Фејсбук со години собирал телефонски броеви, контакти и други податоци од андроидите

Откако социјалната мрежа Фејсбук  вчера објави извинување во американските и британските весници поради скандалот со британската консултантска фирма „Кембриџ Аналитика“, веб страницата „Арс Техника“ информира дека корисниците проверувале кои податоци се преземаат за нив од страна на Фејсбук и утврдиле дека имињата на контакти, телефонски броеви и СМС пораки биле собирани во текот на две или повеќе години од уредите со Андроид.

Фејсбук изјави дека информациите се чуваат на безбедни сервери и оти податоците се земани со знаење на корисниците, кои се согласиле да се пристапи до нивните податоци.

Портпаролката на Фејсбук изјави дека информациите не се споделуваат со пријатели или со надворешни апликации и се користат со цел да се подобри комуникацијата на луѓето на Фејсбук.

Социјалната мрежа соопшти дека никогаш не ги продава информациите и не ја чува содржината на СМС пораките или разговорите.

Но, портпаролката не одговори на прашањето зошто е потребно да се собираат податоци за телефонски контакти и СМС пораки.

 

 

 

26.03.2018 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа