Игри без граници или немање на мерка

Игранката на СДСМ наречена „кредибилни – кристално чисти избори“ или во основа „да дојдеме на власт без мака, понуда за граѓаните и избори“, станува игра без мерка. Немање на државотворен капацитет, немање на идеја, немање на чувство за потребите на граѓаните и немање на политички капацитет го одведе СДСМ на патот на тоталната себедеструкција и хаотичност.

Сакам избори-несакам избори, половина милион „фантоми“ или 40 илјади „фантоми“, сакам нов закон за влада-сакам посебни повластувања за техничкиот министер во МВР, сакам во парламент-несакам во парламент, итн, итн итн, се до бесвест, до ментален колапс.

Тоа е политичката прагма заснована на хаотична профитерска идеологија на СДСМ и целосна посветеност на личните потреби и визии за улогата и пред се бенефититите од политиката како што ја имаат изградено во раководството на СДСМ, секако мислејќи дека токму тие се избрани сами по себе за да имаат специјален статус и пред се власт во Република Македонија.

Токму затоа два дена по постигнувањето на политичкиот договор за да се спроведат предвремени парламентарни избори и да се стави крај на двегодини долгата и предолга политичка криза креирана од СДСМ, истите тие се во бунило и повторно не им е јасно што тоа договориле.

Мене ми се чини дека нивното договоарање беше во основа: „ајде да договориме нешто па да одиме на одмор да бидеме дел од шемата, а потоа во Септември ќе му ја мислиме“. И ете толку од нивниот државотворен и политички капацитет, а со се СДСМ толку и од сите соросоидни невладини, анархисти, левици, ЛГБТ и останата шарена збирштина. Време е за одмори, многу мава ова скопското сонце за да отседиме половина Јули и цел Август тука на горештините. Ете толку од нивната и онака лажна борба за демократија, аза патриотизам нема место или што е тоа патриотизам. За да не се потсмевате на оние кои навистина работат, но и на оние кои загинаа низ историјата за слобода и независност на татковината, а во пресрет на Втори Август, само едно реторичко прашање до сите од СДСМ и оние шарените: „Дали мислите дека сонцето помалку грееше и за сите оние на Ножот, на Мечкин камен, во Свети Прохор Пчињски, на Карпалак, Љуботенски бачила“?

Неинвентивноста на СДСМ и нивната стара од Бранкоте научена приказна „пу-пу неважи“, веднаш дојде до израз. Уште не се ни исуши мастилото од договорот кој Рада го потпиша (ако го потпиша?), кога еве ти го Шилегов почна да проблематизира со „евентуални избори“, а веднаш по него и Рада стана пишман Рада. Така повторно си оставаат место за бегање од избори преку стоте теста на Шеќеринска. Но, кога се во вакво бунило забораваат една работа, а тоа е „тетка Вики“. Впрочем таа дојде во Скопје на нивните тужи-баби оговарања низ светот дека имаме диктаторски режим под кој јадните СДСМ, левичари, анархисти ЛГБТ и останати шаренолики, неможат да се изборат за демократија. И дојде „тетка Вики“, виде, им кажа што мисли дека треба да направат и си замина. И замислете ниту збор не кажа за „диктаторската власт“. Напротив добивме конструктивност во преговорите, секако отфрлајќи ги ступидните чопови на соросоидните невладини кои без избори сакаат да владеат, а кои дадоа максималистички вовед во позициите на СДСМ во текот на преговорите. За нивна жал веќе го имаме „Пржинскиот договор“ па овие преговори само требаше да ги усогласат недоразбирањата за поедини прашања со главна цел да дојдеме до датум за избори кој повторно треба да му одговара на СДСМ. Поради овие околности, насоките кои Бејли ги доби од Нуланд, пораките кои беа испратени од американската администрација и пред се поради ступидноста на опозицијата и нејзиното брзање да фати малку релаксација од летната шема по плажите во Грција или на друго место, добивме решение какво што можеме да видиме.

И тука започна повторното препелкање на СДСМ, односно оставање простор да по изживувањето на летната шема во септември повторно ја матата за да не биде бистра. Бидејќи, тие знаат да ловат само во матно, во хаос и безредие.

Како прва веќе проверена карта започнаа да играат на меѓуетничките односи и воедно како последна најрадикална опција според нивното искуство од 2001 година. На овој начин буквално се фаќаат за сламка за да ги проблематизираат договорените работи за излез во кризата се обидуваат да креираат нова криза како продолжување на постојната. Токму играјќи на меѓуетничките односи, СДСМ се заплетка во сопствената неинвентивност и тоа по којзнае кој пат, но во исто време покажа колку се кусогледи и пред се останати во минатото.

Етнополитичкиот конфликт веќе постои и тоа многу долго, а СДСМ придонесе кон негово интензивирање во текот на деведестите године од минатиот век и то претставува емпирија и колективна меморија на македонските граѓани. Денес 15 години подоцна многу работи се изменети, а најважната е таа дека Али Ахмети и ДУИ не се заинтересирани за дестабилизација на Македонија и по таа аналогија секој обид за ескалација на етнополитичкиот конфликтен процес во насилен е осуден на пропаст, бидејќи нема политички силна поддршка.

Трошејќи се себеси во креирањето на кризи до степенот на ескалација на етнополитичкиот конфликтен процес во Македонија, а се под максимата „само да сме на власт па нека пропадне Македонија“, СДСМ си го утврди патот за губење и на овие избори. Милитантност како попследен стадиум на развој на СДСМ – милитантен либерализам како бледа копија која СДСМ се обидува да ја пласира во Македонија, не води во развој на македонското општество, а со тоа и на СДСМ. Во Македонија никогаш не се прифаќала милитантноста па дури ниту како либерализам по угледот на некои современи западни „демократии“ кои го применуваат во политичката прагма. Овој однос на политичката прагма и политички настап на внатреполитичката сцена, надополнет со оние во најмала рака неумесни фејсбук коментари за обидот за воен удар во Турција, само ја откриваат длабоката девијација на политичко-идеолошката матрица на СДСМ.

Понекогаш мислам дека СДСМ се длабоко несвесни за својата идеолошка изопаченост и особено немаат јасна перцепција за тоа како се сака и се работи за сопствената татковина и народ, поради што се подготвени да се продадат и себеси и државата и народот само да дојдат на власт. Но, каква е таа власт која нема хуманистичка цел на владеењето, развојна перспектива за сопствените граѓани. За жал оваа матрица трае и премногу долго и во сета своја изопаченост, неинвентивност, политичка слепост, озлобеност и деструктивност го оптеретува македонското општество попречувајќи го нормално и динамично да се развива.

Само за потсетување, СДСМ направи огромен број невработени во Македонија, не вложуваше во инфраструктура, ги нарушуваше меѓуетничките односи (оние издишани балони на Фрчковски подоцна пукнаа), креираше меѓуетнички кризи, депривација на сопствените граѓани, приватизација по сопствен терк и мерка, пирамидални штедилници, фалсификуваа избори и што ли уште не. Со една реченица: „Го пропуштија периодот од 1992-1998 да создадат цврста држава Република Македонија и силно зачекорат кон евроатлантските интеграции“. По првиот шок и борба за егзистенција, сега граѓаните се свесни за сето она што им се случи во периодот на владеењето на СДСМ и во исто време можат да видат како ВМРО-ДПМНЕ функционира и работи во интерес на граѓаните. Не е лесно да се крене и заживее урната економија, уште потешко е да се привлечат странски инвеститори, а особено во услови на светска економска криза, мигрантска криза, нестабилен регион и згора на тоа и креирана политичка криза во државата и тоа од страна на опозицијата. Во сите овие околности Македонија ја зачува и безбедносната и економската стабилност и продолжува да напредува.

Јас ја разбирам фрустрираноста на СДСМ и нивниот страв од губењето на изборите, но како што кажав, ним им е потребна внатрешна реформа на функционирањето на партијата, на организацијата и лидерството, но над се и приоритетно, промена на идеолошко-политичката матрица.

Таа потреба е видлива и во овие последни пишман настапи, покажува крајна дезориентираност и деструктивност која нанесува директни штети на државата.

Игрите без граници со единствена цел доаѓање на власт нема да донесат никаков напредок ниту на СДСМ, а уште помалку на Македонија и нејзините граѓани, бидејќи излегувањето од наметнатата политичка криза е единствено преку избори и тоа што побргу.

Доцент д-р Оливер Андонов

 
 
25.07.2016 - 10:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа