Иванов се обрати на форумот „Мир и спорт“ во Монако

Претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов се обрати денеска пред учесниците на 10. Меѓународен форум „Мир и спорт“, што се одржува во Монако, и порача дека спортот придонесува за помирување, сплотување на луѓето и надминување на предизвиците од денешницата, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот.

- Спортот е фактор кој придонесува не само за помирување, туку за постигнување на оние вредности кои се неопходни за едно општество да гради здраво поколение, бидејќи младите се тие на кои најмногу им е потребно она што го нуди спортот – натпревар и градење на здрави луѓе, во здраво општество, кое ќе биде едноставно посветено на мирот и на просперитетот, рекол Иванов, кој третпат учествува на меѓународниот форум „Мир и спорт“.

Иванов оценил дека овие меѓународни форуми придонесуваат во изнаоѓање решенија за глобалните проблеми и предизвици и ја истакнал потребата од иновативност и креативност во спортот.

Иванов во Монако

Десегодишнината од меѓународниот форум „Мир и спорт“ во Монако се одбележува во присуство на околу 500 претставници од држави од сите континенти, нобеловци, луѓе од спортот, од политиката, од бизнисот, невладиниот сектор.

Тема на овогодинешното јубилејно одржување на форумот е „Иновации во спортот во функција на општествена трансформација“.

Како што најавуваат од Кабинетот на Претседателот, во рамки на учеството на меѓународниот форум „Мир и спорт“ претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со принцот на Монако, Алберт Втори.

 

 

 

07.12.2017 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа