Бостанџиите излегоа на блокади: Ќе преземеме порадикални мерки ако Владата не го реши нашиот проблем (ВИДЕО)

Продолжува незадоволството на струмичките бостанџии, поради ниските откупни цени на годинешниот род. Откако претходните денови го фрлаа родот и бараа итни средби со министерот, за конечно да се најде решение за лошата ситуација во која се наоѓаат. Откако нивните барања не вродија со плод денеска тие се решија за други мерки, блокада на раскрсницата која води кон подбеласичките села.

Како што велат земјоделците причината за ваквиот чекор е што се уште не добиле одговор на барањата од Министерството за земјоделство и Владата на Република Македонија, до каде тие неколку пати упатија јавни барања да дојдат и да видат со какви проблеми се соочуваат

-Денеска се собравме тука да штрајкуваме зошто секој ден го повикуваме министерот да дојде и да ги види нашите маки, зошто веќе не се издржуваат нашите маки. Денарот што ни го даваат трговците ни е многу. Значи мора да дојде министерот и да го реши нашиот проблем едноставно, целиот бостан ни скапува по нивите, не можеме да го продадеме. Секојдневно од тука 100 тона бостан дали се продава, а на времето тука се продаваше 1000 тона секој ден и немаше проблем со пласманот. Оваа година имаме голем проблем со бостанот, да дојде министерот да објасни, да најдеме некое заедничко решение, ако може да обештети по декар. Ако не дојде министерот ќе преземеме и порадикални мерки, изјави еден земјоделец.

Пред четири дена министерот Николовски се пофали дека откупот на бостанот оди без проблеми, но ситуацијата на терен очигледно не е таква. Дел од бостанот се купува по многу ниска и неразумна цена, а поголем дел е оставен на нивите да скапува на овие пеколни температури. Доколку во наредните 24 часа не бидат посетени од надлежните од земјоделие, тие се заканија дека блокадите ќе ги продолжат и кон границата со Бугарија.

Инаку бостанџиите не се први кои го фрлаат својот род на улиците и го оставаат да скапе на нивите, поради немањето пласман и ниските откупни цени истото пред извесен период го правеа и производителите на кајсии.

Инаку Владата како свој успех за земјоделците низ официјално соопштение го претстави исплаќањето на субвенциите кои минатата власт ги воведе за земјоделците, а претставува нешто што е сервисна работа, за која никогаш порано не се кревала фама по медиумите како што тоа сега се прави. Земјоделците бараат министерот и Владата да се фатат за работа и да помогнат за подобар живот на земјоделците.

 
 

 

 

13.07.2017 - 16:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа