Иванка Додовска: Ова беше година во која политиката докажа дека е посилна од правото

 

 

Универзитетската професорка, Иванка Додовска во интервју за Пресс24, оценува дека 2016 година беше една од најтурбулентните години во кои политиката докажа дека е посила од правото. Додовска смета дека Македонија оваа година избегнала многу опасни сценарија, а очекува дека и следната 2017 ќе биде година на неизвеснот.

- Доколку не се формира Владата агонијата за македонските граѓани и понатаму ќе се продлабочи што на долг рок ќе придонесе за влошувањето на и онака лошиот општествено-политички и особено битно, економски развој на Република Македонија. Ние не можеме да се споредуваме ниту со Белгија, ниту со Хрватска или со Словенија и од тие причини, колку поскоро ќе добиеме Влада, толку се поверојатни шансите дека ќе испливаме од ова сивило и неизвесност, вели Додовска во интервјуто за Преес24. 

-Најнегативен настан изминатава година беше секако палењето и кршењето на народната канцеларија на Претседателот Иванов. Додека како позитивен би го издвоила организирањето на фер, демократски и кредибилни предвремени парламентарни избори, на крајот од годината. Во првиот случај, се уверивме дека целата оркестрација околу политичката криза имаше во позадина исклучително лоши намери и во истовреме се покажа на дело дека средствата кои центрите на моќ ги употребија да ја разнишаат сувереноста на Република Македонија се неограничени, па оттаму и незадоволството од неуспехот на црните сценарија ги извади на виделина најгрдите човечки особини, за кои верувам ќе се согласите дека оставија огромна дамка врз симпатичните „шарени“ револуционери. Во поглед на вториот случај, ценам дека истиот претставува доказ со кој се поништија лажните обвинувања за изборните нерегуларности, се покажа јавно волјата на граѓаните и се расчистија многу дилеми околу компасот на сите политички елити во државата, потенцира Иванка Додовска во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: На крајот сме од 2016 година, една од потурбулентните години од македонската независност. Како ја оценувате оваа година, и дали за нејзе може да се каже дека беше успешна година?

ДОДОВСКА: Верувам дека граѓаните на Република Македонија со нетрпение го очекуваат крајот на оваа, би рекла, тешка и турбулентна 2016 година. Исто и јас, сметам дека оваа година беше особено измачувачки напорна. Очекувањата на почетокот од истата, дека набргу ќе се расчистат проблемите околу политичката криза, потонаа во вода уште во првата половина и наместо завршеток, видовме дека пеколот има уште кругови кои треба да се поминат. Во однос на тоа дали 2016 година беше успешна или не, можеме да анализираме од повеќе агли. Во однос на внатрешно-политичките прашања, ова беше исклучително лоша година, во однос на општествената кохезија уште полоша, во однос на меѓународните интеграции во секој случај стагнирачка и тн. Сепак можам да констатирам дека имаше и некои добри моменти, особено во поглед на тоа што сепак како граѓанство успеавме да не потонеме во длабокиот вител на меѓусебната омраза и себеуништување, за што е најзаслужен Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, кој стана браник против беззаконието и против безумието кое за малку, чинам, ќе не совладаше сите.

ПРЕС24: Што е она што според Вас ја одбележа оваа година?

ДОДОВСКА: Годинава што изминува е одбележана со една главна констатација, би рекла. Истата е содржана во реалноста според која во Република Македонија политиката докажа дека е посилна од правото! Овој очигледен факт го потврди оставката на премиерот Груевски, конституирањето на Специјалното јавно обвинителство, доминантната улога на надворешниот фактор врз внатрешните прашања во земјата, како и двата Пржински договори кои беа заокружени со предвремените парламентарни избори од 11 декември.

ПРЕС24: Кој настан би го одвоиле како најнегативен, а кој како најпозитивен во оваа 2016 година?

ДОДОВСКА: Најнегативен настан изминатава година беше секако палењето и кршењето на народната канцеларија на Претседателот Иванов. Додека како позитивен би го издвоила организирањето на фер, демократски и кредибилни предвремени парламентарни избори, на крајот од годината. Во првиот случај, се уверивме дека целата оркестрација околу политичката криза имаше во позадина исклучително лоши намери и во истовреме се покажа на дело дека средствата кои центрите на моќ ги употребија да ја разнишаат сувереноста на Република Македонија се неограничени, па оттаму и незадоволството од неуспехот на црните сценарија ги извади на виделина најгрдите човечки особини, за кои верувам ќе се согласите дека оставија огромна дамка врз симпатичните „шарени“ револуционери. Во поглед на вториот случај, ценам дека истиот претставува доказ со кој се поништија лажните обвинувања за изборните нерегуларности, се покажа јавно волјата на граѓаните и се расчистија многу дилеми околу компасот на сите политички елити во државата.

ПРЕС24: Многумина велат дека по изборите на 11 декември, Македонија веќе нема да биде она што досега беше. Дали следната 2017 година ќе биде година на македонската иднина, или година на македонската неизвесност?

ДОДОВСКА: Генерално земено, сметам дека 2017 година е година на неизвесност. Иако искрено секогаш верувам во позитивниот развој на настаните, сепак сметам дека допрва не чекаат турбуленции и пресврти, за кои во овој момент можеме само да претпоставуваме, земајќи го во предвид досегашното искуство.

ПРЕС24: 2016 ќе заврши со конституирање на нов Парламентарен состав, со што практично законодавната власт ќе може да функционира. Но неизвесноста останува околу функционалноста на извршната власт. Можноста да не може да се конститурира влада останува како една од опциите. Што во таква ситуација?

ДОДОВСКА: Тоа е една мошне обејктивна можност. Во тој случај, сметам дека ќе се оди на две варијанти т.е. или на широка коалиција која повторно ќе треба да доведе до одржување на нови предвремени парламентарни избори или на конституирање на експертска влада, која исто така ќе има ограничен рок на функционирање до следниот изборен циклус. Во оптек е секако и најлогичната варијанта т.е. победничката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ да успее да ја финализира својата постизборна коалиција со ДУИ и можеби со уште една помала партија од албанскиот блок, за што и се надевам дека ќе се случи.

ПРЕС24: Во Европа имало многу примери кога и повеќе месеци немало избрана Влада. Мислам Белгија е рекордер по тоа, случај таков имаше и во Словенија, во Хрватска... Може ли Македонија да си дозволи таква статус кво ситуација, ако се има предвид дека со последните измени на изборниот законик, практично функционалноста на државните институции е блокирана со онаа одредба за забрани од вработувања, преку исплати, па се до распишувања тендери до моментот на избор на нова влада?

ДОДОВСКА: Секако дека оваа состојба во нашата држава не е уникатен пример во поглед на ова прашање. Сепак, сметам дека сте сосема во право дека доколку не се формира Владата агонијата за македонските граѓани и понатаму ќе се продлабочи што на долг рок ќе придонесе за влошувањето на и онака лошиот општествено-политички и особено битно, економски развој на Република Македонија. Ние не можеме да се споредуваме ниту со Белгија, ниту со Хрватска или со Словенија и од тие причини, колку поскоро ќе добиеме Влада, толку се поверојатни шансите дека ќе испливаме од ова сивило и неизвесност.

ПРЕС24: Покрај легитимна опција за формирање на политичка влада преку победничките партии на двете страни, третата опција е и создавање на некаква широка коалиција, некој вид на техничка влада, сценарио кое го заговараат опозициските аналитичари. Што би значело тоа за Македонија?

ДОДОВСКА: Тоа би значело само две работи: прво, продолжување на мандатот на СЈО и второ, нова, и уште посериозна политичка криза!

ПРЕС24: Како Вие ги оценувате изборите кои завршија?

ДОДОВСКА: Предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември, докажаа дека обвинувањата од страна на опозицијата за изборните нерегуларности е комплетна манипулација, која беше искористена како повод за рушење на легитимната извршна власт. Исто така, на овие избори ја видовме на дело и незапирливата сила на одредени центри на моќ, од внатре и од надвор, кои вложија многу финансии и многу црни сценарија, со цел да го сопрат природниот тек на плуралниот развој на Република Македонија. Исто така, видовме дека доминантното влијание на партиските претставници во високите тела, како што е примерот со Државната изборна комисија, е мошне непрофесионално и истото ја отвора дилемата за транспарентноста и пред се за етичноста во поглед на доминацијата на партиски делегати во една волку значајна институција. Во секој случај, евидентно беше дека овие избори ја покажаа исцрпеноста од долгото траење на политичката криза, како и заднинските манипулации кои допрва ќе претставуваат предмет на анализа која ќе треба да ни го даде одговорот на прашањето за огромниот број на гласови кои се прелеаа на контото на опозицијата од страна на албанскиот електорат, во ситуација во која имаше навистина избор во албанскиот политички блок и за вистинските намери на опозицијата пошто пото да влезат во темелното чистење на избирачкиот список!

ПРЕС24: Од досегашната пракса во сите постизборни циклуси незабележано е меѓународната заедница, Брисел и Вашингтон да не испратат честитки до победникот. Последните соопштенија и од ЕУ и од САД се дека ќе го чекаат крајниот исход, формирањето Влада. Како тоа да се толкува?

ДОДОВСКА: Истото треба да се толкува како опомена за победникот т.е. во овој случај, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека меѓународниот углед им е длабоко разнишан и дека политичките процеси во постизборниот циклус се се уште неизвесни!

ПРЕС24: Може ли да се очекува во вакви констелации на силите во Парламентот да се влезе во процес на решавање на некои прашања, како што се името со Грција, двојазичност... , како што заговараат некои аналитичари?

ДОДОВСКА: Тоа не се заговарања, туку сериозна можност. Јас многупати изминативе години говорев на таа тема. Познавањето на историјата, како и реалните параметри кои ги имаме пред очи во целиот овој период, говорат во прилог на овие претпоставки. Знаете, времето е најдобриот учител, од таа причина, полека, полека почна да се крева завесата околу овие прашања, за кои ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да ги има на својата совест. Затоа и се случи сето ова, или со други зборови, се направија огромни заложби што повеќе да се разниша внатрешното државно и општествено ткиво, кое пред почетокот на кризата беше, слободно би рекла, обединето во поглед на овие прашања.

ПРЕС24: Случувањата во Македонија изминативе две-три години како да се дел од еден поширок регионален контекст. Очекувате ли во 2017 година некои промени и поголеми политички и безбедносни потреси на Балканот?

ДОДОВСКА: Во најава е новиот мигрантски бран од Северна Африка, а пред сите нас стои и предупредувањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган околу прашањето на мигрантите и бегалците кои во моментов се згрижени на турска територија. Инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како и изборите во Германија, каде повторно за најсериозен кандидат е Ангела Меркел, оставаат простор да бидеме внимателни во поглед на регионалната безбедност. Евидентно е дека ЕУ не најдоа решенија за новите глобални предизвици, а над Балканот повторно се мафтаат и крилата на Русија, што во ниеден случај не е добар знак!

ПРЕС24:На 20 Јануари, Доналд Трамп ќе влезе во Белата Куќа. Светот очекува многу од неговиот мандат. Но, колку што надежите се дека тој може да го заузда оној бран на воени дејствува, исто толку некои сметаат дека може и да го забрза?

ДОДОВСКА: Доналд Трамп е се уште енигма. За нас како Република Македонија, неговиот избор е поповолната варијанта, одошто изборот на Хилари Клинтон. Секако, во овој момент немаме многу мастраф за обработка и од тие причини, сметам дека до крајот на 2017 година ќе видиме кои ќе бидат неговите приоритети и активности на светската меѓународна сцена

 
 
31.12.2016 - 12:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа