Иван Соколов: Идејата за ВМРО е преголема и благородна и во неа има место за многу луѓе

 

 

Изборите на 11 декември се историски најважни за Македонија, бидејќи на нив ќе се одлучува за две дијаметрално спротивставени идеологии. Едната домицилна, со чиста и јасна намера по секоја цена да се заштити македонскиот национален идентитет и другата со намера да се воспостави некаков нов идентитет на македонската национална свест.

Ова е една од поентите во интервјуто за Прес24, на еден од основачите и дел од ветераните на ВМРО ДПМНЕ, Иван Соколов. Човекот кој во организациските активности на партијата помилан повеќе од 25 години и кој поради идејата за независна Македонија ја напуштил Австралија и се вратил во Македонија, вели дека денес државата е исправена пред најсериозниот предизвик. Се она што се случува, смета дека е надворешно сценарио за разнебитување на македонската национална свест.

- Во конкретниов  случај не можеме да зборуваме за политики на Заев, бидејќи како што може јасно да се види, се работи за иницијативи на еден наш сосед кој по сите можни линии, со огромни инвестиции, влегува во авантура за сузбивање на македонската национална свест. Па оттука, Заев е само слеп извршител на таа валкана замисла на нарачателите, но бидете сигурни дека и нарачателите и Заев, заеднички го потцениле капацитетот на овој народ.  Оваа разобличена политика ќе заврши неуспешно за нив, а Заев  и неговите слепи поддржувачи ќе завршат на буништето на историјата - жигосании како национални  предавници. Очигледно македонскиот народ и дел од граѓаните на Македонија тоа навремено го воочија и на овие избори повторно ќе го дадат гласот на политичката опција која во изминатиот  период покажа  и докажа дека е чувар на македонските национални интереси, вели Соколов во интервјуто за Прес24.

Соколов, кој во интервјуто зборува со состојбите на политичката сцена, денес и во минатото го оценува како позитивен потег активирањето на старото членство на партијата и поставувањето на ветераните на пратеничките листи.

 

ПРЕС24: На половина сме од изборната кампања за овие парламентарни избори. На 11 декември граѓаните ќе одлучуваат кој ќе ја води Македонија во следните 4 години. Анкетите покажуваат голема предност за ВМРО ДПМНЕ. Како вие ја оценувате досегашната кампања и дали може да се постигне целта од 63 пратеници?

СОКОЛОВ: Во изминатите две години сведоци сме дека во Р. Македонија најжестоко се судрија две дијаметрално спротивставени идеологии. Едната домицилна, со чиста и јасна намера по секоја цена да се заштити македонскиот национален идентитет и другата со намера да се воспостави некаков нов идентитет на македонската национална свест.  Па оттука првата од петни жили се спротивставува и целосно се повикува на македонскиот народ и граѓаните на решително спротивставување на тој силен продор на новата пропагандна зараза, која доаѓа од еден наш сосед со цел целосно разнебитување на македонскиот национален и патриотски дух и претворање на македонската национална свест и македонската нација во една недефинирана аморфна и безлична маса, која во иднина треба да биде лесно управувана однадвор.

Очигледно македонскиот народ и дел од граѓаните на Македонија тоа навремено го воочија и на овие избори повторно ќе го дадат гласот на политичката опција која во изминатиот  период покажа  и докажа дека е чувар на македонските национални интереси. 

Во однос на бројот на пратеници  сметам дека Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, доколку се одржи  досегашниот тек ка кампањата ќе освои 61 пратеник наспроти 32 пратеници од другите македонски  коалиции.  Единствена можна промена е во екстремен случај на некакви посериозни политички турбуленции, за кои не дај Боже, ако се случат ќе има далекосежни последици по мирот и стабилноста на Р. Македонија.

ПРЕС24: Како Вие гледате на овие политики на Заев?

СОКОЛОВ:  Во конкретниов  случај не можеме да зборуваме за политики на Заев, бидејќи како што може јасно да се види, се работи за иницијативи на еден наш сосед кој по сите можни линии, со огромни инвестиции, влегува во авантура за сузбивање на македонската национална свест. Па оттука, Заев е само слеп извршител на таа валкана замисла на нарачателите, но бидете сигурни дека и нарачателите и Заев, заеднички го потцениле капацитетот на овој народ.  Оваа разобличена политика ќе заврши неуспешно за нив, а Заев  и неговите слепи поддржувачи ќе завршат на буништето на историјата - жигосании како национални   предавници.

ПРЕС24: Вие сте дел од ветераните на ВМРО ДПМНЕ, дојдовте од Австралија кога се создаваше независноста на Македонија, како од денешна дистанца гледате на тие настани тогаш, а како сега на овие политики на опозицијата?

СОКОЛОВ:  Да уште како младинец, од 1986 година сум вклучен во борбата на македонското национално дело. Со основањето на ВМРО ДПМНЕ во 1990 година активно сум вклучен во сите нејзини збиднувања и речиси е невозможно да се зборува за некакво политичко делување на ВМРО ДПМНЕ во кое не сум бил директно вклучен. Од основањето на Општинските комитети до внатре партиските расчистувања на уфрлени елементи, со т.н. заштитни комитети, со организирање и раководење на сите митинзи и протести, со други зборови јас сум од ретките луѓе во ВМРО кои биле во тек со сите внатрепартиски збиднувања. Оттука тешко ми паѓа кога денес, од една страна се радуваш кога ја гледаш партијата во која сте ги положиле најубавите години од животот, како ја води Р. Македонија, а од друга страна сум тажен, што токму во периодот на ВМРО ДПМНЕ, се случуваат не разбирливи афери и политички дебакли предизвикани од лица во партијата кои со своето несмасно практикување на власт нанесоа ненадоместливи штети на партијата и Р. Македонија. Од таквото неодговорно практикување на власта сведоци сме дека 2001 година во времето на ВМРО ДПМНЕ се потпиша кпитуланскиот договор во Охрид, кој ќе биде основа за други премржија на Македонија, кои ќе следат во иднина. Ваквото критичко гледиште го темелам врз основа на сонот за Македонија кој го имавме при основањето и градењето на ВМРО ДПМНЕ во 90-те. Никогаш, ниту на крај памет не ни дошло дека некогаш ќе мораме да ја браниме Р. Македонија од нејзините граѓани. Никогаш не сме размислувале дека еден ден ќе доживееме македонски политичари да ги гледаме како пред очите на целата македонска јавност јавно заговараат двојазичност, федерализација , кантонизација и други системски промени, кои во суштина се финални удари врз и така кревката Македонија.

ПРЕС24: Реално можно ли е воведување на двојазичност на делата територија на Македонија, и какво е расположението кај Македонците за ова прашање. Ве прашувам затоа што Вие доаѓате од најдалечниот исток на државата и имате секојдневна комуникација со обичните граѓани?

СОКОЛОВ: Очигледно апологетите на таа идеа се луѓе коишто својот национален идентитет го поистоветуваат со друг народ , не македонски, па оттука лесно им е да зборуваат за такви бесмислени проекти. Како што споменав и порано , тоа не е идеја на албанското малцинство  во Македонија. Тоа е проект, многу посериозен од тоа што звучи. Тука се работи со замислена долгорочна политичка цел за разбивање на македонското национално битие. Воведувањето на двојазичноста ќе повлече сериозни демографски промени, уставни промени и на крај  федерализација на државата. Федерализацијата составена од етнички заедници кои немаат никакви допирни културолошки, јазични и ментални  допирни точки, неминовно води кон крвав расцеп. Не можам да разберам како некои т.н. политиканти во Македонија без тронка совест заговараат владеење на нов Апархајд во кој малцинството ќе го тероризира мнозинството.

Извинете, но таквиот политички маневар, со цел да се дојде на власт, повлекува и голем ризик за тие кои го заговараат тоа.   Тој проект е однапред осуден на неуспех, а неговите протагонист ќе бидат вечито запаметени како слуги на една антимакедонска пропаганда. 

ПРЕС24: На овие избори на листите на ВМРО ДПМНЕ има места и за луѓето кои се дел од т.н. „први вмровци“ – ветерани и основачи на партијата. Како го оценувате овој чекор?

СОКОЛОВ:  На овие предвремени парламентарни избори  2016 Змејковски е еден од основачите на Партијата и сметам дека е позитивен гест на раководството.  Лично сметам дека на листата требаше да се најдат повеќе од постарите членови на ВМРО ДПМНЕ. Во секој случај поважно е почитувањето на кодексот на ВМРО, отколку тоа кој кога пристапил во партијата .  Идејата на ВМРО е преголема и благородна и во неа има место за многу луѓе. 

ПРЕС24: Сегашното раководство на партијата честопати е обвинувано дека ги има заборавено старите членови, дали тие обвинувања се основани или?

СОКОЛОВ: Точно се создаде една таква перцепција. Можеби оправдано, пред извесен период во ВМРО ДПМНЕ се приклучија членови од многу други партии, па партијата започна да го губи својот партиски изглед и почна да наликува на  некакво граѓанско движење.  Ваквиот курс на ВМРО ДПМНЕ е неприроден  и тој сам на себе започна да генерира проблеми. ВМРО ДПМНЕ  како партија директен потомок и наследник на историското ВМРО, не може туку така лесно да се дистанцира од сопствената политичка основа. Оттука  секое нејзино изопачување е штетно  и спротиставено  само на себе. Пред извесен период, по повеќе укажувања, партијата прифати да го напушти тој курс на адоптирање на кадри кои по своите сфаќања се противат на идеите на ВМРО и во последно време сме сведоци на се позачестени активирања на стари кадри и луѓе од таков ков.

ПРЕС24: На овие избори учествуваат и уште две коалиции едната предводена од Љубчо Георгиевски, другата од Павле Трајанов, во чиј состав е и Кекеновски. Тие се претставуваат како единствени носители на идејата за ВМРО. Како ја оценувате нивната улога на овие избори?

СОКОЛОВ: Видете  секој може себеси да се нарекува како што милува, но тоа е најмалку важно, поважно е како другите ќе го перцепираат. Невкусно е сега пред избори да зборувам за тоа кој каков вмровец е, тоа ќе го кажам во некое друго време.  Впрочем вмровштината на еден човек не се оценува според брадата што ја носи, или плакатите зад кои се задскрива. Секој кој се обидува себеси да се квалификува како носител на таа магична идеа, најпрвин треба да се запраша дали е достоен за тоа и дали неговите морални  вредности  се доволно силни  за да му го обезбедат правото на сопствената определба.  Во спротивно истите ќе бидат  перцепирани како циркузнти. 

Лично не очекувам дека некој од нив ќе успее да обезбеди доволно гласови  за влез во Парламентот на Р. Македонија, но со оглед на тешкиот политички момент за РМ, не го исклучувам и тоа да и двете коалиции заедно освојат до 3 пратенички места, што би значело целосно влечење на гласови од вмровскиот елкекторат.

ПРЕС24: Очекувате ли дека по 11 декември ќе заврши политичката криза и дали може да се случи некој друг вид на криза?

СОКОЛОВ: Не, напротив сметам дека кризата ќе продолжи без разлика на резултатот. Овдека не се работи за реална потреба од  легитимитет кој произлегува од вољата на мнозинството гласачи, туку се работи за нарачана агенда за дестабилизација на Македонија. За жал некои македонски политичари свесно, или несвесно, влегле во тие сценарија. Се надевам дека ВМРО ќе освои мнозинство, а со тоа и полн легитимитет да се стави во одбрана на македонската демократија и Македонија во целост. Во спротивно  нема предвидувања на се што може да се случи со безбедноста и може да биде доведен во прашање  уставниот поредок на Р.Македонија.  Да се надеваме дека до тоа нема да дојде, но во секој случај тоа е едно од сценаријата кое е на маса.

ПРЕС24: Дали СДСМ и актуелното раководство ќе ги признае изборните резултати?

СОКОЛОВ: Јас сум сигурен дека без разлика на изборниот резултат ВМРО ДПМНЕ ќе ги признае изборите како фер и демократски.  Истото не можам да го кажам за СДСМ, бидејќи во минатото имало тенденции да се негираат веќе признати изборни резултати, па според тоа сметам дека ако СДСМ не е целосен и убедлив победник на овие предвремени парламентарни избори, ќе се обиде да го оспори изборниот резултат.

ПРЕС24: Неодамна во издание на Архивот на Македонија излезе едицијата од неколку томови од досиеја на тајните служби. Таму Ве има и Вас и вашето досие. Интересно е што е работено и за време на демократска Македонија?

СОКОЛОВ: Да неодамна од печат излезе едицијата Црните страници на УДБ  во која е опфатено и дел од моето лично досие.  Ако зборуваме за активностите на УДБА од почетокот на  1945  до денес, нема никаква  суштинска  разлика во нејзиното делување. Имено  ОЗНА, а покасно  УДБА  е разузнавачки апарат концепиран да работи  во услуга на власта. Тука нема политика нема разум, право или правичност.  Се работи за огромна организација  составена од доволно кадри и логистика за да може непречено да функционира и обезбеди  потребни информации и податоци за политичкиот естаблишмент во РМ.  Бидејќи истиот тој разузнавачки апарат е проектиран и основан од политичкиот систем, а чиј наследник е СДСМ и кој не претрпел посериозни реформи, нормално е и денес, истиот тој, да работи  во услуга на  својот креатор.  Истовремено читајќи ги сите политички досиеја лесно може да се заклучи дека целта на злоупотребата била да се уништи македонската  национална и политичка мисла. Се надевам дека во друга прилика ќе можеме поопширно да проговориме за содржината на тој своевиден политички терор.

ПРЕС24: Ако треба да направите оценка за развојот на Македонија од 1990 од 1980, од 1998 до 2002, од 2002 до 2006 и од 2006 до денеска, како би ги дефинирале овие периоди?

СОКОЛОВ:  Знаете периодот  во 90-тите е период на  будење на државотворната свест на Македонецот од една страна, а истовремено активирање на надворешните пропаганди за замаглување на таа свест.  Па оттука ќе забележите дека тоа е период на континуирана борба на овие две дијаметрално спротивставени концепта. Нејасно дефинираните одредби во Уставот на РМ како и вештото искористување на тие нејаснотии од одредени структури во Р. Македонија допринесе за целосно разграбување на општествениот имот и редефинирање на македонското класно општество. За кратко време можеше да се забележи како најголемите  довчерашни комунисти преку ноќ се трансформираа во олигарси. Тоа само по себе предизвика голема фрустрација кај поголемиот дел од населението кое остана со кратки ракави од таа бесмислена приватизација. Ваквите фрустрации ќе се рефлектираат и на меѓуетничките односи како и на демографската  состојба  на Р. Македонија. 

Во периодот од 1998 до 2002 беше период на големо исчекување. Македонскиот народ  и граѓаните на Македонија очекуваа дека новата власт ќе донесе промени, ќе направи ревизија на злоупотребите од приватизацијата и ќе даде нов импулс на економијата.  За жал таа продолжи со истата матрица на делување , со истиот однос кон малцинствата, не покажа знаење и воља за подобрување на општествениот статус на граѓаните, што резултираше со вооружен конфликт и капитулација со потпишување на тој срамен акт(охридски мировен договор). Поради тој  разочарувачки  период, граѓаните на Р Македонија повторно  на 11 септември  2002 година му ја враќаат власта на СДСМ.   Тоа е уште едно големо разочарување на граѓаните на Р.Македонија. Тоа е период на континуирана нестабилност  на економски и политички план. 

За воља на вистината по изборите 2006 се роди нова надеж за Македонија.  Сите политички и економски успеси на новата влада на ВМРО ДПМНЕ предводена од Никола Груевски со години ќе ја движи Македонија нанапред.  Како што споменав и порано, силните пропаганди од соседите со години ќе го подрива  и така кревкото македонско општество. Инсталациите на странските служби преку невладиниот сектор и СОРОС, сериозно ќе направат упад во македонскиот систем, па така најизменично ќе се поставува потреба од предвремени избори, што со голема мера ќе го наруши меѓународниот кредибилитет на Р.Македонија. Последните две години сме сведоци на огромен притисок за редефинирање на државното уредување на РМ, што ми дава за право да го толкувам како против уставен и непријателски чин кон Р. Македонија.  Како последица на преголемиот ангажман на Владата на Груевски на економски план и нејзиниот попустлив однос кон опозицијата ова резултира со сериозни закани за севкупната безбедност на Р. Македонија и нејзините граѓани...

 
 
02.12.2016 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа