот дом. За да покаже кој е кој, и на кому каде му е местото. 

За разлика од нејзината британска политичка колешка која исклучително многу внимава на традицијата и на почитувањето на правните процедури во британскиот Парламент, нашава „кралица“ не ферма ништо и никого. Таа е над сите, и над се во државата. Ако британската кралица е политички неутрална, македонскава кралица е политички директна и со однапред утврдена политичка страна.  

Кога оди, црвен тепих треба да и се постила, кога се смее камерите и фотографите треба ја фатат во најубав агол, кога пратениците прашуваат за нејзината работа, крв треба да им се заледи. Кога ја прашуваат каде ги потрошила милионите евра народни пари, устата треба да им се сошие. Каков е тој пратенички срам, кралица да биде прашувана такви недолични прашања. Тоа е невиден безобразлук, простотилак, и срам за претставниците на плебсот.

Зар не знаат „тие недоквакани“ дека оваа наша прва македонска кралица е безгрешна? Дека за неа не важат Устав, закон, Деловник, затоа што во нејзиното царство сите правни акти се носат во името на Нејзиното Височество. Кој ќе се дрзне да спомне одговорност на Катица Прва Јанева сто стапа по плеќи ќе добие во центарот на градскиот плоштад каде шарените, нејзината заштитна гарда, ќе удираат се додека не ја слушнат кралската наредба „фајронт“.  

Нејзините закони се најдобри, и најправедни. Според нив, таа е кривично неодговорна, по урнекот на нејзината британска пријателка. Само таа е недопирлива. Токму од неа, опозицијата на Нејзиното Височество очекува да биде донесена нова правна светлина во губитничкиот тунел на опозицијата каде пустите тие чучат повеќе од десет непреболени години. 

И ќе речете, ама нашава кралица нема поим од ништо. И згора на се, кај таа не знае каде се наоѓа уште и нејзините десетици правни советници што ја облетуваат немаат поим како да ја советуваат за доброто на монархијата. Да не ти се верува какви совети и даваат нејзините „најумни“ пријатели. Замислете пратениците се обвинети од кралицата дека и вршеле мобинг!? Бог да те чува и да те брани од учени недоучени луѓе, од луѓе што нешто читале, ама не допрочитале.

Знае ли нашава „кралица“ и нејзината советничка свита што е мобинг, каде и како се врши мобинг, каде се пријавува мобинг и слично. Ја знае ли таа барем првата буква од постапките преку кои се остварува парламентарната демократија во земјата која сака да ја владее? Има ли елементарен поим што претставуваат пратениците во политичкиот систем, кои се нивните права, што е Собрание, зошто таа има обврска да дава отчет за сработеното,  како треба да се однесува кон јавноста, и кон пратениците, кои се нејзините професионални обврски во системот?

Замислете за момент на што би личело Собранието ако секој избран или именуван јавен функционер од претставничкиот орган почне да се однесува како „кралицата“ Катица Прва Јанева. Замислете во што би се претворила државата ако претседателот на Владата, или сите нејзини министри почнат да се однесуваат како Катица Прва Јанева. Во денот резервиран за пратенички прашања наместо одговори од министри и од претседателот на Владата пратениците да добиваат мајтап и зафрканции. Замислете го премиерот за спроведување избори Емил Димитриев, или актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, или министерот за здравство Никола Тодоров на секое поставено пратеничко прашање да одговораат со „ма сто пати ви реков нема да добиете одговор“.

Ваков недоквакан и резил однос на избран функционер кон органот што го избрал нема ни во Тунгузија. Сериозно мора да се посветиме коренито и суштински да почнеме да ги менуваме работите во име на нашето ментално здравје. Ако сакаме да не ја доведеме во опасност цела држава.

Во спротивност „Ало Бардовци“ ќе ни биде секое утро... 

Проф. Д-р. Тања Каракамишева

 
 
27.09.2016 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа