Александар Кржаловски: Референдум ќе има, прашањето е кога?

Договор за добрососедство со Грција по примерот на оној со Бугарија би бил добар начин да се разделат некои прашања и полесно да се стаса до решение на спорот со Грција, мсета политичкиот аналитичар Александар Каражовски во интерју за Прес24.

Според него оптимизмот за решение на деценискиот спор не значи и постигнување догвоор, бидејќи таков оптимизам секогаш се јавува при смена на власта во Скопје и Атина.

-Тоа може да е потребен (и доволен) потег, за да се разделат прашањата на повеќе помали делови, кои полесно ќе може да се совладаат (слично како во договорот со Бугарија). Со таков договор можеби ќе се решат некои прашања кои не се многу проблематични и ќе се уреди постапката за постигнување на договор за останатите прашања. Тоа би можело да вклучи и откочување на влезот во НАТО и почеток на преговорите за ЕУ членство, иако јас не сум многу оптимист дека ќе се постигне тоа до јули, вели Кржаловски во  интервјуто за Прес24.

-Мислам дека е прилично јасно сега, по неколку повторувања од премиерот Заев и министерот Димитров, дека референдум секако ќе има.  Прашањето е - кога ќе има, односно ако и се постигне некој договор со Грција, дали тоа ќе се постави веднаш на референдумско изјаснување или ќе се остави определен период (кој може да биде и не толку краток, пр. една или две години) за сензитација на јавноста и доволно време за убедување на граѓаните дека решението е добро за Македонија, потенцира Кржаловски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: По посетата на Атина и по средбите со македонскиот државен врв, медијаторот Метју Нимиц соопшти дека е оптимист. За прв пат лицитираше и со временска рамка од недели или месеци до конечно решение на спорот со Грција. Од каде толкав оптимизам?

КРЖАЛОВСКИ: Со секоја нова Влада во Македонија или Грција главно доаѓа и нов оптимизам за решавањето на спорот. Новата Влада на РМ покажа и поголема желба за решавање (пр. затворајќи го прашањето за договор со Бугарија) и волја тоа да се постигне, со значително зголемена динамика на средбите на различни нивоа, па самото тоа придонесува за зголемен оптимизам и за доаѓање до решение. Дополнително, поголем оптимизам се јавува и пред секој самит на НАТО од 2008 наваму, а следниот е предвиден за јули оваа година, па видлив е и ангажманот на меѓународната заедница, особено САД, да помогнат да се дојде до решение и Македонија да стане членка на Алијансата, по можност уште на овој самит или оваа година.

ПРЕС24: Оптимизмот малку изгледа чуден и од аспект на реакциите во грчката, но и во македонската јавност. Од друга страна во јавноста нема чиста информација што точно е предлогот. Колку овој хаос од информации е во функција кон решение на спорот?

КРЖАЛОВСКИ: Откако почнаа „лицитациите“ со разни можни решенија (дел веројатно содржани во предлогот на Нимиц, а дел шпекулации од различни страни) и истакнување црвени линии, во право е министерот Димитров кога вели дека колку повеќе такви изјави се појавуваат во јавноста, толку помал (или се стеснува) просторот за решение. Ова особено ако доаѓаат од официјални високи кругови во власта во двете земји – додека нашите претставници (вклучително и претседателот и опозицијата) беа воздржани и внимателни (како што и треба при комуникација за вакво сензитивно прашање), премиерот Ципрас веќе и јавно ги повтори познатите грчки „црвени линии“ (географска или временска одредница во името и ерга омнес употреба), а министерот Коѕијас отиде и понатаму, наведувајќи седум точки за кои се разговара, голем дел вон опсегот предвиден со Резолуцијата на ОН за ова прашање и со договорот меѓу двете земји од 1995 година. 

ПРЕС24: Нимиц во Скопје рече дека ООН и тој не преговараат за идентитетски прашања. И министерот Димитров вели дека ако се отвораат овие прашања, тогаш решение нема да има. Но од друга страна јавноста и во Грција и во Македонија знае дека во предлозите на Нимиц има одредби кои дефинираат јазик, нација изведени од името... Што е тогаш идентитетско прашање?

КРЖАЛОВСКИ: Не се сметам за стручен за расправа за идентитетски прашања, па затоа погледнав неколку енциклопедии. Кај личниот идентитет, името е прва точка во идентификацијата. Што е право, кај националните идентитети, не се спомнува името (иако сите класификации потоа се според името на нацијата/државата), но таму се говори за национални симболи (знаме, грб, химна,...), традиции, култура, итн. И да речеме дека името не е дел од националниот идентитет (иако јас мислам дека е), Коѕијас веќе наведе дека ќе се разговара за неколку од работите кои се всушност идентитетски прашања. Во секој случај, треба двете страни јавно да презентираат согласност за кои работи се разговара, а за кои не (особено ако е точно дека нема разговори/преговори за идентитетски прашања – треба само тие да се набројат и со тоа ќе се запрат шпекулациите на таа тема).

ПРЕС24: Јавноста нема точна информација кој од предлозите што секојдневно ги лиферуваат грчките медиуми е веродостоен. Но, според некои неофицијални информации  Грција инсистира новото име да нема англиска транскрипција. Односно терминот „Македонија“ да биде преведуван како „Makedonija“. Колку едно такво решение би било прифатливо за Македонија?

КРЖАЛОВСКИ: Не би шпекулирал со конкретни предлози (особено што, како што и самите велите, не е јасно кои предлози се веродостојни), а и не знам што би било прифатливо за Владата, а што за мнозинството граѓани (тоа не мора да е исто). За мене лично, ова би било поприфатливо од било каква додавка или промена на името, но се сомневам дека ова не е лесно изведливо во пракса (односно, ќе има чести прекршувања на ова од трети страни – пр. спортски натпревари, саеми, новинарски текстови и слично.

ПРЕС24: Кога вели Нимиц оптимист за решение, како тој оптимизам би се вклопувал со грчката позиција „Ерга Омнес“ употреба за секаде и македонската позиција за не менување на Уставот?

КРЖАЛОВСКИ: Прво прашање е колку тие позиции се цврсти (дали се почетна позиција или крајна), второ дали има истоветно разбирање на истите поими кај двете страни (а и во самите држави... може јавноста поинаку ги подразбира истите фрази), трето – кога ќе се навлезе во детали (ако се стигне дотаму), ќе произлезат многу можни практични решенија, од кои дел ќе бидат прифатливи за двете страни и тука може да има простор за решение. Но и ако се стигне до таму, ќе треба внимателно да се објасни на јавноста во двете држави.

ПРЕС24: ВМРО ДПМНЕ како политичка партија одамна има дефинирано еден став кој гласи “нема да прифатиме промена на Уставот, со цел промена на уставното име“. Оваа партија сега е опозиција, но моето прашање е дали оваа формулација значи дека е сепак можна промена на Уставот, во некоја форма каде би било внесен решението кое би било постигнато?

КРЖАЛОВСКИ: Ова е поврзано со претходното и може да има барем две толкувања со кои се остава простор за компромис: а) дека може да се прифатат промени во Уставот под услов да нема промена на уставното име (пр. може други членови да се менуваат, а можеби и да има нов член кој ќе ја дополни или дообјасни употребата на името договорено со Грција) или  б) може да се прифати употреба на договорено име со Грција (пр. билатерално и/или во меѓународните организации), но тоа да се уреди со договор меѓу двете држави (како тој од 1995 година) без да се менува уставот! Не знам на што мислат во партијата со ваква формулација... можеби е и нешто трето.

ПРЕС24: СДСМ исто како и опозицијата најави дека за решение на името ќе има референдум. Колку е за очекување дека целиот овој пакет може да се заокружи со референдум до јули, кога е самитот на НАТО и колку се реални шансите за прием на Македонија во НАТО оваа година?

КРЖАЛОВСКИ: Мислам дека е прилично јасно сега, по неколку повторувања од премиерот Заев и министерот Димитров, дека референдум секако ќе има.  Прашањето е - кога ќе има, односно ако и се постигне некој договор со Грција, дали тоа ќе се постави веднаш на референдумско изјаснување или ќе се остави определен период (кој може да биде и не толку краток, пр. една или две години) за сензитација на јавноста и доволно време за убедување на граѓаните дека решението е добро за Македонија.

ПРЕС24: Дали опцијата на некаков договор за добрососедство што го најави и Коѕијас би бил отворена врата за НАТО и паралелен процес на решавање на името до членство на Македонија во ЕУ?

КРЖАЛОВСКИ: Тоа може да е потребен (и доволен) потег, за да се разделат прашањата на повеќе помали делови, кои полесно ќе може да се совладаат (слично како во договорот со Бугарија). Со таков договор можеби ќе се решат некои прашања кои не се многу проблематични и ќе се уреди постапката за постигнување на договор за останатите прашања. Тоа би можело да вклучи и откочување на влезот во НАТО и почеток на преговорите за ЕУ членство, иако јас не сум многу оптимист дека ќе се постигне тоа до јули.

ПРЕС24: Како ги коментирате тие четири точки што Коѕијас вели дека биле составен дел од еден таков договор за добрососедство?

КРЖАЛОВСКИ: Четирите точки се однесуваа на името и за жал сметам дека со тоа Грција иако навидум отвара простор за разговори за разни решенија, всушност прилично ги затвара опциите и можностите кои евентуално би биле прифатливи за Македонија. Но, да не коментираме пред време, да видиме на што конкретно мислат кога ќе го претстават предлогот за 2-3 недели.

ПРЕС24: Минатата недела премиерите Заев и Ципрас одлучија да ги внесат шефовите на дипломатиите во преговарачкиот процес со Нимиц. Дали тоа е некој вид финална фаза од процесот или повеќе е знак на недоверба што кај македонската страна би постоел кон преговарачот Наумовски?

КРЖАЛОВСКИ: Средбата на премиерите беше добар почеток, а секако и подигањето на нивото на одговорните за доаѓање до решение на министерско ниво. Јас би го гледал повеќе како зголемена посветеност кон решение, отколку недоверба кон преговарачот Наумовски, иако може да се должи делумно и на тоа (невообичаената изјава на Наумовски по средбата со медијаторот Нимиц).

ПРЕС24: Колку ветувањето од Грција за отворање  на граничниот премин Маркова Нога е реално да се очекува дека ќе се случи?

КРЖАЛОВСКИ: Не гледам некој поголем проблем тоа да се случи и не би го поврзувал директно со спорот за името, освен како некој знак плус на добра волја.

ПРЕС24: Дали отстапките што Премиерот Заев ги најави со промена на името на аеродромот и автопатот се добар чекор за македонските преговарачки позиции во овој момент?

КРЖАЛОВСКИ: Јас лично мислам дека тие отстапки не беа потребни, но ако со тоа се откочат преговорите за ЕУ, тогаш е мала жртва од наша страна

 

 

 

03.02.2018 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа