Ина Додовска: Долг временски период на власт носи долга транзиција во опозиција

Прашањето за уставното име на Република Македонија е всушност причината поради која ВМРО-ДПМНЕ е насилно и недемократски исфрлено од извршната власт, вели во интервју за Прес24, универзитетската професорка, Иванка Василевска-Додовска. Анализирајќи ја новата влада, Василевска-Додовска вели дека станува збор за една вон стандардна состојба која допрва ќе ескалира во својата замислена оска на дејствување кое во наредниот период ќе ги покаже своите скриени намери.

- Приемот во ЕУ или НАТО е добра мамка за граѓаните, додека во позадина постои подлабока приказна која е поврзана со разнебитувањето на македонската унитарност, македонскиот корен и македонската национална свест. Видете, не постои причина доволно силна која на здраво разумски начин ќе доведе до можноста за промена на уставното име на нашата држава. Политичките гарнитури доаѓаат и си одат, генерациите се менуваат, но, Македонија е повеќе од сето тоа и од тие причини битката за неа се води на толку високо, би рекла, планетарно ниво. За да се одработи теренот за ова прашање, потребни ви се луѓе кои немаат никаков идентитет, ниту пак чувство за она најесенцијалното кое ги дефинира и ги обликува. Во тој поглед, се ми се чини дека во наредниот период ќе избукнат нови вулкани и многу посериозни политички тензии, доколку претпоставките за сериозно менување на името станат отворени и активни, вели во интервјуто за Прес24, Василевска-Додовска.

Во поглед на кадровскиот потенцијал на новата влада, професорката препознаван и добри решенија, како она во министерството за образование, за каде вели дека конечно е донесена личност која е компетентна и комплетно спремна сериозно да се зафати со еден од најбитните ресори во државата.

-Секако и на други места препознавам мои колеги кои имаат капацитет и верувам снага да ја сработат професионално зададената работа. Во однос на кадрите на ДУИ нема што тука да се дискутира, вели професорката. Таа смета дека одлуката за укинување на дисперзираните студии била неопходна.

-Сметам дека тоа беше неопходно, особено во доменот на високото образование каде беа направени сериозни грешки во минатото. Видете, честопати се обраќавме до надлежните во МОН, но, таму немаше слух за никаква сугестија, ниту пак контакт. Всушност, овие решенија немаат драматика, ниту пак се без основа. Тие во својата основа се само еден коректив на нетактичниот и крајно погрешниот пристап кој беше наметнат во доменот на образованието и претставуваа сериозен проблем кој мораше да се реши на начин како што се реши, вели Василевска-Додовска во интервјуто за Прес24.

Универзитетската професорка на правниот факултет, смета дека овој период кој следува ќе биде многу важен и за новата опозиција, бидејќи како што вели „Долг временски период на власт носи долга транзиција во опозиција. Ќе треба време да разберат каде се и што ќе прават во наредниот период.“

-Очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ е доволно искусна партија самостојно да си одлучи кој ќе ја раководи. Сепак тоа се нормални политички процеси и оставам повторно на времето и на партиските членови да ја донесат таа одлука. Секако во ситуација на губење на власта, незадоволството кај членовите е возможно да расне, но, сепак, тоа се состојби кои доведуваат до прочистување, како и до согледување на пропустите и грешките кои нормално е да се издиференцираат и да станат појасни за согледување. Само на таков начин, се одржува здравото ткиво на една силна опозициска партија која во иднина ќе претендира повторно да ја освои власта, вели во интервјуто за Прес24, доц. д-р Иванка Василевска – Додовска , универзитетски професор.

ПРЕС24: Владата на Зоран Заев го поминува првиот месец. Иако се уште е рано да се прават сериозни анализи, сепак од овој изминат период и од досегашните чекори, како ја оценувате оваа нова влада?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Избоксувана влада, освоена повторно од страна на СДСМ на нелегитимен начин, со нејасна и мошне дискутабилна визија за Република Македонија... не ја оценувам според ниеден мериторен систем, бидејќи станува збор за една вон стандардна состојба која допрва ќе ескалира во својата замислена оска на дејствување кое во наредниот период ќе ги покаже своите скриени намери.

ПРЕС24: Кадровскиот капацитет, за опозицијата е спорен, односно не ветува нешто што може да значи напредок... Многу од имињата веќе биле дел од извршната власт, особено оние од ДУИ. Како вие гледате на кадровските решение на Заев за оваа влада?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Не се согласувам во целост со тоа тврдење. Особено во образование конечно е донесена личност која е компетентна и комплетно спремна сериозно да се зафати со еден од најбитните ресори во државата. Секако и на други места препознавам мои колеги кои имаат капацитет и верувам снага да ја сработат професионално зададената работа. Во однос на кадрите на ДУИ нема што тука да се дискутира. Уште во моментот кога мандатарот Груевски беше одбиен од ДУИ да формираат влада, беше јасно дека се крчка старо-новата коалиција на СДСМ и оваа албанска партија. И во минатото и денес, постои непишано правило во кое се замижува пред предлозите кои доаѓаат од страна на македонските партии со албански национален предзнак, па оттаму ќе си ја дозволам слободата и јас да се воздржам при искажувањето во однос на тоа кои се кадрите кои се понудени од страната на ДУИ и се разбира, зошто?!

ПРЕС24: Иако се очекуваа некои прашања од сферата не економијата да бидат меѓу првите владини одлуки, сепак засега можат да се издвојат две клучни теми за кои владата донесе први одлуки. Едната е укинувањето на екстерното, втората укинување на дисперзираните студии и враќање на родовите студии. И двете одлуки се од доменот на образованието, кои се вашите коментари за овие одлуки?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА:  Сметам дека тоа беше неопходно, особено во доменот на високото образование каде беа направени сериозни грешки во минатото. Видете, честопати се обраќавме до надлежните во МОН, но, таму немаше слух за никаква сугестија, ниту пак контакт. Всушност, овие решенија немаат драматика, ниту пак се без основа. Тие во својата основа се само еден коректив на нетактичниот и крајно погрешниот пристап кој беше наметнат во доменот на образованието и претставуваа сериозен проблем кој мораше да се реши на начин како што се реши. Во однос на родовите студии, очекувано, особено ако погледнеме дека во оваа област беше доста инвестирано од странските донатори на Шарената револуција. Сепак, најобјективно земено истото претставува нешто што за мене како дел од Академијата исто така не е страшно, доколку остане во рамките на науката.

ПРЕС24: Од друга страна пак во доменот на политичката сфера, прашањето за името како да се враќа на голема врата. Дали е тоа резултат на долгиот застој на ова прашање, или пак е дел од некаква агенда за брз прием на Македонија во НАТО?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Прашањето за уставното име на Република Македонија е всушност причината поради која ВМРО-ДПМНЕ е насилно и недемократски исфрлено од извршната власт. Приемот во ЕУ или НАТО е добра мамка за граѓаните, додека во позадина постои подлабока приказна која е поврзана со разнебитувањето на македонската унитарност, македонскиот корен и македонската национална свест. Видете, не постои причина доволно силна која на здраво разумски начин ќе доведе до можноста за промена на уставното име на нашата држава. Политичките гарнитури доаѓаат и си одат, генерациите се менуваат, но, Македонија е повеќе од сето тоа и од тие причини битката за неа се води на толку високо, би рекла, планетарно ниво. За да се одработи теренот за ова прашање, потребни ви се луѓе кои немаат никаков идентитет, ниту пак чувство за она најесенцијалното кое ги дефинира и ги обликува. Во тој поглед, се ми се чини дека во наредниот период ќе избукнат нови вулкани и многу посериозни политички тензии, доколку претпоставките за сериозно менување на името станат отворени и активни.

ПРЕС24: Иако пред формирањето на владата многу се зборуваше за точките од платформата на албанските партии, особено законот за употреба на јазиците.. Тоа прашање се уште останува во втор план. Зошто е тоа така?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА:  Веројатно беше испланирано амплитудата на националната нетрпеливост да биде крената на што е можно повисоко ниво за создавање на хаос. Видовме дека истиот тој ефект доведе до тоа ниедна релевантна институција во државата да не изреагира на бескрупулозното кршење на Уставот и на законите на Република Македонија во април и на тој начин, на нелегитимен начин да се доведе СДСМ на власт. Во овој поглед, особено сум разочарана и воедно засрамена од Уставниот суд, како и од МАНУ. Мојот став е дециден во однос на овие две институции, за кои сметам дека историски ќе бидат препознаени како соучесници во овој против уставен и против државен удар и верувам дека истите ќе ја добијат својата соодветна референца во толкувањето на процесот на дерогирањето и поништувањето на основите на кои се темели севкупниот општествено-политички поредок на Република Македонија.

ПРЕС24: Владата на Заев е единствената досега со најмала поддршка во Парламентот... Коалицијата на СДСМ и двете албански партии имаат 62 пратника. Од друга страна Заев најави силна реформска агенда. Колку влада со тенко парламентарно мнозинство може да испорача суштински реформи?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Може, ако има силна поддршка од надвор и разнишани основи од внатре. Секако, дискутабилно е прашањето за тоа што подразбираме под суштински реформи, освен ако не мислиме дека истиве само ќе ги исправаат пропустите и грешките на претходната владејачка гарнитура. Во тој случај немаме ништо суштинско, туку само изнаоѓање на решенија кои се логични, претпоставувам, бидејќи како што реков и погоре, она што претставува вистинска агенда на оваа власт е промена на уставниот поредок на нашата држава, со задача број еден т.е. промена на уставното име на Република Македонија.

ПРЕС24: Брисел неколку пати потсетува на обврската за спроведување на препораките од Прибе. Засега од овој процес нема нешто опипливо. Можно ли е власта и опозицијата, во овие релации што сега ги имаат да постигнат некаков политички компромис околу овие реформи кои се очекуваат од Македонија?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Би требало. Од самите почетоци на плурализмот до денес, Република Македонија страда од клиентелизам, партизација и погрешно разбирање на демократијата. Она што е суштинско кај Прибе и кое и моите студенти веќе во втора година на студии го знаат е дека во либерална демократија извршната власт, исто како и законодавната и судската ги плаќаат граѓаните и истите се сервис на граѓаните. Кај нас, овој концепт е како што веќе споменав, од самите почетоци изместен и истиот не верувам дека во скоро време, а особено оваа владејачка гарнитура ќе се зафати со негово опоравување. На некој начин, со наједноставен речник, потребни се нови решенија и нови политички елити кои ќе бидат способни да се зафатат со оваа работа.

ПРЕС24: Стоте дена од владата ќе изминат заедно со летото. Од септември веќе Македонија ќе влезе во нов изборен циклус – локалните избори. Дали локалните избори можат да ја трасираат иднината на оваа влада?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: И да и не. Многу работи ќе се случат до тогаш. Од досега виденото, не верувам дека би можело да очекуваме дека оние кои на нелегитимен начин се дограбија до власта, нема сега покомотно да се обидат истото да го повторат.

ПРЕС24: Очекувате ли предвремени избори, или пак владата на Заев ќе биде првата влада по повеќе од една деценија која ќе истера мандат од 4 години?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Немам проценка од оваа перспектива. Сметам дека се ќе зависи од чекорите кои ќе ги превземаат и од проценката на граѓаните до каде ќе дозволат да се оди.

ПРЕС24: Како го оценувате однесувањето на новата опозицијата?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Долг временски период на власт носи долга транзиција во опозиција. Ќе треба време да разберат каде се и што ќе прават во наредниот период.

ПРЕС24: Она што многумина го навестуваа, барањата за смена на лидертот на ВМРО ДПМНЕ веќе почна да се реализира. Иако според некои аналитичари многу рано по смената на власта, сепак колку овие иницијативи се реални и дали можат да мобилизираат дел од членството на партијата?

ВАСИЛЕВСКА – ДОДОВСКА: Сметам дека тоа е малку повеќе од параноидно и нереално. Очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ е доволно искусна партија самостојно да си одлучи кој ќе ја раководи. Сепак тоа се нормални политички процеси и оставам повторно на времето и на партиските членови да ја донесат таа одлука. Секако во ситуација на губење на власта, незадоволството кај членовите е возможно да расне, но, сепак, тоа се состојби кои доведуваат до прочистување, како и до согледување на пропустите и грешките кои нормално е да се издиференцираат и да станат појасни за согледување. Само на таков начин, се одржува здравото ткиво на една силна опозициска партија која во иднина ќе претендира повторно да ја освои власта. 

 

 

 

27.06.2017 - 11:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа