Исламските земји ја осудуваат одлуката на Трамп за Ерусалим

Одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел предизвика осуда и жестоки реакции на муслиманските земји на Блискиот Исток. 

Турското Министерство за надворешни работи денеска ја осуди одлуката на САД да го признае Ерусалим како престолнина на Израел, нарекувајќи ја „неодговорна" и го повика Вашингтон да го преиспита овој потег.

Египет ја отфрли одлуката на САД за преместување на амбасада во Ерусалим, соопшти Министерството за надворешни работи на Египет, додавајќи дека признавањето на Ерусалим како главен израелски град од страна на Трамп, не го менува правниот статус на градот.

Иранското Министерство за надворешни работи изјави дека Иран „сериозно ја осудува" одлуката на САД, со која се прекршуваат меѓународните резолуции.

Саудиска Арабија, исто така, изрази противење на потегот на Трамп, велејќи дека тој „ги провоцира чувствата на муслиманите ширум светот".

Катар, исто така, проценува дека одлуката за преместување на американска амбасада во Ерусалим е „опасна ескалација и смртна казна за сите оние кои сакаат мир".

Јорданскиот крал Абдулах Втори изрази загриженост во телефонски разговор со Трамп, на кој му рекол дека непочитувањето на правата на Палестинците, муслиманите и христијаните во Ерусалим, може само да предизвика ширење на екстремизмот.

Либан, исто така, предупредува дека одлуката на Трамп му се заканува на мировниот процес и стабилноста во регионот. 

 

 

 

06.12.2017 - 23:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа