Браната Калиманци е скоро празна, водата на историски минимум

Запрено е испуштањето на водата од браната „Калиманци“ во хидросистемот “Брегалница“, со што и официјално е означен крајот на овогодишната наводнителната сезона. Од водостопанската подружница во Кочани велат дека капацитетот на браната максимално бил искористен, па и покрај неповолната хидролошка состојба и сушата, како и други проблеми, планот за наводнување успешно е приведен кон крај.

- Годинава вкупно треба да сме околу 6 илјади хектари, збориме за ориз и крски култури, се полевани со вода од нашиот хидросистем, рече Николчо Гоцев, раководител на водостопанската подружница “Брегалница“.

Oсвен акумулираните количини, користени се и проточните води, што помогна да не се јави поголем недостиг од вода. Сепак загрижува фактот што вештачката акумулација е скоро празна.

- Моментално во браната останаа околу 13 милиони, речиси на најминимално ниво во последните години, и се гледаат оние точки што нас не интересираа како подружница “Брегалница“ за санација,  додава Гоцев

Во текот на наводнителната сезона, сложената и критична состојба дополнително ја влошуваа несовесни водокорисници кои водата ја користеа за наводнување на стрништа за полесно да можат да ги изорат нивите. Други пак, најчесто во вечерните часови, ги кршеа или ширум ги отвораа вратите за контрола на проток на водата, за што заработија и пријави.

 

 

 

12.09.2017 - 19:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа