Горан Милевски: Не ја менуваме политиката остануваме во коалиција со СДСМ

Младиот и перспективен економист од Битола, како што го перцепира чнеството на Либерал демократите, нема да го менува курсот на партијата. Во Интервју за Прес24, вели дека ЛДП останува во опозициското друштво предводено од СДСМ. Иако, пред извесен период токму начинот на соработка на ЛДП со СДСМ беа едни од точките за кои имаше замерки кон претходниот лидер, Андреј Жерновски, денеска Милевски вели дека таа соработка е коректна.

- Соработката со СДСМ во изминатиот период била коректна. Колку ЛДП дала свој придонес во донесувањето на одлуките или колку се наметнала во опозицијата не е проблем на СДСМ туку е  наш пропуст. До колку во јавноста сме оставиле впечаток дека сме тргнати на страна останува обврската  таквата перцепција во иднина да ја промениме, вели во интервјуто за Прес24, Горан Милевски претседател на ЛДП.

МИлевски сепак, потренцира дека засега со СДСМ има договр одлуките на ниво на широката коалиција да се носат во координација. Тоа според него значи дека за која било одлука став ќе има и ЛДП со учество на свои претставници. Во тој контекст остануваат на ставот за бојкот на Парламентот.

-Што се однесува до ставот околу изборните резултати, делегатите на Собранието јасно ја поддржаа нашата одлука за невлегување во парламентот се додека не се постигне договор помеѓу власта и опозицијата за петте барања кои ги поставивме како услов за разрешување на политичката криза во која не втурна непресушната желба на власта постојано со сите средства да победува на избори, вели Милевски за Прес24.

- Наша морална должност е да бидеме со оние кои споделуваат исти демократски вредности со нас. Во овие околности тоа се партиите кои се наоѓаат во опозиција и затоа, тоа се наши природни сојузници, со нив делиме исти вредности. Се надевам дека актуелното водство на државата ќе сфати дека работата е замината предалеку, дека во овој долг период не успеаа економски да ја кренат Македонија и од тие причини ќе дозволат дијалогот помеѓу власта и опозицијата да добие една разрешница која ќе финишира со организирање на фер и демократски избори, потенцира во онтервјутот новиот претседател на либерал-демократите.

Во актуелната поилитичка состојба со обвинувањето кон лидерот на СДСМ Заев и негтовото јавно признание дека соработувал со странски служби, Милевски избира да верува во она што го зборува неговиот коалицинен партнер.

-За мене е веродостојно она што Заев го изјави во јавноста а тоа е дека снимките се добиени од загрижени граѓани. Според мене грешката ја направи власта. Таа во паника истрча со обвинувања за обид за државен удар што е далеку од здравиот разум и се најде на потсмев на целата меѓународна јавност, вели лидерот ан ЛДП во интервјуто за Прес24. Сепак потенцира дека информации за бомбата има, колку и јавноста.

-Она што знае јавноста знам и јас. Заев деновиве ме информира како нов претседател на ЛДП дека поседува одредени материјали кои му ги дале македонски партиоти кои не сакаат да се води државата на овој начин, вели Милевски.

Милевски е еден од ретките опозициски политичари кои го прифати предизвикот да одгоивори на прашањата на Прес24.

 

ПРЕС24: Актуелната политичка состојба е неодмилива тема. Вашиот став во поглед на тоа е речиси идентичен со целиот опозициски блок. Но, сепак кога вака го слушате лидерот на СДСМ  како на премиерот му објаснува дека во соработката со странски служби добил компромитирачки материјали против него, на што прво Ве тера на размислување?

МИЛЕВСКИ: Искрено прво што ме тера на размислување е помислата како премиерот дозволил неговиот кабинет да биде озвучен и како снимката од разговорот се најде во медиумите. Не знам каков разговор ќе води утре некој странски државник во тој кабинет знаејќи дека може да биде предмет на снимање. Во однос на странските служби, доколку се вистинити снимките тогаш сметам дека премиерот сигурно не мислел сериозно дека Заев ќе му каже кој е вистинскиот извор на информациите. За мене е веродостојно она што Заев го изјави во јавноста а тоа е дека снимките се добиени од загрижени граѓани.

ПРЕС24: Верувам дека нема човек кој во Македонија не сака да види и чуе што е тоа што го поседува лидерот на СДСМ како Бомба. Но, тоа досега не се случи. Што мислите направи ли Заев стратешка грешка што наместо да ги обелодени информациите тој тактизираше со нив?

МИЛЕВСКИ: Најпрво власта изјавуваше дека бомбите се измислица на опозицијата, дека таква работа не постои за подоцна, премиерот да признае дека бомбите се факт и дека дел од нив се вистинити. Како тргнале ништо чудно утре да признаат дека сите бомби се вистинити и да си поднесат оставки. Според мене грешката ја направи власта. Таа во паника истрча со обвинувања за обид за државен удар што е далеку од здравиот разум и се најде на потсмев на целата меѓународна јавност.

ПРЕС24: Имате ли Вие како партија, какви било информации, што содржат тие матерјали. Ве запознал ли Заев со содржината?

МИЛЕВСКИ: Имаме информации од прес конференција на владата дека дел од материјалите кои ги поседува Заев се вистинити, но не знаеме што е тоа што е вистинито. Она што знае јавноста знам и јас. Заев деновиве ме информира како нов претседател на ЛДП дека поседува одредени материјали кои му ги дале македонски партиоти кои не сакаат да се води државата на овој начин.

ПРЕС24: ЛДП почнува период на функционирање со нов лидер, но според првичните најави со стара политика. Стара во смисла продолжување на политиката на следење на постапките на најголемата опозициска партија, СДСМ. Зошто се одлучивте на тој чекор?

МИЛЕВСКИ: Ако се земе во предвид фактот дека ВМРО-ДПМНЕ е на власт од локалните избори од 2005 година, ние сме опозиција веќе 10 години. Цел овој период укажуваме дека власта не ги исполнува ветувањата за кои ја доби довербата од граѓаните. Ако се сеќавате „Преродбата во 100 чекори“ се однесуваше на економска преродба на земјата, но од сето тоа денес остана само проектот „Скопје 2014“ и голема сиромаштија, одлив на млади кадри од државата, зголемена нееднаквост кај граѓаните, гушење на слободата на говор, загрозување на демократијата. Врз основа на ова која би било целта ЛДП после Собранието да го менува курсот? И понатаму овие проблеми на државата остануваат па дури и се влошуваат. Затоа наша морална должност е да бидеме со оние кои споделуваат исти демократски вредности со нас. Во овие околности тоа се партиите кои се наоѓаат во опозиција и затоа, тоа се наши природни сојузници, со нив делиме исти вредности. Се надевам дека актуелното водство на државата ќе сфати дека работата е замината предалеку, дека во овој долг период не успеаа економски да ја кренат Македонија и од тие причини ќе дозволат дијалогот помеѓу власта и опозицијата да добие една разрешница која ќе финишира со организирање на фер и демократски избори.

ПРЕС24: Ве прашувам затоа што пред неколку месеци кога се најавуваше вашата кандидатура за лидер на ЛДП токму соработката со СДСМ беше една од точките на кои му замерувавте на Жерновски. Во смисла на тоа дека ЛДП ја нема потребната улога во носењето на одлуките во опозицискиот фронт. Се промени нешто, или таа тема имате намера да ја отворите во коалицијата дополнително?

МИЛЕВСКИ: Соработката со СДСМ во изминатиот период била коректна. Колку ЛДП дала свој придонес во донесувањето на одлуките или колку се наметнала во опозицијата не е проблем на СДСМ туку е  наш пропуст. До колку во јавноста сме оставиле впечаток дека сме тргнати на страна останува обврската  таквата перцепција во иднина да ја промениме.

ПРЕС24: Како и да е во јавноста преовладува впечатокот дека во опозицискиот фронт одлуките се носат во тесен круг на лидерот на СДСМ. Вие сте на листата на пратеници во оставка. Досега ги почитувавте одлуките на раководството на ЛДП и останавте во бојкот, иако неформално се ширеа информации дека многумина во ЛДП не се баш најзадоволни од таа одлука за бојкот на Парламентот. Сепак, можена ли е промена на ваквата одлука на ниво на ЛДП?

МИЛЕВСКИ: Одлучивме како ЛДП да функционираме на принципот на широки консултации, а тоа значи дека во донесувањето на одлуките ќе се вклучи членството на партијата претставено преку различните органи и тела. За тоа, како се носат одлуките во СДСМ ќе мора да ги прашате нив бидејќи навистина немам информации за начинот на нивното одлучување. Што се однесува до ставот околу изборните резултати, делегатите на Собранието јасно ја поддржаа нашата одлука за невлегување во парламентот се додека не се постигне договор помеѓу власта и опозицијата за петте барања кои ги поставивме како услов за разрешување на политичката криза во која не втурна непресушната желба на власта постојано со сите средства да победува на избори.

ПРЕС24: Ве прашувам затоа што сите апели на меѓународната заедница се во таа насока. Дека бојкотот на Парламентот не е решение?

МИЛЕВСКИ: Меѓународната заедница апелира за изнаоѓање на решение за излез од кризата. Но наместо решение власта со последните чекори не втурна во уште поголема политичка криза.

ПРЕС24: Бојкотот почна вечерта по изборите, со образложение на Заев дека изборите се системски украдени. Уште тогаш најави дека за се опозицијата ќе обезбеди докази. Речиси една година подоцна нема ниту еден елемент за тоа?

МИЛЕВСКИ: Колку што се сеќавам пред некое време еден неделник објави снимки од фабрика за печатење на пасоши за кои имаше сомневање дека се користат за изборни цели. Да причекаме можеби јавноста допрва ќе дознае што сé се случувало како изборна манипулација.

ПРЕС24: Малкумина во Македонија веруваат во тезата дека власта врши системска кражба на изборите. Впрочем тоа го демантира и победата на Жерновски, а со тоа и на ЛДП во општина Цернтар. И покрај сите напори на власта, сепак јасно изразената воља на гласачите пред изборите на крај резултираше и со  таков резултат?

МИЛЕВСКИ: Јас пак имам спротивно мислење од вашето. Народот се повеќе верува дека власта на некој начин ги манипулира изборите, секој во државата е незадоволен и кажува дека ќе гласа против а на изборниот ден слуша дека власта повторно убедливо победила. Граѓаните се чудат како е тоа можно. Во Центар граѓаните толку се разочараа од очигледните обиди за манипулација што масовно излегоја да си ја заштитат победата и со тоа го осигураа мандатот на опозицијата. Доколку  власта продолжи вака неодговорно да се однесува наскоро тој револт ќе стане масовен во целата држава.

ПРЕС24: Не мислите ли дека сепак главната причина за долгогодишните порази на опозицијата лежи во слабата политичка стратегија и понуда?

МИЛЕВСКИ: Не, власта не нуди ништо ново освен лага и манупулации, нивната Преродба доживеа целосен дебакл. На Македонија и требаат нови луѓе, нова визија и енергија за развој. Ние имаме програма со која планираме Македонија целосно да се деполитизира, да се врати демократијата, слободата на говор, да се вратат младите во државата, да се заштитат приватниците од алчната власт и да отпочне еден нов циклус на инвестиции.

ПРЕС24: Многумина политички аналитичари ви замеруваат, како партија, дека ЛДП изминативе години пропушти голема шанса да се наметне како трет алтернативен политички субјект на сцената. Еве и Вие сега сметата дека приоритет треба да биде опозициската коалиција, а не самостојниот настап?

МИЛЕВСКИ: Ние јавно побараме од сите политички субјекти независно дали се од власта или од опозицијата да го поддржат нашиот предлог да се промени изборниот модел во Македонија со што ќе добиеме една изборна единица, отворени листи за избор на пратеници и советници и цензус за влез во парламентот од 3%. На овој начин ќе нема потреба од формирање на предизборни коалиции и сите партии ќе можат самостојно да истрчаат изборна трка и да си го проверат рејтингот кај граѓаните. Коалициите ќе се прават по изборите како што е во најголем број земји во Европа.

ПРЕС24: ЛДП беше една политичка партија со плејада интелектуалци, некои од нив и денска се во Партијата, како Нано Ружин на пример, но некако маргинализирани. Имате ли план или евентуално идеја за некакво косолидирање и враќање на тие личности во првите редови на партијата?

МИЛЕВСКИ: Моите активности вродија со плод и голем дел од основачите на партијата се појавија на самото Собрание. Се надевам дека кон партијата ќе се приклучат не само ветераните туку и многу млади нови членови кои ќе се пронајдат во новите идеи и програма на ЛДП

 

 

Оцени ја веста

05.02.2015 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа