Хан -Заев: Со силна посветеност и реформи, Македонија ќе се врати на евро-атлантскиот пат

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, одржаа прес-конференија по нивната средба во Брисел, во рамки на првата официјална посета на Заев како нов македонски премиер, при што најавија дека со силна посветеност и реформи, Македонија ќе се врати на евро-атлантскиот пат.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по средбите со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, како и со високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини, премиерот Заев посочи дека со Хан имале конструктивна и отворена размена на мислења за перспективите на Македонија во ЕУ, при што рече дека заеднички се согласиле дека Македонија и другите од земји Западен Балкан се партнери на ЕУ и дека сега е потребна поддршка повеќе кога било во смисла на сигналите и придвижувањето на интеграциите во ЕУ.

- Се заблагодарив на охрабрувачките пораки што ги примивме од нив. Мојата прва официјална посета на Брисел, откако бев избран за премиер, ја покажува нашата јасна ориентација и посветеност на мојата Влада за зајакнување на процесот на интеграиции во ЕУ. Членството во ЕУ нема алтернатива и е клучен стратешки приоритет на Македонија. Имаме за цел почеток на преговорите за членство што побрзо, бидејќи Македонија од 2005 година е земја-кандидат и нема почнато преговори, па верувам дека е крајно време овој процес да се придвижи напред, истакна премиерот Заев.
 
Првиот човек на македонската Влада, дополни дека му е јасно оти поддршката од Унијата треба да се оправда со вистински резултати дома, а кои ќе бидат насочени кон јакнење на судството, владеењето на правото и на реформи во јавната администрација. Тој потврди и дека со еврокомесарот разговарале за Итните реформски приоритети што Еврокомисијата ги бара за да може да ги тргне условите од препорката за почеток на преговорите за членство.
 
Заев порача дека во таа насока целата македонска Влада ќе треба да направи напор во отворен дијалог со опозицијата и со граѓанското општество за да се направи исчекор напред.
 
- Планот е да подадеме рака преку широк инклузивен процес во општеството и поддршка за реформи. Развојот на добрососедските односи е важен дел од мојат програма, а потребни се добри и силни односи меѓу соседите базирани на заедничка почит. Затоа прва билатерална посета што ќе ја имам е посетата на Софија месецов, за средба со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, а со цел да ја зајакнеме соработката и да изградиме мостови на поддршка. Министерот за надворешни рбаоти Никола Димтиров, пак, патува во среда во Атина со цел да отвори нови можности за поблиска политичка соработка, додаде Зоран Заев.
 
На прес-конференцијата по нивниот повеќе од едночасовен состанок во зградата на Европската комисија, Хан му порача на Заев дека неговите претходни средби со Туск и Могерини, како и заедничката, покажала силна посветеност на новата Влада кон ЕУ и кон понатамошен развој.
 
- Премиере, вашата земја сврти страница по големата политичка криза што траеше предолго и во која се потроши многу време и енергија. Сега имаме свеж старт, но нема време, бидејќи има многу работа да се направи за нацијата да се врати на евроатлантскиот пат. Сепак, јас сум охрабрен од реализмот што денеска го покажавте и ние очекуваме од новата Влада и од опозицијата да работат заедно на реформите ориентирани кон ЕУ, порача Хан.
 
Еврокомесарот исткана дека е потребен национален консензус за евроинтеграција во Македонија, што би одел над политичките и над етничките линии, од причина што според него сега земјата ја очекуваат големи предизвици, но и можности. Тој рече дека со Заев дискутирале за спцифичните клучни реформски приоритети на Владата за европската агенда, при што македонскиот премиер му соопштил за преземените мерки и за планот за реформи и подобрување на добрососедските односи.
 
- Охрабрен бев од плановите и дискутиравме за следните итни чекори, при што го уверив премиерот дека ЕК ќе помага како може. Јас ќе дојдам на 26 јуни во Скопје, за да ги видиме напорите на Владата за различните области од Итните реформски приоритети. Да имаме преглед на прогресот. Експертот Прибе ќе ја посети земјата во следните денови и ќе се врати во јули со тим со цел да ја советува новата Влада за справување со прашањата од областа на владеењето на правото. Сепак, најважни се имплементацијата на сите делови на договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети. Не за да ја задоволите Комисијата и ЕУ, туку вашата земја и граѓаните. Ова е есенцијално за земјата да се врати назад на евро-интеграцискиот пат, истакана Јоханес Хан.
 
Заев посочи дека со Хан разговарале и за транспортната заедница, односно договорот што треба да биде наскоро потпишан во Трст (Италија) и понудил Скопје да биде домаќин на секретаријатот на транспортната заедница со цел поддршка на иницијативата за регионална економска интеграција. Тој додаде дена заеднички предизвици со кои се соочуваат сите во Европа е миграцијата, борбата против тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам.
 
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата, премиерот Заев истакна дека постои намера за брзо придвижување кон целосна интеграција на Македонија во Европската унија, соодветно преку повик и на опозицијата и граѓанското општество и сите други со капацитет да помогнат во овој процес.
 
- Во процесот на формирање Влада порачавме дека сме за соработка и инклузивност. Првпат предадовме мнозинство во комисиите во Парламентот да бидат водени од опозицијата, бидејќи ако имаме успех, тој ќе биде заеднички, на власта и на опозицијата и на сите кои ги повикуваме да придонесат кон брзо добивање на датум за преговори за членство во ЕУ, посочи Заев.
 
Комесарот Хан, пак, подвлече дека за отворање на преговори треба позитивен извештај и препорака од ЕК, па потоа договор на сите 28 земји-членки на ЕУ. Во таа насока тој рече дека е важно спроведување на Итните реформски приоритети. Но, во делот на отворање на преговорите, тој ја поздрави посетата на Заев на Бугарија и на министерот Димитров на Грција, истакнувајќи дека е важано да се најде решение за прашањето за името, базирано на взаемна доверба и да се креираат лични односи.
 
- Сега има взаемно разбирање дека треба да имаме прогрес во ова прашање, за да биде релевантно за иднината и да увезуваме стабилност. Треба да се најде заедничко решение, но ако влегуваме со отворен ум во разговорите, тоа е можно. Секогаш има начин за да се придвижат работите и на тоа мора да работиме. Мора да се најде решение прифатливо за сите. дециден беше Јоханес Хан, кој во тој поглед побара сите во преговорите да бараат компромис.
 
Хан ја отфрли можноста за почеток на пристапните преговори со Македонија под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“, бидејќи според него треба да се најде трајно решение, а не провизорно. Тој рече дека е потребен компромис „за секој да добие по нешто“.
 
- Претходната Влада работеше на мерки за градење на доверба и истото и понатаму треба да се продолжи. На крајот на денот, се надевам и ова е човечки, дека решение може да се најде. Со признавање дека сите имаат интерес од тоа. Нема да биде лесно, многумина се обидуваа со години, но сега има нов моментум и убеден сум дека можеме да ја искористиме ситуацијата и да направиме прогрес, рече Хан.
 
На крајот на прес-конференцијата, во поглед на тоа како може да се реши наметнатиот спор со името од соседна Грција, премиерот Зоран Заев рече дека „ако се има пријателски однос, добар пристап, може да се најде решение“. Според него, Македонија ќе се занимава повеќе со евро-иднината, отколку со евро-минатото и со минатото на земјите од регионот.
 
- Грција ако сака може да не блокира во процесот на интеграции на секое преговарачко поглавје, а тоа е 35 пати. Но, ако Македонија даде причини градејќи пријателство со сите соседи, па и со Грција, тогаш може да очекуваме создавање на позитивен амбиент да разговараме и за ова чувствително прашање. Ни треба поддршка од соседите и од Грција, од граѓаните на Грција, преку владејачката партија и опозицијата да водат грижа да и помгонат на Македонија на патот кон интеграциите во ЕУ и во НАТО, заклучи Заев.
 
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на првата официјална посета во Брисел, каде е придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, се сретна и со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, а попладнево ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
 
Целта на посетата, е Владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во ЕУ и НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги  презентира реформските приоритети во агендата на Владата за враќање на Република Македонија на патот на евроатланските интеграции.
 
 
 
На средбата со високата претставничка на ЕУ, Могерини, според соопштението на Владата, Заев нагласил дека првата официјална дипломатска посета што се реализира во Брисел, заедно со министрите задолжени за реализација на надворешно-политичките приоритети на Македонија, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес.
 
- Во интерес на граѓаните на Македонија е иницијативата за нова динамика во евроинтегративниот процес. Нашата цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, порачал премиерот Заев.
 
Добрососедските односи и регионалната соработка, засновани на меѓусебно почитување, се силна определба на Владата, рекол Заев на средбата со Могерини и нагласил како важно отворањето на поглавјата 23 и 24 од претпристапните преоговори.
 
Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, изрази цврста поддршка на реформските напори на новата Влада и најави дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите. Пораката од високата претставничка од ЕУ, Могерини е дека ако реформите бидат спроведени, Европската унија е подготвена да возврати.
 
 
 
Заев во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Европските перспективи на Македонија биле клучна тема на разговорот, при што македонскиот премиер му порачал на челникот на Евросоветот дека „Новата Влада е подготвена да предводи силен и квалитетен реформски процес со цел обновување на препораката за преговори на Република Македонија со ЕУ, до крајот на оваа година“.
 
- Но, од голема важност е и поддршката од Европскиот совет за изнаоѓање решенија со коишто билатерални прашања нема да претставуваат долгорочна блокада на процесот на пристапување во ЕУ, му рекол Заев на Туск и му се заблагодарил за позитивните сигнали од европските институции за поддршка на евроинтеграциските аспирации на Македонија.
 
- Ова е силен поттик за Владата, во соработка со Брисел, да ги испорача потребните реформи за деблокирање на препораката за преговори за членство во ЕУ. Се надеваме дека Советот во декември ќе ги прифати заклучоците што водат кон отворање преговори за пристапување на Македонија кон Европската унија. Амбициозни сме бидејќи е изгубено многу време во евроинтегрцискиот процес на Македонија, истакнал Заев.
 
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, пак, го поздравил формирањето на новата Влада во Македонија и оценил дека тоа е одлична можност за придвижување на евроатлантските аспирации на земјата. Претседателот на Советот, исто така изразил очекување дека Република Македонија ќе го подобри својот углед преку посветена работа, меѓуетнички и меѓупартиски дијалог и добрососедски односи.
 

 

 

12.06.2017 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа