Акција за чистење во кругот на комплексот клиники „Мајка Тереза“

Акција за санирање на пристапните патишта и чистење на просторот меѓу клиниките во кругот на комплексот клиники „Мајка Тереза“ е спроведена денеска во организација на Министерството за здравство.

Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека акцијата е добра за пациентите и за лекарите, и би било убаво таа да стане ритмичка и да се повторува секои два до три месеци.

- Направивме анализа за тоа кои се најголеми жалби на пациентите во Клиничкиот центар и во болниците. Апсолутно на прво место беше хигиената. Затоа е и оваа прва акција. Вакви се надевам и други методи што ќе ги користи Министерството во иднина за да се одржи хигиената и надвор и внатре во клиниките, бидејќи тоа е сериозен проблем, изјави Таравари.

Посочи дека фирмите во акцијата се приклучиле доброволно и дека вака треба да функционираат сите институции и дека за доброто на пациентите вреди да бидеме заедно.

Директорката на Службата за општи и заеднички работи на скопските Клиники Шкодране Дарлишта рече дека во денешната акција учествуваат јавните претпријатија од градот Скопје „Паркови и зеленило“, „Градски паркинг“, „Комунална хигиена“ и „Дрисла“, како и приватните компании „Стед комерц“, „Река“ и „Изградба комерц“.

- Ова се јавните претпријатија што секогаш помагаат во кругот на Клинички центар и се надеваме дека оваа акција ќе се повтори за подобрување на хигиената во кругот на Клинички центар, изјави Дарлишта.

Посочи дека Службата има вработени кои се грижат 24 часа за хигиената во кругот на Клинички центар и ќе продолжат заедно со компаниите кои се дел од акцијата секојдневно да работат на одржување на хигиената.

На новинарско прашање што покажаа инспекциите во другите болници, Таравари рече дека, проблеми со хигиената има и во другите болници и сериозно размислуваат, бидејќи е главен лоциран проблем.

- Веќе размислуваме за идејни решенија и како да го поправиме тоа. Можеби ќе ангажираме надворешни фирми, прво експериментално во две болници. Гостивар и Гинекологија ќе почне една фирма што бесплатно ќе работи и според тоа како ќе бидат задоволни пациентите и лекарите и дали интрахоспитални инфекции се намалени, потоа ќе одлучиме дали тоа ќе го спроведеме на уште неколку клиники каде можеме финансиски, изјави Таравари.

Посочи дека инспекторатот има решенија за одредени болници, за кои наскоро ќе има и казни за менаџери и вработени.

Прашан каде е најлоша состојбата, Таравари рече дека е лошо во Гинекологија и Штип, но дека најпрво би ги почекал официјалните документи.

Во однос на кадровските решенија и смените, Таравари, рече дека ревизија е направена само на Министерството за здравство и за другите клиники се очекува наскоро да бидат направени.

- Со именувања ќе продолжиме оваа недела. Ќе биде постепено, полека не брзаме, следните две до три недели се надевам дека скоро 70 до 80 проценти од Клиниките ќе имаат нови директори, рече Таравари.

За најавените измени во системот „Мој термин“, Таравари рече дека се работи интензивно и во текот на неделата ќе биде промовирано нешто ново.

- Тоа ќе биде една новост, кога се раѓа детето не оди никаде, туку во болница се дава извод на родени и препораки за мајките за следните неколку месеци. Значи, да не одат родителите по изводи и други документи, вакцини што треба да ги прими, изјави Таравари. 

 

 

 

16.07.2017 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа