Интервју со Јован Донев: Не постои никаков план за членство на Македонија во НАТО под привремената референца

Поранешниот Амбасадор на Република Македонија во Лондон, професорот Јован Донев во интервју за Прес24, вели дека не постои никаков план на меѓународната заедница за членство на Р. Македонија во НАТО под привремената референца, како што тоа го најавуваат и се надеваат дел од аналитичарите во Македонија. Донев смета дека никој нема намера да ја притиска, а ниту пак Грција ќе се откаже од својата воспоставена политика на вето кон Македонија.

-Во однос на евентуалната грчка согласност за наше членство во НАТО, под привремената референца, можам  само да кажам дека тоа е само добар сон. Република Грција е сериозна држава, која води сметка за своето национално достоинство, но и за своите национални интереси. Еднаш донесена одука од страна на нејзина влада таа никогаш нема да ја смени, не без сериозни отстапки од страна на Република Македонија.  При ова во ниту еден момент не треба да се испушти од предвид дека во овој момент  Република Грција за своите позиции ја има поддршката на земјите од Г-5. Најодговорно тврдам, во овој момент не постои никаков план за членство на РМ во НАТО под привремената референца. Постои само една голема дилема дали воопшто ќе има натамошно проширување на НАТО. И за тоа нашиот државен врв треба да започне сериозни разговори со претставниците на Американскиот сенат.   Не со Белата куќа, туку со Сенатот, вели Донев во интервјуто за Прес24.

Донев во интервјуто зборува и за договорот за добрососедство со Бугарија, а прави и анализа на целата политичка криза со која се соочи Македонија, потенцирајќи дека „ секој еден, што на еден или друг начин поттикнал или помогнал оваа криза да се појави и ескалира не смее да биде ниту политички, ниту кривично амнестиран“.

-Кризата во Република Македонија  беше поттикната, а на моменти се чини и подгревана,  од страна на одреден број на големи сили, наши сојузници, но не за да се спречи пробивот на  Руското влијание. Таа беше предизвикана за да се избалансираат  грчко-турскиот регионални интереси, а во функција на решавање на кипраското прашање. За прв пат, во поновата историја, Република Македонија, не по своја волја,  е внесена во комплексот на прашања поврзани со Источниот Медитеран. Целосна експлоатација на големите резерви на гас во регионот на Источниот Медитеран не е можна без затварање на кипарското прашање. Од друга страна, интересот на големите енергетски компании за побрзо започнување на експлоатацијата на овие резерви, како и принципиелниот став на Европската Унија за изнаоѓање на алтернативни извори на енергија,  со кои би се намалила Руската зависност, го зголеми интересот, но и ангажманот на членките на Г-5 за решавање на ова прашање.  Гледано од нивен аспект, компромисно решение  помеѓу две регионални сили   Грција и Турција, кои освен во Источниот Медитеран, посебно на Кипар, имаат свои интереси и во регионот на Западен Балкан, може да се постигне доколку „загубите“ на едната или другата, или на двете страни, се компензираат во регионот на Западен Балкан. На тој начин, за прв пат, во својата историја, Република Македонија „доби“ свое значење и во овој регион.

При што не треба да се испушти од вид, дека предложеното решение за Кипар, кое содржеше редефинирање на Кипар во бинационална држава со ротирачки претседател, Грк па Турчин,  доколку успееше, во комбинација со испланираното решение за Република Македонија,  ќе отвореше можности за примена на истиот или сличен рецепт и во Косово и во Босна и Херцеговина, вели професорот Јован Донев, екс Амбасадор во Лондон во интервју за Прес24.

ПРЕС24: По 100 дена од формирањето на новата влада со ново парламентарно мнозинство, може ли да се констатира дека Македонија добива друг политички поумерен тек од онаа политичката криза што почна пред три години? 

ЈОВАН ДОНЕВ: Кризата за која што зборувате беше една од најтешките во изминативе две децении. Таа, во еден момент ги загрози основите на државата. Од тие причини, не верувам дека трансферот на власта, преку формирањето на едно тесно парламентарно мнозинство,  ќе овозможи влегување во помирни води. За да се постигне такво нешто, потребно е Македонската политичка елита да направи сериозен ментален исчекор и да одлучи причините за кризата да бидат предмет на истрага од страна на една или повеќе независни истражни комисии, формирани од страна на парламентот, со посебен и независен  буџет.  Граѓаните на Република Македонија имаат право да дознаат што навистина се случуваше во изминативе три години. Дополнително, само на тој начин, преку една независна истрага, ќе извлечеме поуки со кои ќе оневозможи вакви и слични кризи да се повторат.  Со ова ние нема да ја откриеме топлата вода. Едноставно ќе примениме пракса која одамна требеше да биде применета, како што е случај  во сите земји членки на ЕУ и НАТО. Едноставно, секој еден, што на еден или друг начин поттикнал или помогнал оваа криза да се појави и ескалира не смее да биде ниту политички, ниту кривично амнестиран.

ПРЕС24: Овие неколку години колку што траеше политичката криза од овде од Македонија, кога се анализираа и гледаат состојбите не секогаш се имаше јасен и објективен поглед. Вие бевте во овој период Амбасадор и можевте однадвор, веројатно и со повеќе информации да следите што и како се случува во Македонија. Јас сакам да Ве прашам, зошто и како се појави оваа политичка криза во Македонија?

ЈОВАН ДОНЕВ: Политичкава криза е израз на длабоките противречности кои постојат во Македонското општество, а кои со децении се игнорирани или погрешно третирани. Нивен заеднички именител е  ерозијата на воспитно-образовниот процес, а со самото тоа и на системот на морални вредности. Гледано гео-културолошки, Република Македонија е периферија на периферијата наречена Балкански полуостров. Се работи за географија, за  константа која не смеете да ја испуштите од предвид  при моделирањето на општеството и негово внесување во 21 век. За жал, во Република Македонија, периферниот воспитно образовен систем, не што не беше коригиран, напротив, тој беше дополнително девалвиран. Во такви услови, сосема природно јавната сцена ќе ја завладеат медиокритети, кои сопствените недоучени, или недоразбрани идеи за развојот на државата и нацијата ќе ги пласираат како меродавни. Резултат на ваквата состојба, која и понатаму од ден на ден се влошува, е целосна некореспондеција помеѓу нивото на образованието на населението и политичкиот систем.  За да биде појасно, ќе наведам еден пример. Република Македонија има пропорционален изборен модел. Тој модел, во принцип  одговара на етничката структура на населението, но и ги заштитува помалите политички партии. Но,  при дебатата за неговото донесување,  во ниту еден момент,  во предвид не се зеде нивото на културата, во најширока смисла на зборот,  на населението. Уште повеќе, невоспоставувањето на забрана за формирање на предизборни коалиции, создаде политички монопол на двете најголеми политички парти. Резултат на ова е претоварање на Собранието од дом на граѓаните,  во дом на партиите.  Оваа состојба само ја потврдува теоремата дека без  целосна партиска отвореност и демократија, за што предуслов е врвен воспитно-образовен процес, но и силна економија, која би ја променила структурата на населението,  пропорционален модел не функционира. Уште еден пример-прашање. Дали во кој и да било медиум сте прочитале или слушнале  за внатре-партиска дебата, по одредено прашање,  поврзано со партиската програма. Такво нешто нема. Едноставно доколку ги следите медиумите, кои по правило и да не известуваат  за внатре-партискиот живот, ќе добиете впечаток дека членови на партијата се роботи, а не поединци со свои гледања и сфаќања за различни прашања од општествениот живот. Воспоставено е едноумие кое се рефлектира и на вкупниот јавен живот.  Република Македонија е една од ретките држави во кои нашите политичари, но и колумнисти, аналитичари, па ако сакате и интелектуалци, не се дефинираат во спектарот на политичките идеи , кој е огромен, туку во црно бела варијанта. Или си „комуњара“ или си „вмровец“.  Тоа е уште еден доказ дека нивото на општата култура и образование  не кореспондира со воспоставениот политички систем. Уште полошо, оваа примитивност прејде и во физички анимозитет. Во физичко негирање, или игнорирање на поединецот кој мисли спротивно од неистомисленикот. Нешто што самото по себе е глупост бидејќи е спротивно на  самата есенција на човековото битие-различно да гледа и да вади различни заклучоци.  Прераснавме во општество во кое Хегеловото свето тројства „теза-антитеза-синтеза“ целосно се негира. Моноплистичката поставеност на двете најголеми партии, во комбинација  со квази-интелектуалците и ,,слободните,, медиуми, допринесоа  македонските граѓани да го изгубат својот статус и да се претворат во гласачи, во бројки. Нив никој не ги прашува за ништо. Тие се бројка која од време на време треба да се корумпира, за да се освои или задржи власта. Ако кон ова се додаде и примитивниот национализам  на лидерите на албанските  политички партии од Македонија, во тој случај сите услови за перфектна бура се исполнети.  И таа не само што ќе продолжи, туку ќе се зголемува доколку  не се изврши ресетирање  на системот.

ПРЕС24: Каква е улогата на меѓународниот фактор во креирањето, а потоа и во процесот на решавање на оваа политичка криза?

ЈОВАН ДОНЕВ: Меѓународен фактор не постои. Тоа е наша измислица. Постојат суверени држави кои, во услови на непостоење на светски идеолошки противници, во услови на целосна глобализација, се обидуваат да ги реализираат своите национални интереси. Во такво гео-политичко опкружување, секоја држава, поблиска или подалечна е наш конкурент, а и ние сме нејзин. Доколку  една  држава не  успеала да обезбедиш заштитни механизми и да се подготви  за делување во вакво опкружување, во тој случај направила  грешка која конкурентот или конкурентите ќе ја искористат.  Сите кои сметаат дека Република Македонија на еден или друг начин им е закана,  се разбира не мислам на безбедносна, детално се запознаваат со внатрешните состојби и во зависност од проценката на моментот, ќе ги искористат нашите слабости.  Големите сили, од своја страна, не нè третираат како некаква закана, но, благодарејќи на нашите внатрешни слабости, за добар пион во нивната меѓусебна стратешка игра.  Еднаш засекогаш треба да разбереме дека кризите низ кои поминуваме се резултат на неизградбата на сопствен Македонски демократски политички и економски систем, базиран врз принципите на либералната демократија, но  и целосната сервилност кон тоа што вие го нарекувате меѓународен фактор. Тој колку и да сака да ни помогне, не секогаш. колку и да е добронамерен, не секогаш,  тој не може да ги реши нашите предизвици. Тоа е наше внатрешно прашање. Ако нашите политички и држави лидери не научиле, на време,  дека само преку дијалог и компромиси се изнаоѓаат решенија,  кои содејствуваат со  нашите внатрешни и надворешни специфики, односно   дека политиката е судир на идеологии, а не  на тајфи, странецот на тоа не може да ги научи.  Тој гледа само да го згасне огнот за да не се прошири, со брзи и најчесто квази-решенија, кои насилно се  вметнуваат во Македонскиот политички и општествен систем.  Резултат на оваа наша не разбирлива  сервилност е само продолжување на една иста криза, која се изразува во различни облици.

ПРЕС24: Многумина сметаат дека во ситуацијата во Македонија се работеше за некој вид на напуштање на прозападната ориентација на претходната влада и дистанцирање од евроатланската агенда. Дали Македонија беше некој тест полигон за мерење на руското влијание?

ЈОВАН ДОНЕВ: Тезава која ја пласирате во ова прашање, ја слушам во повеќе наврати и морам да кажам таа исто така е резултат на невложувањата во образовниот систем. Република Македонија е единствена држава во регионот која нема соодветни научни институти кои би се занимавале со феномените на регионалната и глобалната политика и безбедност  Најодговорно тврдам, Република Македонија во ниту еден момент не ја напуштила својата прозападна ориентација. Напротив, таа понекогаш  тоа го прави и на своја штета. Исто така најодговорно тврдам, Русија нема никаков стратешки интерес во Република Македонија. И тоа е лошо! Тоа на креаторите на Руската надворешна политика им овозможува на Република Македонија да гледаат како на тактичко средство за реализација на своите пошироки интереси во регионот на Источниот Медитеран, но и на гео-политичката линија Јадранско море-централна Азија.  Кризата во Република Македонија  беше поттикната, а на моменти се чини и подгревана,  од страна на одреден број на големи сили, наши сојузници, но не за да се спречи пробивот на  Руското влијание. Таа беше предизвикана за да се избалансираат  грчко-турскиот регионални интереси, а во функција на решавање на кипраското прашање. За прв пат, во поновата историја, Република Македонија, не по своја волја,  е внесена во комплексот на прашања поврзани со Источниот Медитеран. Целосна експлоатација на големите резерви на гас во регионот на Источниот Медитеран не е можна без затварање на кипарското прашање. Од друга страна, интересот на големите енергетски компании за побрзо започнување на експлоатацијата на овие резерви, како и принципиелниот став на Европската Унија за изнаоѓање на алтернативни извори на енергија,  со кои би се намалила Руската зависност, го зголеми интересот, но и ангажманот на членките на Г-5 за решавање на ова прашање.  Гледано од нивен аспект, компромисно решение  помеѓу две регионални сили   Грција и Турција, кои освен во Источниот Медитеран, посебно на Кипар, имаат свои интереси и во регионот на Западен Балкан, може да се постигне доколку „загубите“ на едната или другата, или на двете страни, се компензираат во регионот на Западен Балкан. На тој начин, за прв пат, во својата историја, Република Македонија „доби“ свое значење и во овој регион.

ПРЕС24: Дали оваа криза во Македонија беше изолиран случај, или пак можеби дел од едно ново балканско сценарио. Ова Ве прашувам пред се поради фактот што на овие простори во моментов има и две нефункционални држави – Косово и Босна и херцеговина?

ЈОВАН ДОНЕВ: Во министерствата за надворешни работи,  кај нашите соседи, но и кај  регионалните и глобалните сили, постојано се дообработуваат стари и се развиваат нови сценарија. Заштитата на националните интереси на секоја една сериозна држава е катадневен процес. Од тие причини, при анализата на случувањата во регионот, но и пошироко, во ниту еден момент не треба да се испуштат сите опции. Тие треба катадневно  да се проверуваат  преку  фактите, преку конкретните делувања на државите, а не преку изјавите на нивните претставници.  Во однос на Вашето прашање, слободно можам да кажам дека  случувањата во Република Македонија  многу повеќе беа поврзани со предложениот начин за решавање на Кипарското прашање, отколку со нефункционалноста на Босна и Херцеговина и Косово.   При што не треба да се испушти од вид, дека предложеното решение за Кипар, кое содржеше редефинирање на Кипар во бинационална држава со ротирачки претседател, Грк па Турчин,  доколку успееше, во комбинација со испланираното решение за Република Македонија,  ќе отвореше можности за примена на истиот или сличен рецепт и во Косово и во Босна и Херцеговина.

ПРЕС24: Можни ли се нови промени на границите на Балканот?

ЈОВАН ДОНЕВ: Во принцип, не. Но тоа не значи ништо.  Евентуална појава на поголема криза, која би можела да го загрози регионалниот или Европскиот мир и стабилност, може да доведе до промена на  овој принцип. Големите сили доколку се доведат во состојба на избор помеѓу Европскиот мир и промената на границите секако дека ќе се определат за првото.  Се разбира можна е и втора варијанта.  Промена на границите  по мирен пат преку билатерални договори. 

ПРЕС24: Новата Влада полага големи надежи за деблокада на македонските евроатлански интеграции. Во тој контекст се и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, но и надежите дека новата тактика на пристап и разговори со Грција ќе даде некаков резултат. Ајде прво околу името и Грција. Колку е реално да се очекува дека оваа година може да има некаков видлив исчекор во поглед на прашањето за спорот со Грција?

ЈОВАН ДОНЕВ: Кога е во прашање СДСМ „Скопско и се е можно“. Ова колку и да звучи цинично, а за некои можеби и злобно, го тврдам врз основа на изјавите на некои негови функционери дека спорот со името може брзо да се реши, без при тоа да се загрозува Македонскиот идентитет.  И ова навистина е можно, но под услов доколку Република Македонија го смени своето уставно име и се редефинира во заедница на два или повеќе конститутивни народи.  Во тој случај,  во нашите пасоши под графата националност ќе стои придавка која ќе произлегува од новото државно име, прифатливо за Грција, а ние внатре во таа новоименувана држава слободно ќе си се нарекуваме Македонци. Кажано со други зборови, од нација ќе се девалвираме во народ, односно етничка група.  Изнесеново сценарио, кое навистина не би сакал да верувам дека се вртка во главите на тие функционери на СДСМ, кои јавно даваат изјави за брзо решавање на ова прашање, го засновувам на фактот дека Република Грција нема проблем со името на нашата држава. Таа има проблем со името на нашата нација. За Грчкиот национализам е неприфатливо некој да биде Македонец, а во исто време да не е  Грк. Ова е нивна пан-хеленистичка национална црвена линија, која ги има своите корени уште од втората половина на деветнаесеттиот век. Само за потсетување, и во периодот кога Република Македонија беше во рамките на СФРЈ, само ние Македонците при премин на Грчката граница во графата за националност стававме СФРЈ. Сите останати Југословенски нации, во таа графа ја внесуваа својата националност.  Уште повеќе, и во тој период, единствено Грција не ги признаваше дипломите издадени од  Македонските универзитети.  Ваквиот непроменет Грчки став, ми дава за право да тврдам дека брз пробив во решавањето на овој спор не е можен, освен се разбира доколку не прифатиме промена на уставното име и уставното уредување на Република Македонија.

ПРЕС24: Некои аналитичари во Македонија сметаат дека новата политиката во македонската дипломатија треба да резултира со членство во НАТО под привремената референца. Сигналите од Атина не се баш оптимистички. Моето прашање дали некаков потег од Македонија, во смисла на применување на аеродромот, или пак можеби дислокација на споменикот од плоштадот може да ги задоволи Грците Македонија да ја добие поканата за членство во НАТО?

ЈОВАН ДОНЕВ: Прво, секоја промена на името на аеродромот, или дислокација на веќе поставен споменик, под притисок на друга држава  преставува понижување за секоја една суверена држава.  Ниту една држава во светот такво нешто нема да прифати. Второ, ние имаме во рака пресуда на меѓународен суд во која јасно стои дека преименувањето на аеродромот, или изградбата на споменици, не ја нарушува Привремената спогодба.  Ако некој ја нарушува тоа е Република Грција и тоа треба јасно и гласно да им се соопшти на членките на Советот за безбедност и да се побара од нив да ја осудат Грција за кршење на Привремената спогодба.  Во однос на евентуалната грчка согласност за наше членство во НАТО, под привремената референца, можам  само да кажам дека тоа е само добар сон. Република Грција е сериозна држава, која води сметка за своето национално достоинство, но и за своите национални интереси. Еднаш донесена одука од страна на нејзина влада таа никогаш нема да ја смени, не без сериозни отстапки од страна на Република Македонија.  При ова во ниту еден момент не треба да се испушти од предвид дека во овој момент  Република Грција за своите позиции ја има поддршката на земјите од Г-5.

ПРЕС24: Ако зад таков план стои меѓународната заедница? Дали е можен притисок од Запад врз Атина сепак да се откаже од ветото?

ЈОВАН ДОНЕВ: Најодговорно тврдам, во овој момент не постои никаков план за членство на РМ во НАТО под привремената референца. Постои само една голема дилема дали воопшто ќе има натамошно проширување на НАТО. И за тоа нашиот државен врв треба да започне сериозни разговори со претставниците на Американскиот сенат.   Не со Белата куќа, туку со Сенатот.  Во однос на вториот дел од прашањето,  ќе ви одговорам со прашање. Која е додадената  вредност за НАТО со членството на РМ во него за да неговите членки извршат сериозен притисок врз Грција.  Нема! НАТО и со Македонија и без неа е  гарант и камен темелник на Европската безбедност. Мирот и стабилноста на Балканот и со Македонија и без Македонија е интерес на земјите членки на НАТО.  Во крајна линија и сево ова да не е точно. Фактот дека односите помеѓу Турција и некои други членки на НАТО се влошени, ја прави Грција уште поважен сојузник и еден од клучните НАТО играчи во регионот на Источното Средоземје. Ниту една сериозна дипломатија нема да го занемари овој факт, за да врши притисок врз Грција и таа да се согласи Македонија да влезе во оваа организација под привремената референца.

ПРЕС24: Договорот со Бугарија беше изненадување, особено брзината со која се дојде до потпишувањето. Сепак тој договор предизвика остри реакции во македонската јавност. Можеби од тие причини се уште не е ставен за ратификација пред Парламентот. Сепак, ако се анализира тој договор, колку тој е на штета на македонските национални интереси. И дали станува збор за договор потпишан под рамноправни услови?

ЈОВАН ДОНЕВ: Договорот со Бугарија е една наивна  будалаштина. Имено, овој договор е потпишан со држава чии најголем национален празник е 3 март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор. Потпишан е со држава  во чии учебници по историја се внесени сите Македонски преродбеници и револуционери до 1941 година вклучувајќи ја и неа, како бугарски.  Тоа е држава која даде илјадници жртви за време на Првата и Втората светска војна за да ја присоедини Македонија кон сопствената територија. Па зар има некој кој сериозно верува дека таа ќе се откаже од сето ова и ќе прифати дека нашата заедничка историја завршува во седумдесеттите години на деветнаесеттиот век. Ќе повтора, како и во случајот со Грција. Бугарија е сериозна држава која во ниту еден момент нема да дозволи повреда на националната гордост и достоинство. Само за пример и евентуално иницијатива, а за да го тестираме идното бугарско однесување. Владата на Република Македонија јавно нека побара Република Бугарија да се извини на жртвите што ги сторила за време на Втората светска војна во РМ.  Најодговорно тврдам, Република Бугарија тоа нема никогаш да го стори, а без тоа за какво помирување и одбележување на заедничка историја зборуваме. При ова сакам да бидам сосема отворен и  јасен. Јас немам ништо против формирање на заедничка историска комисија, но не врзување на нејзиниот мандат со македонските евроатлански аспирации.  Иницијативата на двете академии за заеднички дебати околу прашањата за кои имаме различни гледишта е добар почеток за  градење на едни поинакви национализми - македонски и бугарски, но за тоа треба време и промена на околностите во регионот.  Од тие причини, таа комисија требеше да се формира и да и се овозможи да работи непречено. Останатите прашања поврзани со  билатералната соработка требеше да бидат предмет на договор.  Прашањето за бугарското лобирање за отворање на претпристапните преговори со ЕУ, не требеше ниту да се спомене. Прво, Бугарија не е некоја сила во ЕУ која може да излобира во полза на Македонија и второ еднаш засекогаш треба јасно да ставиме до знаење дека членството  во ЕУ е двонасочен пат. Република Македонија треба да  сака да биде членка на ЕУ исто колку што ЕУ треба да сака Македонија да биде нејзина членка. Доколку вака ги поставиме односите со ЕУ во тој случај грчкото вето ќе стане предизвик за ЕУ, а не за нас. Во моментов, како што стојат работите излегува дека ние ја молиме ЕУ да станеме нејзина членка. Со самото тоа стануваме подложни на разни уцени.

ПРЕС24: Зошто според Вас, Бугарија инсистираше на тој договор?

ЈОВАН ДОНЕВ: Од исти причини, како и Грција. Бугарскиот национализам се гради врз идејата за историските неправди кои се направени врз Бугарија со тоа што не и е дозволено Македонија да биде нејзин составен дел. Свесна дека оваа идеја веќе е мртва, таа не сакајќи да се откаже од тие спомени, прво го отвори прашањето за јазикот, а сега и прашањето за историјата. Официјална Софија признава постоење на самостојна македонска држава. Таа беше  прва  која не призна под уставното име, токму од тие носталгични причини, но сега како членка на ЕУ и НАТО смета дека има доволно мускули, за да добие и официјално признание од македонска страна за  исправноста на нејзината национална идеја.  Дополнително, како и секоја прагматична  држава, инсистирајќи на Бугарскиот корени  на Македонците, таа се приближува кон Грчкиот став, кој го тврди истото. Нејзините калкулации се дека Македонија притисната од две соседни држави, членки на ЕУ и НАТО, плус разнишана од внатрешниот,  но и регионалниот големо- Албански национализам  ќе прифати се што од нејзе ќе се побара. 

ПРЕС24: Во поглед на внатрешните политички активности на новата влада можат да се извлечат две точки. Првата секако е законот за јазици, кој беше и еден услов за формирањето на новото парламентарно мнозинство. Каде оди Македонија со овој нов закон за јазиците?

ЈОВАН ДОНЕВ: Законот за јазиците во предложената варијанта е  карта во еден правец. Во правец на федерална Македонија.  При ова, за да нема недоразбирања, тврдењата дека проширувањата на правата за употреба на Албанскиот јазик, не се на штета на Македонскиот се целосно точни. Но би сакал сите тие што ја пласираат оваа теза, јавно да ги прашам , на кој начин  и со кои инструменти мислат да ја градат Македонската нација. Без еден официјален јазик, нема  нација. Државата ја создава нацијата, а нацијата ја чува  државата. Официјалниот јазик и неговата секојдневна употреба се еден од инструментите преку кои секојдневно се гради и зајакнува нацијата. Нацијата не е еднаш засекогаш дадена категорија. Нејзиното моделирање и прилагодување кон промените во опкружувањето се катадневен предизвик.  Но, во тоа моделирање и прилагодување има неколку константи. Тоа се јазикот и историјата.  Во нашиов случај, фактот дека на просторот на Република Македонија постои и албанско национално малцинство, кое за разлика од останатите малцинства и етнички групи, не само што одбива да се интегрира во националната матица, туку и со преќутна согласност на државниот врв, ги крши одредбите од Охридскиот рамковен договор,  е сериозен предизвик, кој бара и трпение и мудрост, но никако краткорочни политички компромиси. Дотолку повеќе што лидерите на албанските политички партии  од Македонија, со одењето во Тирана јасно покажаа дека немаат Македонска национална свест, во политичка и граѓанска смисла на зборот. Тие се одењето во Тирана го понижија суверенитетот на мнозинството граѓани на оваа држава. Во овој контекст би сакал да додадам уште еден аспект, кој јасно ја поткрепува тезата за дискрепанцата помеѓу воспоставениот политички систем и степенот на образованието на населението. Предложените законски решенија се толку противуставни што и лаик по право може да ги препознае. Ставањето на Европското знаменце врз предлогот на законот е евтин трик кој што и дете може да го открие. Поборниците за негово усвојување, го игнорираат ова. Уште полошо, тие се залагаат за воспоставување на едно право, кое во извештаите на Европската комисија е поврзано со  јазична сегрегација во Република Македонија и во неколку последователни извештаи бараат таа да се елиминира.  Поголема иронија од ова нема. Владата на Македонија на Собранието му предлага закон со европско знаменце против која е и самата ЕУ. 

ПРЕС24: Но прашањето за употребата на албанскиот јазик од потпишувањето на рамковниот договор до денеска постојано е предмет на некакви анализи. И претходната Влада донесе закон за јазиците кој од тогашната опозиција, сега власт беше толкуван како неуставен. Сегашната опозиција, тогашна власт, смета дека овој закон е исто така неуставен...

ЈОВАН ДОНЕВ: Во неколку наврати истакнувам дека главниот наш предизвик е ниското образовно ниво на  нацијата, кое за наша жал креира многу повеќе медиокритети отколку интелектуална елита. Прашањата поврзани со статусот на Албанското малцинство се провлекуваат од самиот почеток на нашата независност. Нивната политичка платформа е зацртана уште во 1991 година. За жал, сите Македонски влади до 2001 година ова прашање го игнорираа. Охридскиот рамковен договор, него го реши на еден цивилизиран и демократски начин. Но тоа не беше доволно за лидерите на Албанските политички партии во Македонија.  Тие само го пролонгираа и прифатија, етапно  реализирање на нивната политичка платформа, со што допринесоа до појавата  на ,,Беса.,,  Од друга страна, Македонската политичка елита, игнорирајќи ја сериозноста на феноменот ,,национализам,,  а опседната со ,,феноменот,, на власта, ова прашање го ставаше и се уште го става  на дневен ред   при своите политички калкулации околу формирањата  на собраниски мнозинства , а со тоа и влади. Тие едноставно го игнорираа фактот дека национализмот е исклучително сериозен феномен кој бара максимална посветеност. Посебно доколку се работи за национализам кај малцинство кое заради своето задгрбие свесно одбива да ја прифати историската судбина да живее надвор од својата национална држава. Неволно го признава фактот за непроменливост на границите, но компромисно решение бара во евентуалното стекнување на статус на втор конститутивен народ. Резултат на ваквите спротивставени идеи е кршењето на Охридскиот рамковен договор и целосното напуштање на неговата идеја за изградба на граѓанска Македонска нација. Оној момент кога СДСМ ја прифати новата територијална поделба, а ВМРО-ДПМНЕ го прифати принципот на коалицирање со  македонска албанска  политичка партија која освоила најмногу гласови,  без никакви анализи, без никаков дијалог со граѓаните, во тој момент лидерите на Албанското национално малцинство сфатија дека шансите за остварување на нивната платформа е во уценувањето и постојаното зголемување на барањата,  а во функција на остварување на нивните цели.  И тоа е исправна тактика. И јас да сум припадник на албанското малцинство, истото би го правел. Не сум јас виновен што големото мнозинство на припадници на македонската нација не знаат да седнат и да изработат стратегија која би била во  функција на нејзина доизградба и зацврстување, но во исто време и за унапредување на индивидуалните и колективни права на припадниците на сите малцински и етнички групи. 

ПРЕС24: Ако се гледаат реално состојбите, како би требало да изгледа овој закон за употребата на албанскиот јазик?

ЈОВАН ДОНЕВ: Доколку ги гледаме реално состојбите овој закон не треба да се донесе.  Треба да се седне и озбилно да се разговара за ресетирање на Македонскиот политички систем, како и за  правците на градење на силна и единствена нација на еднакви граѓани, кои ќе можат да ја сочуваат државата од секоја закана. Во односите помеѓу Македонците и Албанците од Македонија постојат многу стереотипи и предрасуди. Постои и голема недоверба како резултат на минатото. Сето тоа може да се надмине преку еден сериозен и аргументиран дијалог. Во оваа смисла се надевам и очекувам Претседателот на Република Македонија да покрене иницијатива за започнување на еден ваков дијалог, кој би го ресетирал целиот процес, а во кој би биле вклучени и претставници на политички партии, но и на високообразовните институции, МАНУ, па ако треба и независни експерти од странство.  Исто така, можеби наивно, но сепак очекувам, актуелната влада, да ја прифати оваа идеја и да се сконцентрира само на економските прашања. Образованието и културата намерно ги издвојувам. Тие мора да бидат дел на процесот на ресетирање на политичкиот систем. Без нив, се ќе биде залудно.

ПРЕС24: Другиот фокус што новата Влада на внатрешен план го има е судскиот систем и реформите. Што е она што може на овој план да се очекува?

ЈОВАН ДОНЕВ: Реформирањето на секој еден систем како и  донесувањето на закони со Европски знаменца може да има резултати само со нивна целосна имплементација. За тоа да се случи треба да постои свест за потребата од нивна имплементација, но и свест за стриктна примена на принципот на владеење на правото. Нешто што ние, со чесни, но мали исклучоци,  го немаме,  во нашиот индивидуален систем на вредности. Најдрастичен, а може да се каже и најироничен пример се соопштенијата на двете најголеми политички партии. Едната обвинува „аболицираниот криминлец Заев“ втората одговара ,,криминалецот Груевски и неговата фамилија.,, Да биде иронијата поголема, а со тоа и целата глупост,  овие изјави се повторуваат  од страна на папагалските медиуми и квази-интелектуалните партиски  превезоци.  На овој начин, преку овој галаматијас од гласови, ние само докажуваме  дека принципот на владеење на правото, а во конкретниов случај почитувањето на принципот на пресумпција на невиност,  нам ништо не ни значат. Нам, кога е во прашање борбата за освојување или задржување на власта, ништо не ни е свето, а најмалку уставот и законите. Се разбира, откога ќе ја освоиме, или задржиме власта, е тогаш повторно ќе почнеме да зборуваме за овие принципи. Не затоа што во нив веруваме, туку затоа што, како мали деца, мислиме дека на тој начин ќе ја прелажеме  Европа. 

ПРЕС24: Од дипломатскиот ангажман во Лондон сега сте во Скопје. Сакам да Ве прашам, како гледате на македонската дипломатија изминативе 27 години независна држава? Дали македонската дипломатија успеа да се снајде во овие нови светски текови на дипломатијата?

ЈОВАН ДОНЕВ: Основна задача на секое министерство за надворешни работи е да се грижи за заштита на национални интереси на сопствената држава. Тие се безбедноста и суверенитетот на државата, како и за општествената благосостојба на нејзините граѓани. За таа цел, во негов состав, или под негова капа,  се наоѓаат и разузнавачките служби. Кон овие министерства најчесто се прилепени и поголем број на научни институти и „тинк-тенкови“, кои помагаат во анализата и креирањето на политиките.  За жал, нашето МНР колку и да сака да го следи овој шаблон, не може.  Ниту теоретски ниту фактички. Во Република Македонија не постои ниту Балканолошки институт, ниту институт за регионални и светски политики кои би можеле да го сервисираат нашето Министерство. За да бидат работите покомплицирани, пост-модерните држави, во ера на глобализацијата ги изедначи внатрешните и надворешните политики. Тие се споија во една политика. Ние се чини се уште сме во ера на модернизмот.

 

 

 

 

16.09.2017 - 10:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа