Хрватска го повлече контроверзниот правилник за инспекциска контрола

Хрватскиот министер за земјоделство Томислав Толушиќ денеска донесе одлука за повлекување на Правилникот за фитосанитарна контрола на овошјето и зеленчукокт увезени од држави што не се членки на ЕУ, со кој цените на инспекциите беа зголемени за над 22 пати. 

Ваквата одлука на Толушиќ уследи по жестоките реакции на земјите од западен Балкан кои директно беа погодени со ваката одлука на Хрватска донесена минатиот месец.

Со правилникот се предвидуваше цената за инсепкцискиот надзор да изнесува по 2.000 куни (270 евра) за секој вид на зеленчук или овошје, што во пракса значеше дека еден камион кој во Хрватска внесува пет различни видови на земјоделски производи ќе мораше за инспекцијата да плати 10.000 куни (1.350 евра).

Министрите за земјоделство на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора на средба во понеделникот во Сараево побараа Загреб под итно да го повлече правилникот. Четирите земји побараа Хрватска да ги прилагоди своите цени за инспекциска контрола со просечната цена во земјите членки на ЕУ и апелираа до Унијата да се вклучи во надминувањето на спорот. Тие најавија и дека ако Загреб не ја повлече одлуката за зголемување на цените на инспекциите, ќе преземат реципрочни мерки кон Хрватска.

Со денешната одлука на Толушиќ за повлекување на Правилникот, цените за инспекцискиот надзор повторно се враќаат на 90 куни (12 евра).

Одлуката на Толушиќ следи само два дена откако хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека вака пропишаните цени се превисоки и дека ќе бара од министерот за земјоделство да го реши овој проблем во најкус можен рок.

Хрватските медиуми оценуваат дека засега е нејасно дали Толушиќ ќе сноси последици за својата одлука за воведување на новите цени на инспекциските контроли, поради кои Хрватска беше доведена на работ на трговска војна со земјите од регионот на западен Балкан. 

 

 

 

10.08.2017 - 12:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа