Градоначалникот на Струмица го предаде клучот од градот на карневалџиите

Со симболично предавање на клучот на градот од страна на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски на претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, официјално беше означен почетокот на годинашниве карневалски празнувања во Струмица.

- Со надеж дека ќе имаме уште едно успешно издание на карневалските свечености и со уверување дека Струмица повторно ќе ги отвори своите порти за добредојде на гостите од Македонија, Балканот, Европа и светот, со задоволство сакам да го предадам клучот на градот на струмичките карневалџии, кои во наредните осум дена ќе ја водат Струмица во насоката која сите ја посакуваме. Тие тоа го заслужуваат. Тоа го заслужува Струмичкиот карневал, рече градоначалникот Јаневски при обраќањето на свеченоста.

Претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, заблагодарувајќи се за гестот на локалната власт, на градоначалникот Јаневски му ја стави карневалската шапка на главата, со што, како што рече отсега и тој е дел од карневалџиите.

Покрај предавањето на клучот, кој градоначалникот на Струмица го донесе придружуван од мажоретки и од своите соработници, со звуците на химната на Струмичкиот Карневал беа кренати знамињата на Карневалот, градот Струмица, Република Македонија, ЕУ и Федерацијата на европските карневалски градови.

Вечерва со почеток во 18 часот со Детскиот маскенбал почнуваат маснифетациите на Струмичкиот карневал.

Во наредните осум дена најголемо внимание ќе привлече интернационалната карневалска вечер, која се одржува в сабота и на неа се очекува да учествуваат 41 групи со околу две илјади учесници. 

 

 

 

14.02.2018 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа