Брамерц: Премногу луѓе во поранешна Југославија воените злосторници ги сметаат за херои

 

Главниот хашки обвинител Серж Брамерц оцени дека реакциите за пресудите на Ратко Младиќ и на босанските Хрвати покажуваат дека „премногу лица" осудени воени злосторници се сметаат за херои и дека на просторите на поранешна Југославија нема волја да се прифати одговорноста за воените злосторства од 90-тите години на минатиот век.

- Настаните во последните две недели покажаа дека многу осудени воени злосторници се сметаат за херои, додека жртвите и преживеаните се игнорираат, рече Брамерц на седницата на Советот за безбедност на ОН.

Тој додаде дека во регионот „сè уште нема волја да се прифати одговорноста за злосторствата и да тргне напред, особено меѓу политичките водачи".

- За жал, премногу луѓе слушаат воени злосторници кои се кријат зад колективната одговорност и тврдат дека целата нација е виновна ако тие се прогласат  виновни, рече обвинителот на седницата посветена на работата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), која се затвора на 31-ви декември.

- Ниту една нација не е одговорна за воените злосторства, вината е единствено на поединецот, рече тој.

Според него, самите резултати на МКТЈ нема да доведат до помирување во регион во кој бројни криминалци се уште не се осудени, а многу жртви се уште чекаат правда.

- Политиката на САД, ЕУ и другите држави беше одлучувачка: ако има јасна политичка волја и ако меѓународната заедница го зборува истиот јазик, одговорните за воените злосторства можат да бидат изведени пред лицето на правдата, заклучи Брамерц, кој презема нова позиција на обвинител на Меѓународниот механизам на кривичните судови, наследникот на МКТЈ.  

 

 

 

06.12.2017 - 21:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа