Билјана Беличанец Алексиќ: Го подигаме квалитетот на живот во Кислеа Вода

 

 

За активностите и новите проекти разговараме со Билјана Беличанец Алексиќ - Граодначлник на општина Кисела Вода
 
Press24: Учениците од ООУ “Невена Георгиева Дуња” ја отпочнаа учебната година во нов училишен објект. Минатата година нова училишна зграда добија и основците од “Рајко Жинзифов” од населбата Драчево. Наставата во реновирано училиште од оваа година ја следат и учениците од  ЦОУ “Круме Кепески”, но и од други училишта од општина Кисела Вода. Кои училишта беа реновирани, а во кои се насочени следните инвестициски зафати во насока на нивна обнова?

Беличанец:

Создавањето на подобри услови за одвивање на наставата во училиштата во општина Кисела Вода е еден од врвните приоритети за оваа локална самоуправа и за мене како градоначалник. Самиот факт што се работи за најстарата општина во градот Скопје, значи и дотраени училишни зданија, бараки најчесто изградени по земјотресот во кои никогаш не било инвестирано, што пак говори за неопходноста од изградба на нови училишни објекти или темелно реновирање на постоечките училишни згради. И бараките во кои учеа основците од “Невена Георгиева Дуња” и оние во “Рајко Жинзифов” во населбата Драчево датираа од 1964 година и условите во нив беа навистина лоши. Бевме свесни дека тука е потребна поголема инвестиција, односно изградба на целосно нов, современ објект. За изградбата на ОУ “Невена Георгиевa Дуња” имавме повеќе состаноци со Министерството за образование и наука, со заменик Министерот Спиро Ристовски, коj ја увиде потребата на учениците и излезе во пресрет на барањата на општината. Резултатите  се евидентни. Со инвестиција вредна повеќе од 80 милиони денари кои ги обезбеди МОН, учениците добија најмодерни услови за одвивање на наставата. Наместо дотраените бараки во кои учеле нивните родители, основците од ООУ “Невена Георгиева Дуња”наставата сега ја следат во современа училишна зграда која се сместени 15 училници и пет кабинети за следење на наставата. Дополнително, општина Кисела Вода во ова училиште, реализира проект за рекoнструкција на спортската сала. Се работи за инвестиција на општината во соработка со УНДП. Согласно потпишаниот Договор за соработка УНДП, до крајот на годинава, кровот на оваа сала ќе биде заменет со нов, а енергетски ќе бидат обновени и надворешните ѕидови и фасадната столарија. Ова практично значи дека учениците од ООУ “Невена Георгиева Дуња” освен што наставата ја следат во сосема ново и современо училиште, и часовите по физичко воспитување ќе ги одржуваат  во подобрени услови. Сосема нов, најмодерен училишен објект кој се протега на 4500 квадратни метри минатата учебна година добија и уениците од  ООУ “Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство” во населбата Драчево. Средствата кои беа искористени за изградбата на ова ново училиште беа добиени како дел од склучениот договор на Владите на Република Македонија и НР Кина за билатерална соработка.
Општина Кисела Вода пред неколку месеци го реновираше и ЦОУ “Круме Кепески”. Преку заедничка соработка со УНДП и Цементарница Усје, беше извршена енергетска обнова на овој објект која опфати замена на постојните со нови прозори, изведба на нова фасадна топлинска изолација, замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча. Во моментов во завршна фаза е комплетната реконструкција на тоалетите во ова училиште, а наскоро ќе бидат реконструирани тоалетите и во ООУ “Кирил Пејчиновиќ” и во ООУ “Кузман Шапкарев”, каде се менуваат прозорците и се обновува фасадата, во насока на постигнување на енергетска ефикасност. Во кругот на ова училиште, во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Владата на РМ, беше пуштен во употреба тениски терен изграден по сите стандарди на Светската тениска асоцијација, а веќе е завршена и изградбата на повеќенаменско игралиште. Вакви повеќенаменски игралишта веќе се изградија и во Црниче и во селото Драчево, а наскоро ќе се изгради и во кругот на ПОУ „Круме Кепески“ во нас. Припор.
Претходно ги реновиравме и ПОУ “Круме Кепески”, ОУ “Кирил Пејчиновиќ” и ПОУ” Кузман Јосифовски Питу” во Црниче, каде отворивме и градинка. Овој објект е првиот јавен објект во Македонија кој се загрева со биомаса, со што повторно, подобрувајќи ги условите за одвивање на наставата, најстарата општина во градот, понуди и најмодерен еколошки концепт за заштеда на ограничените природни ресурси.
Press24: Освен реновирањето на училиштата, на листата на приоритети на општина Кисела Вода е  отворањето на нови градинки, но и подобрување на условите во постоечките објекти. Колку нови градинки се отворени во општина Кисела Вода?

Беличнаец: Општина Кисела Вода отвори три нови градинки на својата територија. Истите се одговор на барањата и потребите на голем број на родители од овој дел на градот кои се соочуваа со преполнет капацитет и недостиг од место во постојните градинки. Веќе го споменав отворањето на објектот “Перуника”, во Црниче, кој е во состав на ЈДГ “Весели цветови”. Оваа градинка има површина од 250 квадратни метри и капацитет да прими 50 дечиња. Градинка отворивме и во Припор.  Објектот “Стапалче” е  во состав на ЈДГ “8 Март”, a се наоѓа во новоизградениот дел од ПОУ “Круме Кепески”. Има капацитет да згрижи 75 дечиња.
Сакам да потсетам дека на денот кога општина Кисела Вода ја започна седмата декада од своето постоење и кога го  отворивме најмодерниот нов Дом на културата “Кисела Вода Кино КВК” на местото од руинираниот неугледен објект-остаток од некогашно кино, жителите на општината добија исполнување на уште едно ветување. Ги отворивме вратите и на новоизградената градинка во Пинтија. Објектот „Ѓурѓица“ е дел од ЈДГ „Весели Цветови“ и е со површина од 420 метри квадратни. Има три занимални, едни јасли и капацитет за 80 до 100 дечиња. Изградена е по стадардите за енергетска ефикасност. Во сите три новоотворени градинки во пресрет ни излезе Министерството за труд и социјална политика кое ентериерно ги опреми овие објекти.
Паралелно со отворањето на нови градинки, интензивно работиме и на подобрување на условите и во сите останати вакви објекти за згрижување деца од предучилишна возраст. Енергетски ја обновивме градинката “8 Март” во Пржино, која сега има има комплетно променета фасада и надворешна столарија, а загревањето, наместо како досега-со нафта, се врши целосно еколошки, со котел кој како енергенс користи биогориво. Загревање со овошни семки и пелети, со кои се штеди енергија, а штетните емисии на јаглерод диоксид се сосема избегнати, применуваме и во двете градинки во Драчево, “Пеперутка 1” и “Пеперутка 2” и секако, во градинката “Перуника” во Црниче, во која овој еколошки концепт на загревање беше промовиран.
Свесни дека денешницата налага рационално, планско и економично искористување на енергенсите, спроведувањето на мерки за енергетска ефикасност, посебно во училиштата и јавните детски градинки, останува да биде една од главните заложби на општина Кисела Вода.
 
Press24: Кога зборуваме за подобрување на условите за најмладите, колку ваучери за новороденчиња досега имате доделено?

Беличанец: Со задоволство ќе ја споменам бројката од 1610 доделени ваучери, бидејќи таа цифра означува исто толку нови жители на општина Кисела Вода. Наша заложба е да им обезбедиме што подобри услови, па оттука и одлуката за доделување на 6000 денари за секое новородено дете во општина Кисела Вода. Еднократна парична помош со која им се излегува во пресрет на семејствата за првите потреби за новороденчето. Одлуката е донесена на моја лична иницијатива, а едногласно е поддржана од страна на Советот на општина Кисела Вода. Истата ќе продолжи да се спроведува се до крајот на мојот мандат .
 
Press24: Низ улиците на општина Кисела Вода се забележуваат градежни активности. Тие се реновираат, се обновуваат и тротоари, се поставува атмосферска канализација... Кои се најзначајните инфраструктурни проекти кои ќе ги издвоите, кои се завршени или се пред својата финализација?
Беличанец: Градежните активности за реконструкција на улиците и обнова на тротоарите се во полн ек. Ќе ги издвојам реконструкцијата на коловозот и обновата на тротоарите  на улица ”Спиро Гулапчев”, на улицата ”Христо Узунов” во населбата Црниче, градежните работи за реконструкција на улицата “Жванска” на која целосно е отстранет оштетениот асфалт и е заменет со бехатон, реконструкцијата на тротоарите на улицата “Рилски конгрес”, во потег од улицата “Банско” до улицата “Пржино”. Претходно, партерно беа уредени и тротоарите на улицата ”Милан Мијалковиќ” во населбата Пржино. Завршена е и реконструкцијата на коловозот на улица “Саса 2” во населбата Пинтија, која води до новата градинка, а во непосредна близина е и подрачното училиште Рајко Жинзифов, но и повеќе станбени објекти. Имено, на оваа локација, во должина од 350 метри, по отстранувањето на постоечката коловозна конструкција која имаше видливи оштетувања и  ударни дупки, коловозот е проширен на 6 метри, се изработи и тротоар, а поставивме и канделабри за осветлување.
Реконструирани се и кракот 23 на улицата “Христо Татарчев” во Припор, како и кракот 10 од “Борис Трајковски”. Во соработка со градот Скопје целосно е реконструиран кракот на улицата “Вера Јоциќ”, а на оваа улица целосно се реконструирани и тротоарите, поставена е хидрантска мрежа, извршено е хортикултурно уредување, изграден е и паркинг простор, а поставено е и ново детско игралиште. Санирана е “Мариовска” кон Теферич. Наскоро, на овој потег, во соработка со Скопски плански реон ќе се изврши и реконструкција, проширување на патот, поставување на нови тротоари и осветлување. Целосно се реконструирани и „Мишко Михајловски”, „Марко Цепенков” и ул. „345“ на кои е поставена хоризонтална сигнализација.
На улицата “Спиро Гулапчев”, општина Кисела Вода инвестираше во изградба на крак од атмосферска канализација кој треба да го реши проблемот со прифаќање на атмосферските води во овој дел од градот. Градежните работи треба да завршат до средината на октомври. Атмосферска канализација е изградена и на улицата “Живко Фирфов” во населбата Драчево и на улицата “Жарко Зрењанин” (сегашна “Андон Димитров”).
Во завршна фаза е реконструкцијата на резервоарот за вода во месноста Порупи каде е изградена и секундарна водоводна мрежа која води и кон Три круши.
Во соработка со градот Скопје, во тек е проширување и реконструкција на булеварот „Србија“ од кружниот тек кај Цементара до улицата „Христо Татарчев“, а на крајот од овој булевар ќе се изгради нов кружен тек меѓу бул. „Србија", ул. „Христо Татарчев" и ул. „Христо Татарчев крак 2". Започнато е и проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од фабриката Стаклара до влезот на населбата Пинтија, што е од особено значење бидејќи ќе го олесни сообраќајот во овој дел на Скопје и ќе овозможи побрза и посигурна сообраќајна комуникација на жителите кои секојдневно го користат овој булевар. Се работи за крупен инфраструктурен проект на Владата како поддршка на општина Кисела Вода во реализација на нејзините приоритетни проекти.
Press24: Паралелно, непрекинато тече процесот на легализација на дивоградби. Колку диво изградени објекти досега се легализирани?

Беличанец: 
Можам да кажам дека процесот на легализација во општина Кисела Вода непрекинато тече и тоа со добра динамика. Бројот на решени предмети се искачи на 4980, што е значаен податок ако се знае дека до нашите административни служби, по завршувањето на продолжениот рок за поднесување барања за легализација на дивоизградените објекти, пристигнати се вкупно 13 851 предмет за легализација. За да се забрза темпото на работа, од своја страна, ние, како општина презедовме низа мерки.

Ја воведовме практиката за јавно доделување на решенијата, доделуваме во просек по околу 50тина решенија за легализација на неделна основа, кадровско и технички го доекипиравме одделението за легализација, едновремено зголемувајќи  го бројот на комисии кои излегуваат на терен. Истовремено, ја користиме секоја можна прилика јавно да ги повикаме сите оние кои поседуваат ваков објект да ја докомплетираат документацијата, да ги достават геодетските елаборати кои најчесто недостигаат за нашите служби да можат да продолжат да работат на решавање на предметите од што корист би имале сите - и граѓаните кои конечно ќе бидат свои на своето и  општината која ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кои ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес. Легализацијата продолжува и тоа со несмалена динамика, исто како и сите останати проекти кои се во насока на обезбедување поквалитетни услови за живеење на сите жители на општина Кисела Вода.
 
 
04.10.2016 - 12:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа